„Денес празнуваат краиштата на вселената, се радуваат ангелите и душите на праведниците, се веселат живите, како и умрените, оти Јован се роди и од него ја примија проповедта за Господа, Спасителот на сите“ (песна од канонот на Утрена на Раѓање на свети Јован Крстител).

 

Централната прослава по повод празникот на Рождеството на славниот, чесен пророк, Претеча и Крстител Јован, и оваа година се одржа во манастирот „Св. Јован Крстител - Бигорски“. Празнувањето започна со сеноќно бдение, на кое чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Брегалнички г. Иларион, во сослужение на архимандритот Партениј, игумен на манастирот, еромонасите Доситеј, Макариј, Еразмо, Ефросиниј и Кирил, свештениците Миле Алексоски и Павел Крцоски и ероѓаконите Порфириј и Силуан. Митрополитот Иларион му донесе дар на Бигорското братство- делче од светите мошти на свети Гаврил Велички Чудотворец, а архимандритот Партениј, во знак на благодарност му подари на Митрополитот Иларион пастирска патерица. Пред почетокот на бдението, архимандритот Партениј се обрати кон верниот народ со пригодно слово. 

Running Sneakers | Air Jordan Retro - 2021 Release Dates + Preview , Fitforhealth

 

Торжествата завршија со света архиерејска Литургија, на која чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Дебарско-кичевски и Администратор Австралиско-сиднејски г. Тимотеј, во сослужение на Митрополитот Иларион, Епископот Хераклејски г. Климент, архимандритот Партениј, еромонасите Доситеј, Макариј, Еразмо, Ефросиниј и Кирил, свештениците Љупчо Бакрачески, Миле Алексоски, Павел Крцоски и Александар Димоски и ероѓаконите Порфириј, Силуан и Анатолиј. По завршувањето на Литургијата, Митрополитот Тимотеј се обрати кон верниот народ со пригодна беседа, која интегрално ви ја пренесуваме.   

 

Митрополит Тимотеј

Во името на Отецот и Синот и Св. Дух.

Драги браќа и сестри,

Се исполнуваат пророчките зборови! Господ ги подготвува луѓето, ја подготвува природата, го подготвува видливиот и невидливиот свет за доаѓањето на Месијата, односно, за доаѓањето на Спасителот на светот. За да Му подготви пат на Спасителот, Он го испраќа Претечата Јован Крстител. Гледаме каков подвиг му претстои на Претечата во подготовката на Израилскиот народ, за дочекувањето на Господа Христа. Во кратки црти, да се навратиме на ова историско собитие.


Од Библијата познато ни е дека кај Еврејскиот народ, секој брак кој не бил удостоен со пород, бил презиран од луѓето и истите ги сметале за големи престапници и грешници, односно, како отстапници од Божјиот закон. Родителите на св. Јован Претеча, Захариј и Елисавета, и покрај тоа што биле ревносни исполнители на законот Божји, сепак, дочекале длабока старост без пород. И покрај тоа што веќе биле во одминати години, надежта во Бога, надежта дека нивната молитва ќе биде услишана, особено кај Елисавета, никогаш не ги напуштила. Таа постојано Му се молела на Бога, да ја симне од неа презреноста од луѓето и да биде удостоена со пород.


Во Евангелието се вели: „И обајцата беа праведни пред Бога, постапувајќи според сите заповеди и повелби Господови без погрешка" (Лк 1, 6). Овие двајца праведници живееле со желба за избавување на гревовите, со чувство на покајание, со вера и надеж во Месијата, за Кого, искрено очекувале да дојде. Очекувале да дојде Искупителот на родот Израилски и на севкупниот човечки род. Во Стариот и Новиот завет ќе најдеме многу такви прозби, каде што Бог ја наклонува Својата милост кон оние кои усилно молеле и барале, и Бог ги услишувал нивните молитви, исполнувајќи ги нивните барања. Доколку човекот бара со усилна и искрена молитва, пројавувајќи ги молењата со пост и бденија, Господ никогаш не го оттргнува Своето уво од таквите молитви. Напротив, Он секогаш гледа од небесните височини на тие луѓе и им испраќа сè што им е потребно и неопходно. Ова најдобро се покажува и во денешниот кондак, каде што се вели: „Порано неплодната, денес го раѓа Христовиот претеча. Се јави пророкот на Божјото слово... истовремено проповедник и претеча".


Од Светото писмо знаеме дека таткото на св. Јован, Захариј, бил свештеник во Ерусалимскиот храм. За време кадењето во најсветиот дел од храмот – Свјатаја свјатих, Захариј имал видение, односно, му се јавил архангелот Гаврил и му кажал дека жена му ќе роди син, кој ќе го приготви патот на Христа Спасителот. Захариј се посомневал во овие зборови и бил казнет со онемување и така останал сè до моментот кога ќе му се роди син. Кога на осмиот ден ќе го прашаат кое име да му го дадат, тој ќе побара штичка и ќе напише: „Јован му е името" (Лк 1, 63). Тогаш, ќе му се одврзе јазикот и почнал да Го прославува Бога.


Можеби некој ќе постави прашање, зошто било потребно, Претечата на Месијата да се роди од престари родители? Тоа било потребно за да ги приготви луѓето, преку неплодната мајка да го видат раѓањето на Спасителот од Дева Марија. Во пророчкото наговестување, Захариј, преку раѓањето на неговиот син, јасно наговестува за вооплотувањето на Месијата. Веќе настапува време кога ќе се исполнат сите ветувања на Израилскиот народ.


По раѓањето на св. Јован, Захариј ќе биде убиен во Ерусалимскиот храм, а Јован, како дете, ќе биде однесен во пустината од страна на неговата мајка, којашто набрзо ќе почине. Јован ќе расте во пустината, но благодатта Божја ќе биде врз него и ќе постане посилен од било кое родено суштество. По триесеттата година, ќе почне да ја извршува својата пророчка мисија и ќе го повика Израилскиот народ на покајание, покажувајќи Го Јагнето Божјо, Господа Христа, Кој ги зема гревовите на светот.


И ние денеска, кои го чествуваме неговото рождество, да му се обратиме со искрена молитва. Да не нè заборави, сиромашните и бедни по дух, пред Престолот на Севишниот. Да ја засведочи нашата вера и преданост кон Нашиот Спасител Христос, како негови духовни чеда, но грешни и недостојни слуги. Да нè научи на покајание и поправање на нашиот живот и да ни помогне на патот на покајанието, спасително поминувајќи од земјата на небото.


По молитвите на св. Јован, така нека биде. Амин!

 

Рождество на св. Јован Крстител – Иванден
07. 07. 2018 год.
Храм „Св. Јован Крстител" – Бигорски манастир

 

ivanden2018 1ivanden2018 2ivanden2018 3ivanden2018 4ivanden2018 5ivanden2018 6ivanden2018 7ivanden2018 8ivanden2018 9ivanden2018 10ivanden2018 11ivanden2018 12ivanden2018 13ivanden2018 14ivanden2018 15ivanden2018 16ivanden2018 17ivanden2018 18ivanden2018 19ivanden2018 20ivanden2018 21ivanden2018 22ivanden2018 23ivanden2018 24ivanden2018 25ivanden2018 26ivanden2018 27ivanden2018 28ivanden2018 29ivanden2018 30ivanden2018 31ivanden2018 32ivanden2018 33ivanden2018 34ivanden2018 35ivanden2018 36ivanden2018 37ivanden2018 38ivanden2018 39

Fotogalerija

galerija

Izdava{tvo

izdavastvo

Crkoven kalendar

Октомври 2015
Пон Вто Сре Чет Пет Саб Нед
28 29 30 1 2 3 4
5 6 7 8 9 10 11
12 13 14 15 16 17 18
19 20 21 22 23 24 25
26 27 28 29 30 31 1