Во Петтата недела по педесетница и на денот кога го празнуваме св. Андреј Критски (17.07.2011) беше осветен новиот храм посветен на св. вмч-ца Недела во с. Драслајца, Струга. Со свечениот чин на осветување и со светата архиерејска Литургија чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Дебарско-кичевски г. Тимотеј, во сослужение на протоереј Темелко Донески, свештениците Петар Бојчиноски и Игор Никовски и ѓаконите Николче Ѓурѓиноски и Васко Голабоски. Многуброен верен народ учествуваше на овој свечен чин, а по завршувањето на Литургијата Митрополитот Тимотеј се обрати кон своето верно стадо со пригодна беседа која интегрално ви ја пренесуваме.

jordan Sneakers | Vans Shoes That Change Color in the Sun: UV Era Ink Stacked & More – Fitforhealth News

Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!
Драги браќа и сестри!

Како што знаеме нашата света Црква уште од своето основање била прогонувана. Кулминицијата на прогонството настапува во третиот век за време на жестокиот гонител на христијанството, римскиот император Диоклецијан. Во овој век беснееле прогоните и убивањата против верата во Христа. Во овој период, свое исполнување наоѓаат пророчките зборови што ги изговорил нашиот Спасител, Господ Исус Христос, на Своите апостоли: „Ќе ве предадат на мачење, и ќе ве убијат; и ќе бидете мразени од сите народи, заради Моето име” (Мт. 24, 8). Но, да не заборавиме дека токму во третиот век се случува и Христовата победа преку силата Божја и со верата на праведниците и таа вера станува сè подејствителна и исполнети се зборовите на Господа Исуса Христа: „Јас го победив светот” (Јн. 16, 33).

Во тоа време Бог прослави многу свои избраници, свети мажи и жени и ги направи маченици и исповедници на верата. Од прославените беше и света маченица Недела на кого е посветен и овој храм, односно параклис, во ова прекрасно село Драслајца, Струшко.

Света Недела потекнувала од благочестиво семејство и уште од младоста го засакала Господа Исуса Христа и него го избрала за свој Жених - Младоженец. Таа го слушала словото Божјо и го слагала во нејзиното срце и таму тоа нашло убава почва да фати цврсти корења, да никне и даде добар плод на верата и светоста. Затоа, таа уште од раната младост живеела според законот Божји и издигнувајќи се повисоко со големи успеси постигнувала на својот животен пат спасение. И покрај тоа што била многу лична и богата девојка на која и предлагале сè што можело да го привлече и соблазни човечкото срце на оваа земја, таа ги победила соблазните од овој свет и ги гледала само отворените двери на Господа. Пред нејзиниот поглед блескала само убавината на Синот Божји. И нејзиниот дух се вознесувал нагоре и таа ја видела смислата и значението на целиот свет и заради тоа таа го претпочитала царството Божјо. Оваа чиста девојка не сакала да биде робинка на својата убавина и ја барала вистинската убавина, која ги украсува моралните сили преку благочестив живот и светост и ја постигнува убавината на душата. Од Бога ја барала таа убавина и кон Него ги упатувала молитвените зборови. Бидејќи таа знаела дека праведниците го примаат „венецот на убавина од раката Господова” (Мудр. Сол. 5, 16).

Оваа маченица која била слаба според телесните сили ги преживеала сите маки, страдања и измачувања со силата Божја и со пофални зборови кон Господа го завршила маченичкиот свој живот со зборовите: „Господ е крепост моја и песна”. (Пс. 117, 14). „Во светот ќе имате маки; но не плашете се”, им кажал Христос на своите апостоли (Јн 16, 33). И света Недела преживеала многу различни мачења и страдања заради Христа, но со силата на Божјата благодат која била врз неа, таа сето тоа го преживеала потсетувајќи се и утешувајќи се на зборовите на Господа дека „Он е прибежиште мое секој ден” (Јерем. 16, 19).

Бог ја прослави света Недела заради нејзината верност кон Божјиот Син, бидејќи оние кои ќе страдаат заради Христа ќе бидат и прославени од Него (Рим. 8, 17). По маченичката смрт, Бог ја украси со славен венец на животот и тој блеска во очите на верниците до денеска. Во неа се исполнија зборовите Божји: „Биди верен до самата смрт и ќе ти го дадам венецот на животот” (Откр. 2, 10).

Со вакви избрани луѓе Бог го прослави периодот на злобниот Римски император Диоклецијан, за да покаже колку е силно царството на благодатта, на светлината и пробудената совест. Токму преку ваквите маченици на царството Божјо беше победено царството на злото и лошите сили, беше победен светот кој лежи во зло, бидејќи после овој жесток гонител немало повеќе тешки препреки за проширување на верата во Христа и утврдувањето на христијанската вера. Потоа широко ќе се отворат вратите низ целата Римска империја и силен ветар ќе дувне на Божјиот дух и ќе го пренесува Словото Божјо за спасение на луѓето. Словото Божјо веќе паѓало на добра почва и донесувало богат плод за нов живот во Христа. Крвта на мачениците го оросило плодното духовно поле да роди нов живот за сите што ќе поверуваат во науката Христова. Сосема во право е позната мислата на еден црковен писател од првиот век на христијанството кога вели: „Крвта на мачениците е семе за нови христијани”.

Во Светото Писмо, пак, големиот псалмопевец Давид вели: „Скапа е во очите на Господа смртта на Неговите светии” (Пс. 115, 6). Навистина смртта е и драгоцена бидејќи е и за Господа поради верата, заради високите начела на Евангелското учење. Тоа е смрт заради небесните идеали. Има разна смрт. Има смрт светла и драгоцена и смрт обична, па дури и поразителна. Има смрт која сјае и остава светлина засекогаш во благочестивоста на светата Црква и на верниците и во летописните книги на историјата. Но, има и смрт која не остава таков блесок, но е драгоцена во очите на Господа. Таква смрт е на оние што го напуштаат овој свет со силна надеж и вера во Бога и кои во Неговите раце го предаваат духот свој и кои оставиле добри дела.

Света Недела била избраница Божја бидејќи имала чиста вера која се манифестирала со искри во нејзиниот живот со сила. Затоа таа можела да го следи Господа со таква сила и со такво самоодрекување откажувајќи се од младоста, убавината, богатствата и сите придобивки во овој свет. Да ја следиме нејзината вера, тоа е патот кој Бог ни го посочува да врвиме, во Неговата љубов, мудрост и спасение.

Ја користам оваа прилика како надлежен епархиски архиереј на МПЦ за ова подрачје да им искажам искрена благодарност на црковниот одбор при црквата света Богородица во Драслајца за нивниот сериозен и сèпредан зафат во овие неколку години да се организираат и да го изградат од темел овој прекрасен дом Божји посветен на света маченица Недела. Истовремено искажувам благодарност и на сите донатори, приложници и украсители кои одделија од нивните средства и го помогнаа градењето на овој храм. Не помала благодарност упатувам и кон сите вас браќа и сестри што дојдовте на овој свечен чин заедно да се помолиме во него и да побараме милост од Бога и благослов за наше одење по патот што го препорачува и советува нашата света Црква.  Во нашиот народ се вели: „Рака што дава, Господ никогаш празна не ја остава”. Затоа Го молам Господа Исуса Христа и света маченица Недела на секој што помогнал и што ќе помогне, стоструко семилостивиот Бог да му возврати. По молитвите на света Недела нека биде така. Амин!

Митрополит Тимотеј

Петта недела по Педесетница и св. Андреј Критски
17.07.2011 година, храм „Св. вмч-ца Недела“ с. Драслајца, Струга

draslajca2011

draslajca2011 2

draslajca2011 4

draslajca2011 6

draslajca2011 8

draslajca2011 10

draslajca2011 12

draslajca2011 14

draslajca2011 16

draslajca2011 18

Fotogalerija

galerija

Izdava{tvo

izdavastvo

Crkoven kalendar

Октомври 2015
Пон Вто Сре Чет Пет Саб Нед
28 29 30 1 2 3 4
5 6 7 8 9 10 11
12 13 14 15 16 17 18
19 20 21 22 23 24 25
26 27 28 29 30 31 1