„Откако во целиот свет Црквата Твоја се украси со крвта на мачениците, како со багреница и свила, преку нив таа Ти вика: Христе Боже, испрати им ги Твоите добрини на Твоите луѓе, мир на Твојот народ дарувај му, и на душите наши – милост голема“. (тропар на празникот Сите Светии)

Во првата недела после Педесетница го прославуваме празникот посветен на Сите Светии кои живееле по целиот свет. Ги славиме сите оние што Светиот Дух ги осветил со благодатта и кои се подвизувале поради единствениот Христос и се овенчале како слуги на единствениот Бог.

Buy Kicks | Converse Chuck 70 National Parks - Red Bark / Malted / Gold Dart – Spartanova

На 19.06.2011 година, денот кога го прославувавме овој празник беше отслужена света архиерејска Литургија во манастирот „Сите Светии“ во с. Лешани, Охрид, на која чиноначалствуваше Неговото Блаженство Архиепископот Охридски и Македонски г.г. Стефан, во сослужение на Нивните Високопреосвештенства Митрополитот Дебарско-кичевски г. Тимотеј и Митрополитот Повардарски г. Агатангел, архимандритите Нектариј (Најдоски) и Партениј (Фиданоски), игумен Јосиф, протоереј Темелко Донески, свештеник Димко Димески, јеромонах Прохор, свештеник Игор Никовски, јеромонах Вартоломеј (Пројковски), игумен на манастирот, јеромонах Григориј (Настески) и ѓаконите Николче Ѓурѓиноски и Васко Голабоски. Пред започнувањето на Литургијата беше извршено преосветување на манастирската црква поради поставувањето на нов иконостас и новиот фрескоживопис во наосот и олтарот. По завршувањето на Литургијата беше извршен Мал водосвет и беше прекршен празничниот колач, а Архиепископот Стефан се обрати кон многубројниот верен народ со пригодна беседа, која интегрално ви ја пренесуваме.

ДУХОВНИТЕ ГРАДБИ – ДЕЛ ОД НАШИОТ ИДЕНТИТЕТ

Најпрво, од свое име и од името на сите поканети гости, сакам да заблагодарам за поканата и на можноста да се радуваме на овој ден заедно со вас, православните чеда од овој крај, и заедно, на овој празник, да им се молиме на сите светии.

Денес имаме и настан и повод за двојна радост: одбележуваме 100 години од изградбата на овој свет манастир и, воедно, извршуваме преосветување на истиот. Одбележувајќи еден век од градбата на оваа светиња, прилика е да потсетиме на тогашните невремиња со кои била зафатена македонската земја и македонскиот народ. Тоа е период по Илинденското востание, тоа е време кога сè уште се пресни раните по духовно-националниот македонски организам; тоа е време на црнила и страданија под разбеснетиот поробител, време кога се насетуваат нови војни и премрежија за нашиот народ и земја; тоа е време кога поробена Македонија е желба за плен на соседните народи; време кога се планираат нови ропства, нови делби и поделби, нови меѓи и граници. И, во едно такво време, исполнето со невидени злокоби, нашите постари не Му вртеле грб на Господа, туку напротив, во Него и во Неговите светии им била сета надеж.

Вашите дедовци и прадедовци, овде во Лешани и околината, иако за себе немале, делеле од устата и давале за Бога и за Неговите свети сè што имале. Овој манастир е споменик за светиите, за сите познати и непознати свети луѓе, за сите сведоци Божји и сведоци за вистината и, веројатно, е единствениот овде и во поблиското опкружување и сигурно е меѓу ретките во православните земји, посветен на овој ден, на празникот на Сите Свети.

Возљубени,

Нашите постари граделе за Бога, но и имале на кого и на што да се угледаат. Македонија отсекогаш била земја-црква, земја на олтари и конаци, земја со градби за Бога и за Неговите светии. Од најрани времиња, откако Христовата наука е присутна на нашиве простори, се градело и надградувало. За тоа ни сведочат остатоците од базиликите во Охрид, Хераклеа, Стоби, и сите остатоци по античките градови низ Македонија. Плаошник е тврдина од темели и ѕидини; таму, чиниш, ридот израснал од молитвите и градбите на генерациите пред нас! И што е најважно – примерот на Охрид е следен по сета наша земја и во сите периоди. Затоа, каде и да тргнеме по Македонија, ќе нè дочекаат цркви и манастири, каде и да се свртиме, ќе нè пресретнат крстови и камбани! Од Бигорски до Осоговски, од Пчињски до Велјушки и потаму, сè цркви и манастири, сè светиња до светиња! И немаме ни повредно, ни поубаво со кое можеме да се претставиме пред очите на другите народи: духовното е најголемо наше богатство. Секој кој ги видел нашите цркви и манастири, нашите фрески и икони, тој посакал повторно да ги види или ги препорачал и на други да ги посетат и видат делата на нашите мајстори и копаничари, делата на нашите зографи и иконописци. И уште нешто: кога се во прашање нашите цркви и манастири, треба да го истакнеме и фактот дека за нашиот народ тие не биле само домови Божји и духовни светилишта! – Секое нивно уривање и обесветување, секое нивно претворање во обкјекти за друговерни намени, значело поткопување и уривање на домовите на сиот народ, значело поробување и  ропство за сите и за сè! И, сите непријатели кога сакале да го поробат нашиот народ, тоа го правеле преку преземањето и освојувањето на духовните вредности. И Османлиите, и пропагандите на соседните народи, токму преку духовните завладувања сметале дека најдобро ќе го поробат и освојат нашиот народ. Па и денес, со неприфаќањето и непризнавањето на Македонската православна црква, се посакува токму тоа: да се владее духовно, за да се завладее целосно! Во таа смисла треба да се разберат и сите други негирања: и на името, и културата, и јазикот, и историјата, и идентитетот, и на сè што е македонско... Но знаел и знае нашиот народ и кои биле, и какви биле и кои се опасностите што демнеле и демнат пред нашите црковни и манастирски порти и, воопшто, пред дверите на нашата Света Црква. Знаел нашиот народ дека преку градењето и чувањето на своите светињи, и најдобро и од секого ќе се одбрани и ќе се зачува. Знаел нашиот народ дека градејќи за Бога и за неговите светии, гради за себе и ги надградува минатото и иднината. Знаел нашиот народ дека градејќи цркви и манастири, најдобро и себеси се надградува! Знаел нашиот народ дека храмовите Божји се универзални училишта, од кои постојано се учи и духовното и народното, се учи она што е душеполезно и спасоносно. Можеме ли да размислиме кои би биле ние без духовните вредности и што би биле кога не би ги имале истите? Можеме ли да го замислиме Лешани без „Сите Светии“, или Охрид без „Света Софија“, без Плаошник и Свети Наум, или Македонија без духовното богатство? Затоа, да ги чуваме нашите храмови и манастири, да ги чуваме за себеси да се зачуваме! И нешто друго да имаме секогаш на ум – без духовното, без верата наша православна, немаме ни идентитет, немаме ни минато, ни иднина. Зашто, гледајќи ги сите овие духовни светилишта, гордо распослани по нашата земја, не можеме, а да не го заклучиме единственото логично – дека нашите предци граделе цркви и манастири зашто знаеле дека тоа е вистинското, знаеле дека без тоа не се ништо, знаеле дека тоа е спасоносното, тоа е целта на животот овде на земјата – да се слави Бога, да се гради за Бога, да се поднесува подвиг во Бога, да се учи како да се живее со Бога овде во привременото, за да се радува со Него во вечното. Затоа, да им кажеме гласно не на сите оние што на секој начин сакаат да ни ја оспорат верата, без разлика дали се домашни или надворешни, зашто тоа се луѓе без корен, без минато и иднина, луѓе без визија и просветленост, луѓе без вера и нација. И уште нешто, никогаш да не дозволиме да ја изгубиме верата во Бога, туку секогаш за неа да се учиме во Црквата и од Црквата, да се учиме од автентичното и вистинско предание на сите православни генерации пред нас!  

Токму вашиот пример со манастирот посветен на „Сите Светии“, за тоа како се сака и како се чува својот манастир, нека биде пример за сите наши села и градови, за сите наши свети места и градби.

Честитајќи ви ја 100-годишнината од градбата и чинот на преосветувањето, посакувам милоста Божја да биде со сите вас и овој манастир да доживее вековни прославувања. Чествувајќи ја денешната радост, да Му се помолиме на Бога да ни ги обнови и зацврсти љубовта и единството, верата и добрата волја меѓу сиот наш народ.

И, на крајот, да им заблагодариме најпрво на отец Вартоломеј, како и на сите коишто го помагаат и се грижат за овој манастир. Дај Боже уште многу вековни духовни радости и растежи и овде, и во сите наши светињи. Амин!         

  

Архиепископ Охридски и Македонски г.г. Стефан

Недела на Сите Светии
19.06.2011 година, ман. „Сите Светии“ с. Лешани,Охрид

sisveti2011

sisveti2011 2

sisveti2011 4

sisveti2011 6

sisveti2011 8

sisveti2011 10

sisveti2011 12

sisveti2011 14

sisveti2011 16

Fotogalerija

galerija

Izdava{tvo

izdavastvo

Crkoven kalendar

Октомври 2015
Пон Вто Сре Чет Пет Саб Нед
28 29 30 1 2 3 4
5 6 7 8 9 10 11
12 13 14 15 16 17 18
19 20 21 22 23 24 25
26 27 28 29 30 31 1