„Венценосецу Георгие, стоејќи целиот светол пред чесниот престол на Оној што владее со сите, со твоите молитви и застапништва запази ги тие што со топла вера и љубов те призиваат тебе, Христов маченику" (песна од Канонот на светиот великомаченик Георгиј победоносец).

На 09.12.2014 година, на празникот на светиот великомаченик Георгиј, на преподобниот Алимпиј Столпник и на светиот Стилијан, во храмот „Св. вмч. Ѓорѓи" во Охрид, беше отслужена света архиерејска Златоустова Литургија, на која чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Дебарско-кичевски г. Тимотеј, во сослужение на архимандритот Нектариј, протоереј-ставрофор Сашо Богданоски, протоерејот Димче Ѓорѓиески, свештениците Никола Христоски, Горан Ставрески, Владо Недески и Ѓорѓи Блажевски, протоѓаконот Николче Ѓурѓиноски и ѓаконот Сашо Целески. Пред започнувањето на Литургијата, беше осветен новиот иконостас, изрезбан од раката на Никола Костовски, а иконите, со исклучок на првиот долен ред, се дело на Илија Шапкароски. По завршувањето на Литургијата, Митрополитот Тимотеј се обрати кон верните со пригодна беседа, која во целост ви ја пренесуваме.

latest Running | Asics Onitsuka Tiger

Митрополит Тимотеј

Во името на Отецот, Синот и Св. Дух. Амин!
Драги браќа и сестри!

Денеска светата Православна црква, го прославува св. вмч. Георгиј Победоносец. Поточно, овој празник е востановен во чест на подигнување на храм на овој Божји угодник во градот Киев, денешна Украина. Голема е важноста и значењето на овој маченик и Божји угодник, па затоа, во негова чест, светата Црква повеќе пати во годината востановила празници. Како што знаеме, св. Георгиј својот живот го завршил маченички, здобивајќи се со вечен живот.

Како смртта, така и животот има три степени. Првиот, е телесниот живот. Животот, кога душата престојува заедно со телото. Тој живот е ист, како што е иста и телесната смрт. Општ за сите луѓе, како за праведниците, така и за грешниците. Вториот, е духовниот живот, создаден од Божјата благодат, која престојува во човекот. Но, како што гревот го осквернува човекот и го одделува од Бога (Ис. 59, 2), а со тоа оди кон смртта, така, пак, верата и Божјата благодат, го очистуваат човекот, соединувајќи го со Бога и оживувајќи го. Доколку ние доближиме еден предмет кон светлина, тој предмет врз себе прима светлина и се осветлува. Така и душата, кога се доближува преку верата кон Бога, прима од Него светлина и живот, осветлувајќи се и оживувајќи од Вечната Светлина и Живот. Третиот живот, е вечниот живот. Тој е живеалиште кон коешто нè води духовниот живот, односно, претходно опишаниот. Никој нема да влезе во вечниот живот, ако сега не воскресне од мртвите дела. Со други зборови, не може никој да спечали вечен живот, доколку сегашниот негов живот е исполнет со разни пороци (Откр. 22, 15). Човекот неизбежно треба тука да воскресне и да оживее преку Христовата вера. Дури тогаш ќе му се отворат вратите на вечниот и блажен живот.

Вечноста, во којашто ќе престојуваме по воскресението од мртвите и по праведниот Христов суд, не е ништо друго туку почеток без крај. Таа секогаш започнува, но никогаш не завршува.

Сите ние еден ден ќе отидеме во таа вечност. Но, не сите ќе отидеме на ист начин. Едни ќе отидат со плач и крцкање со заби, а други, пак, со веселба и со неопислива радост. Тоа е така затоа што не одат сите на едно место. Едни ќе отидат во домот на Небесниот Отец и во украсените царски одаи на славата. Ќе престојуваат на бесконечно весела вечера, односно на пресладок живот со Јагнето Божјо. Другите, пак, ќе отидат во вечна темнина, во место на мачење и плачења. Како што се вели во Св. Писмо, едни ќе примат такви наслади, што око не видело и уво не слушнало, додека, пак, другите во адот, ќе бидат затворени со сите зла, зла коишто не можат да се искажат со човечки разум.

Токму животот на св. вмч. Георгиј и нас денес нè поучува колку треба да обратиме внимание на нашиот живот, и како истиот да го исползуваме за да спечалиме вечен, но, блажен и непреоден живот. Тој, пак, живот, се спечалува со подвизи и со покајание, со вера и надеж, и преку правење на добри дела. Сите ние, како христијани, повикани сме од нашиот Спасител Господ Исус Христос, да бидеме Негови следбеници и Негови проповедници. Тоа не значи дека сите сме повикани да бидеме свештеници и владици, и да го толкуваме словото Божјо, но, повикани сме сите да живееме според него. А ќе живееме тогаш, кога искрено ќе веруваме во начелата што ги проповеда нашата света Православна вера и црква. Тогаш кога ќе ги почитуваме православните догми и учења и ќе живееме според нив како што учи и бара од нас светата Црква. Да се живее според учењето на Црквата бара и одредени откажувања од овој свет. Бара откажување од многу овоземни задоволства, бара воздржување во јадење, во пиење и во зборување, односно, бара умереност во сè. Но, покрај ова, Црквата од нас бара и добродетели, бидејќи св. ап. Јаков вели: „Зашто, како што е телото без дух мртво, така и верата без дела е мртва" (Јак. 2, 26).

Св. вмч. Георгиј, како што знаеме од неговото житие, бил прочуен војсководец. Заземал висока положба во римската воена хиерархија и имал блескава иднина. Но, кога се поставило прашањето дали да биде со Христа или против Христа, тој ги презрел сите овоземни привилегии и удобности, жртвувајќи го својот млад живот со сите останати овоземни блага. И така спечалувајќи вечен живот, живот за којшто зборувавме пред малку, дека нема крај, туку само почеток.

Да се обратиме со искрена молитва кон св. вмч. Георгиј, тој да биде наш молитвеник и да измоли милост од Господа Христа. Па така нашата вера да биде зацврстена и непоколеблива. Да можеме и ние да ја сведочиме на секое место и на секое време, правејќи добри дела да спечалиме вечен и блажен живот. Амин.

Св. вмч. Георгиј
09. 12. 2014 год.
храм „Св. вмч. Георгиј" – Г. Влашка Маала, Охрид

svgjorgzim2014

svgjorgzim2014 2

svgjorgzim2014 4

svgjorgzim2014 6

svgjorgzim2014 8

svgjorgzim2014 10

svgjorgzim2014 12

svgjorgzim2014 14

svgjorgzim2014 16

Fotogalerija

galerija

Izdava{tvo

izdavastvo

Crkoven kalendar

Октомври 2015
Пон Вто Сре Чет Пет Саб Нед
28 29 30 1 2 3 4
5 6 7 8 9 10 11
12 13 14 15 16 17 18
19 20 21 22 23 24 25
26 27 28 29 30 31 1