„Откако ја исполни промислата за наша полза и земното го соедини со небесното, се вознесе во слава, Христе Боже наш, без да се разделиш од нас, но останувајќи секогаш со нас, и викајќи им на оние што Те љубат: Јас сум (секогаш) со вас, и никој ништо против вас не може.“ (кондак на Вознесение).

Sports News | Nike Releases, Launch Links & Raffles

Празникот на Вознесението Христово е празник на вознесувањето на човековата природа и нејзиното востоличување од десната страна на Бога Отецот. Преку вознесението е извршен предвечниот план за спасението на човекот и во потполност е обновена првобитната заедница меѓу Бога и човекот, онаа заедница за која човекот и беше создаден. Што значи дека Господ Исус Христос ја заврши Својата спасителна мисија токму тука и токму сега, зашто природата која Адам ја погреба и ја предаде во оковите на смртта, сега овој Втор Адам ја издигна во совршено достоинство и ја постави од десната страна на Бога.

На 02.06.2011 година, денот кога го прославивме светото Вознесение Христово, беше отслужена света архиерејска Литургија во манастирот „Вознесение Господово“ во с. Горно Лакочереј, Охрид, на која чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Дебарско-кичевски г. Тимотеј во сослужение на архимандрит Нектариј (Најдоски), свештениците Никола Христоски и Горан Ставрески и ѓаконите Николче Ѓурѓиноски и Васко Голабоски. По завршувањето на Литургијата беше извршен Мал водосвет и се прекрши празничниот колач, а потоа верниот народ, носејќи црковни бајраци, крстови и икони, тргна во свечена литија. Пред многубројните верници, Митрополитот Тимотеј се обрати со пригодна беседа која интегрално ви ја пренесуваме.

Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!
Драги браќа и сестри!

Нашиот Спасител Господ Исус Христос, после Неговото воскресение престојувал четириесет дена на земјава. Откако Он воскресна местото му прилегало да биде на небото, но Он останал на земјава за да ги увери сите во вистинитоста на Своето воскресение. На своите ученици и апостоли „Он им се јавил жив по страдањата свои со многу вистински докази низ овие четириесет дена и им зборувал за Царството Божјо“ (Дела 1, 3).

Христос се вознел на Елеонската планина, таму каде што Тој често љубел да оди и да се моли по цели ноќи, таму каде што Неговиот ученик Јуда и ќе го предаде и од каде и ќе го започне Голготскиот пат. Христос се вознесе на небото, онаму каде Му прилега да биде и каде повторно оди заради нас: „Јас одам да ви приготвам место на вас“ (Јн. 14, 2).

Како што во Стариот Завет првосвештеникот влегувал во Свјатаја Сватих за да посредува за луѓето пред Бога, така и Христос се вознесе на небото „за да се моли за нас“ (Евр. 7, 25). Уште една причина повеќе за Неговото присуство на небото заради нас. Зашто во неговата личност се осветува и вознесува човековата природа и ги покрива со милоста сите оние за кои Он и прима човечка природа. „Слегнатиот е истиот, Кој се издигна повисоко од сите небеса за да исполни сè“ (Ефес. 4, 10).

Христос се вознесе на небото со неговата божествена сила. Облакот кој го покрил неговото лице од очите на апостолите било не средство за вознесението, туку почит на Божеството, како што и славата Божја на Израилот во вид на облак ја исполнил скинијата. (Исход 40, 34). Неговото место после вознесението е место што ги надминува сите небеса.

Зошто апостолите после Христовото вознесение се вратиле во Ерусалим со радост? Тие го запаметиле првото ветување Христово: „Јас сум со вас преку сите дни до крајот на светот“ (Мт. 28, 20). Он Кој сè исполнува и секаде е присутен, секогаш е со нас со Своето Божество и со Својата човечка природа; во светот, во црквата, во евхаристијата.

Вознесението Христово ја зацврстува нашата вера во невидливото. Голема била заслугата на апостолите, иако тие преку видливата човечка природа на Исуса Христа поверувале во Неговата божественост. Но, уште поголема заслуга припаѓа на тие кои поверувеле во Него не гледајќи Го: „Блажени се оние кои не видоа, а поверуваа“ (Јн. 20, 29). Вознесението Христово ја зацврстува нашата надеж. Самиот факт што Христос ја вознесе човечката природа на небото ни дава надеж дека и ние ќе бидеме со Него. Токму затоа и самиот Господ Исус Христос говорел: „Кога ќе отидам ќе ви приготвам место на вас“ (Јн. 14, 3).

Вознесението Христово ја згрејува љубовта кај нас за небесните нешта. Апостол Павле вели: „Барајте го она што е горе каде што Христос седи оддесно од Бога“ (Кол. 3, 1). „Зашто каде што е богатството ваше, таму ќе биде и срцето ваше” (Мат. 6, 21). А заради идното доаѓање на Светиот Дух и заради љубовта кон луѓето, Божествениот Учител ги упатува апостолите кон небесното и им вели: „Подобро е за вас Јас да си отидам, зашто ако не си отидам, Утешителот нема да дојде при вас...“ (Јн 16, 7).

„Тоа што е далеку од очите - далеку е и од срцето“. Оваа поговорка е правилна кога се изразува односот помеѓу луѓето, но не и за односот на луѓето кон Бога. Тука ќе биде обратно: „Далеку од очи, блиску до срцето”. Но, и по вознесението Христос не се сокривал од луѓето. Он им се јавил на патот за Дамаск и од Савле, гонителот на црквата, направил апостол на народите (Дела 9). Можно е со вера да се прими дека Он се јавил вистински и на Својата Пречиста Мајка додека таа престојувала на земјава. Он им се јавувал и на многу други светии и угодници. Ќе го видиме Него и при крајот на светот, кога Он ќе дојде да му суди на светот.

Главна задача за нас христијаните е да се трудиме, та во последниот ден да му покажеме на Праведниот Судија и да засведочиме пред Него дека вознесението Негово било делотворно за нас. Тоа послужило за зацврстување и утврдување на нашата вера, за закрепување на нашата надеж и загрејување на нашата љубов. Ако така постапуваме ние ќе ги слушнеме зборовите од устата на Христа, нашиот Спасител: „дојдете наследете го царството подготвено за вас од почетокот на светот“ (Мат. 25, 34). Амин!

Митрополит Тимотеј

Вознесение Господово
02.06.2011 година, ман. „Вознесение Господово“ с. Г. Лакочереј, Охрид

vozn2011

vozn2011 2

vozn2011 4

vozn2011 6

vozn2011 8

vozn2011 10

vozn2011 12

vozn2011 14

vozn2011 16

Fotogalerija

galerija

Izdava{tvo

izdavastvo

Crkoven kalendar

Октомври 2015
Пон Вто Сре Чет Пет Саб Нед
28 29 30 1 2 3 4
5 6 7 8 9 10 11
12 13 14 15 16 17 18
19 20 21 22 23 24 25
26 27 28 29 30 31 1