На 12.07.2011 година, денот кога го празнуваме споменот на светите првопрестолни апостоли и учители на вселената, св. Петар и Павле, во храмот „Св. Петар и Павле“ во Кичево, беше отслужена света архиерејска Литургија на која чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Дебарско-кичевски г. Тимотеј, во сослужение на архимандрит Нектариј, протоереите Војне Ристески и Стевчо Тошевски, свештеник Игор Никовски и ѓаконот Николче Ѓурѓиноски. На Литургијата присуствуваше многуброен верен народ кој со пост и молитви се подготвил да пристапи кон Светиот Путир. По завршувањето на Литургијата беше извршен Мал водосвет и беше прекршен празничниот колач, а Митрополитот Тимотеј се обрати кон верните со пригодна беседа, која интегрално ви ја пренесуваме.

Nike air jordan Sneakers | Air Jordan 1 Retro High OG 'University Blue' — Ietp

Во името на Отецот и Синот и Св. Дух!
Драги браќа и сестри,

Светата православна Црква секој ден прославува некој Божји угодник. Денеска ги прославува, пак, двајцата првопрестолни апостоли Петар и Павле, на кои е посветен и овој прекрасен храм во Кичево. Овие апостоли живееле пред 20 века и биле современици на Господа Исуса Христа, но со нашето присуство во овој храм посведочуваме дека тие се живи и денес, и покрај тоа што одамна отишле од овој свет на другиот.

Овие апостоли припаѓаат на две сосема различни средини. Апостолот Петар бил обичен, прост рибар од градот Витсаида. Тој заедно со неговиот брат Андреј ги крпел мрежите рибарски кога Господ Исус Христос ги повикал да одат по Него. Тие поверувале дека Он е Месија и веднаш тргнале по Христа. Многубројните чуда што ги правел Христос сведочеле за тоа Кој е Он и дека Он е испратен од Бога. Но, многумина сето тоа не го гледале и мислеле најразлично: едни за Мојсеј, други за Илија, или за некој од големите пророци. Но, кога Петар бил запрашан од Христа за тоа Кој е Он?, тој одговорил: „Ти си Христос, Синот на живиот Бог.“ Исус по исповедувањето на овие зборови му рекол: „Блажен си ти Симоне, сине Јонин, оти тело и крв не ти го открија тоа, туку Отецот Мој Кој е на Небото... Ти си Петар и на тој камен ќе ја соѕидам Црквата Своја и вратите на пеколот нема да ја надвладеат“ (Мт. 16, 15-18).

Додека, пак, апостолот Павле бил од градот Тарс  и се викал Савле. Тој бил многу учен. Ги изучил за тоа време сите можни школи, но и покрај големата ученост, имал многу суров карактер и бил жесток гонител на христијаните. Така, поаѓајќи за Дамаск, денешна Сирија, за да ги гони христијаните имал видение по патот. Му се јавил Христос и го повикал на вистинскиот позив - проповедање на христијанството помеѓу незнабожечките народи.

Овие двајца апостоли после Вознесението, а особено по Педесетница, кога ќе го примат Св. Дух, ќе го проповедаат христијанството по целата вселена не плашејќи се од никакви гонители, омаловажувачи, потценувачи и слично. И двајцата маченички ќе го завршат својот живот во Рим, за време на жестокиот гонител на христијаните римскиот император Нерон во 67 година.

Тука ние малку кажавме за овие големи апостоли. Но, ни се открива еден факт кој е многу важен, а тоа е дека преку посредништвото на благодатта Божја која ги препородила, инспирирала и охрабрила овие немоќни луѓе, силно и неустрашливо го проповедале Евангелието - благата вест. Затоа и апостол Петар на првата Педесетница можел да одговори на прашањето од луѓето што му било поставено нему и на другите апостоли: „Што да правиме браќа?“, а тој им одговорил: „Покајте се и да се крсти секој од вас во името на Исуса Христа за простување на гревовите и ќе примите дар од Светиот Дух“ (Дела 2,37-38).

И ние имаме потреба да се запрашаме што треба да правиме? Најпрво тоа е да сме крстени и да ја посетуваме Црквата. Потоа, потребно е постојано да го слушаме Словото Божјо кое ни се упатува и препорачува. Покајте се; љубов помеѓу себе имајте; мир во светот градете. Со еден збор изменете ги своите лоши навики. Покрај ова, потребно е постојано да сме во молитвена благодарност на Бога за сè што ни дава. А Бог на луѓето им е најголем дародавател. Он ни дава живот, здравје и умна способност. Он ни дава чист воздух, благотворен дожд и животворно сонце. Он го благословува човечкиот род и прави Земјата да раѓа обилни плодови за наша исхрана.

Затоа треба да знаеме дека благодатта Божја што ја добиле апостолите направила сите овие недостатоци и човечки слабости да ги победат и со тоа да ни дадат пример со нивниот праведен и свет живот. Само со таква благодат може да се оживеат и одржат високите морални вредности. Човек без благодат секогаш е склон да направи грев и беззаконие. Благодатта, пак, го води кон праведност и сличност на Бога. Само таа може да ја одржи љубовта помеѓу луѓето и само така човек станува морално и совршено битие слично на Бога. Ако нема љубов во срцето, човекот е некорисен и подеднакво штетен за себе и за околината. Апостолот Павле многу добро ја знае оваа вистина од личното искуство и според влијанието на Светиот Дух тој тоа им го вели и на христијаните: „Може човек да биде учен, да зборува на сите можни човечки јазици, па дури и ангелски, да има пророчки дар и да ги знае сите тајни, може да има вера и планини да преместува: може да го раздаде својот имот и да прави добри дела, може да биде таков подвижник, та и своето тело да го предаде да биде изгорено. Но, и покрај сè ова ако љубов нема во своето срце, ништо е, односно ништо не му користи“ (1Кор. 13.1-3). Само љубовта која благодатта Божја ќе ја освети може вистински да направи човекот да прави добро на луѓето. Апостол Павле за себе вели: Додека немал љубов во неговото срце, не бил ништо повеќе од обичен грешник. Бил исполнет со ниски страсти и грешни мисли, гонејќи ја Црквата и вистината.

Драги браќа и сестри, и ние денеска треба да прифатиме една неоспорна вистина. Човечката природа сама по себе е немоќна да го победи гревот и да го усвои доброто. Таа е подложна на пороците и  грешните наклонетости. Вистина е дека ние добиваме благодатна помош преку светите тајни. Но, ако не се потрудиме од себе да ги отстраниме гревовите тогаш лесно ја губиме таа сила. Благодатта не делува во нас без наша волја. Таа не нè принудува, не нè присилува. Затоа кога ќе согледаме дека во нас нема пламена љубов на мирот и страв Божји, треба да знаеме дека ние сме причина за тоа. Апостолите биле исполнети со даровите на Духот Божји. Но, од моментот кога ги примиле овие дарови во нивните срца немало повеќе место за грев. Овие дарови ги направиле да бидат сеачи на вера, мир и правда. Нивната грижа била само да останат во потполна власт на таа благодат и да работат по нејзино раководство.

Од сè што досега кажавме за овие двајца првопрестолни апостоли, сознаваме дека без благодатта Божја ние сме не само слаби и немоќни, туку и склони на грев и престапи. Затоа треба преку покајание да го отстраниме гревот од нашите срца и да ñ дадеме повеќе простор на благодатта. Благодатта е дар кој е наменет за секој човек. И нам ни е даден овој дар. Потребна е цврста волја да живееме според правилата на Законот Божји. Тогаш благодатта во нас ќе ја покаже својата сила и се ќе измени на добро. И нашата вера ќе ја направи здрава и цврста и науката наша чиста и позитивна, а нашето знаење појасно и благотворно и ќе ни го исполни нашето срце со љубов, мир и радост во Светиот Дух. Прославувајќи го овој празник на светите апостоли Петар и Павле да останеме потполно во власта на благодатта и љубовта, сега и во сета вечност. Амин!

Митрополит Тимотеј

св. Петар и Павле
12.07.2011 година, храм „Св. Петар и Павле“ Кичево

petrov2011

petrov2011 2

petrov2011 4

petrov2011 6

petrov2011 8

petrov2011 10

petrov2011 12

petrov2011 14

petrov2011 16

Fotogalerija

galerija

Izdava{tvo

izdavastvo

Crkoven kalendar

Октомври 2015
Пон Вто Сре Чет Пет Саб Нед
28 29 30 1 2 3 4
5 6 7 8 9 10 11
12 13 14 15 16 17 18
19 20 21 22 23 24 25
26 27 28 29 30 31 1