По повод големиот национален празник Илинден и црковниот спомен на св. пророк Илија (02.08.2011) беше отслужена света архиерејска Литургија во храмот „Св. вмч. Ѓорѓи“ во мијачкото село Лазарополе, на која чиноначалствуваше Неговото Блаженство Архиепископот Охридски и Македонски Стефан, во сослужение на Митрополитот Дебарско-кичевски г. Тимотеј (надлежен епархиски архиереј), Митрополитот Повардарски г. Агатангел, архимандрит Партениј (игумен на Бигорскиот манастир), протоереј Зоран Грозданов од Велес, еромонасите Макариј и Јосиф, свештениците Благоја Спироски и Игор Никовски, протоѓаконот Антоние Дујоски и ѓаконите Николче Ѓурѓиноски и Васко Голабоски. Присуството на многубројниот верен народ, како и прекрасните гласови на сестрите од манастирот во Рајчица, придружувани од големиот пријател на македонскиот народ, протопсалтот Панајотис Сомалис од Атина и учениците и студенти богослови од Македонската православна црква кои го негуваат старомакедонското црковно пеење, ја направија Литургијата уште поторжествена и величествена. Благодарение, пак,  на грижата на црковниот одбор и братството од Бигорскиот манастир, храмот заблеска исто како и пред 170 години.            

affiliate tracking url | Nike Air Force 1'07 Essential blanche et or femme - Chaussures Baskets femme - Gov

Свештеникот Игор Никовски го прочита Синодалното Илинденско послание, во кое Архиепископот Стефан на сите чеда на Македонската православна црква им го честита Илинден: „Испраќајќи ви архипастирски благослов, ве поздравуваме на овој славен ден, повикувајќи да го чуваме споменот за илиндените, постојано сеќавајќи се на жртвите положени за нашата национална и духовна слобода; да го чуваме овој слободен дел од Татковината, не заборавајќи на македонските чеда во соседните земји, кои сè уште се борат за основните човекови права; да ја чуваме Црквата наша Охридска и Македонска, да го чуваме и негуваме нашето национално и духовно единство без разлика каде и да живееме! Да го чуваме името наше македонско и сè што наследивме од нашите предци!“

По завршувањето на Литургијата се направи доксологија за македонскиот народ, а потоа Митрополитот Тимотеј произнесе слово по повод Јубилејот 170 години од осветувањето на овој наш прекрасен храм, како и за ктиторот на истиот, Ѓурчин Кокалески и за уметничкото дело на Дичо Зограф. На крајот беше направен и помен за сите борци кои ги положиле своите животи за слободата на Македонија и на Македонската православна црква. Во продолжение ви го пренесуваме во целост словото на нашиот Митрополит.

Во името на Отецот и Синот и Св. Дух!

Ваше Блаженство, Ваше Високопреосвештенство, ваше високопреподобие, браќа свештеници, ѓакони, браќа и сестри!

Денеска нè собраа два големи поводи, Илинден, како национален празник, и црковниот спомен на св. пророк Илија. Но, покрај овие два нè собира и трет голем јубилеј, а тоа е 170 години од осветувањето на овој прекрасен храм, посветен на св. вмч. Ѓорѓи Победоносец во ова мијачко гнездо, Лазарополе.

Не можеме да зборуваме за овој свет храм, доколку не се потсетиме во кратки црти за временскиот период на нашите предци од пред 170 години. Тоа е време кога нашите луѓе живееле под турското ропство, време кога беснеел башибозукот и албанските банди, време на пљачкање, палење и убивање. На црковно-духовен план, пак, Цариградската фанариотска власт се обидувала да спроведе грцизирање на словенската паства преку грчките фанариотски архиереи ширум Македонија, а во пределите на Дебарско и Мијачијата тоа го спроведувал,  Митрополитот Антим Дебарски. Така, нашите дедовци живееле во двојно ропство. Турската власт не дозволувала да се подигаат нови светињи, а фанариотите, пак, спречувале да се употребува мајчиниот, разбирлив јазик со кирилично писмо.

Токму во една ваква состојба, а исто така, незавидна и од материјална страна, луѓето од Лазарополе во 1832 година ќе одлучат без дозвола од Стамбол да го подигнат овој прекрасен храм Божји. Мијачкиот крај е познат по многу заслужни преродбеници, Анатолиј, Ѓорѓи Пулески, Партениј Зографски, Мартин Димкоски, Исаија Радев Мажоски, Теофил Аврамов Жунгулоски, Васил Икономов, Томо Томоски, Сарџо Брадина, Дичо Зограф. Но, Лазарополе, па и целиот Мијачки крај, најмногу го задолжува прочуениот и легендарниот Ѓурчин Кокалески, кој потекнува од Лазарополе и кој ќе биде коџобашија на селото цели 56 години. Овој храм не ќе можел да биде изграден без сецело зафаќање на овој ваш лазарополец. Како што знаеме од неговата автобиографија, тој менувал повеќе занаети од терзија, ѕидар и на крај, да биде ќаја со најбројно стадо. Оваа личност во најголем дел ја финансира изградбата на овој свет храм ползувајќи го својот авторитет пред турската власт, и албанските бегови во Дебар.

Откако црквата била речиси градежно завршена, Кокалески Ѓурчин имал  аудиенција кај Султанот во Цариград и тогаш издејствувал дозвола односно ферманот за градба на црква во родното село. По издејствување на дозволата (1838), позасилено и без никакви стеги се работело на разубавувањето на овој храм. Селаните од респект кон Ѓурчин црквата ја посветиле на св. вмч. Ѓорѓи, иако самиот Ѓурчин сакал црквата да се вика св. Илија, во чест на неговиот покоен татко. Така, се постигнало еден компромис за да бидат задоволни и селаните, односно нивната благодарност кон овој голем добротвор и ктитор, но и желбата на Ѓурчин, панаѓурот и прославата да се извршуваат на Илинден во знак на благодарност и сеќавање на неговиот татко. Оттаму е и овој обичај во изминатите години, а и денеска свечено да се прославува Илинден во овој свет храм.

Покрај градбата, Ѓурчин ја снабдил црквата со сите потребни работи, почнувајќи од Евангелие, Апостол и други богослужбени книги, а сето тоа преку лични пријателства од Русија. Како што знаеме од неговата автобиографија, храмот го граделе прочуените каменорезци од Дримколското крај, односно, мајстор Стојан од  Луково.  Живописот го започнал Михаил зограф од Самарина, учителот на Дичо Зограф, а младиот Дичо тука ги прави и првите обиди во овој занает. Откако Ѓурчин ќе се разиде со зографот Михаил, поради неговиот непристоен живот, младиот Дичо од Тресонче ќе продолжи со сликање на фрескоживописот во овој храм, каде што, и се потпишува како „смирен Дичо Перкоски”. Токму овој негов потпис долги години ќе внесува забуна меѓу истражувачите,  поставувајќи го прашањето, дали е тоа некој друг зограф со исто име Дичо, или пак, познатиот Дичо Крстев од Тресонче. Од неодамна и ова прашање е разрешено  во студијата на д-р Сашо Цветковски, кој сосема јасно дава до знаење дека станува збор за познатиот мијак од Тресонче, Дичо Крстев, кој после 1841 година ќе се потпишува исклучиво како Дичо Крстев, Зограф од Тресонче.

Би сакале да нагласиме дека црквата во Лазарополе дава единствена можност преку сочуваните икони да се согледаат и следат развојните фази низ кои минува Дичо Зограф, усовршувајќи го сликарскиот и стилскиот израз. Ова особено се однесува на неговите почетни самостојни дела настанати во периодот 1840 – 1841 и 1843-44 година. Дичо Зограф како ученик на Михаил од Самарина и неговиот син Димитар - монах Данил, ги усовршува сликарските вештини токму во годините помеѓу 1840-43, кога и неговата продуктивност е мала и незначителна. Токму во тој временски период Дичо го изучува и  усовршува овој зографски занает,  работејќи и придружувајќи ги своите учители во Охрид,  во црквата „Св. Ѓорѓи”, можеби во Рилскиот манастир, а секако е со нив кога тие ја  започнуваат работата во манастирот „Св. Ѓорѓи” во Рајчица, Дебарско. Во овој временски период се претпоставува дека Дичо Зограф   ја пишува и својата прва Ерминија, и тоа со помош на зографот Михаил од Самарина. Црквата во Лазарополе ја пружа единствената можност преку сочуваните Дичови икони и фрески да се следи хронолошки неговото творештво, од неговите најрани самостојни почетоци во годините помеѓу1840-1844 г,  неговиот зографски подем преку дела кои ги слика во педесеттите години, па сè до неговата зрела фаза и последните години од неговата зографска кариера. Дичо во 1866 год. за оваа црква го слика извонредното ковчеже за мошти, кое по својата форма и декорација е единствено меѓу малкуте сочувани дела од применетата уметност на  Македонската преродба.

Огромна е заслугата на Ѓурчин Кокалески во повеќе сфери и развивања на Лазарополе. Тој како самоук ќе се ангажира со свештеникот Мартин Димкоски во организирање на прво училиште за да ги просвети, пред сè своите деца, но и сите оние што изразувале желба за учење. Овој заслужен човек покажувал извонредна христијанска доблест бидејќи им помагал на сите сиромаси, како од селото, така и од пошироката околина. Тој  се одликувал со голема умереност и дипломатска способност. Во една прилика ќе бара дозвола да подигне и џамија во едно муслиманско село, каде што ги носел своите стада преку зима околу Солун.

Ѓурчин се ангажира Лазарополската црква да добие и камбана која во 1856 година пристигнува од Австрија. Со ова, Лазарополе станува второ место после манастирот „Св. Јован Бигорски” кое ќе добие камбана во Македонија. Тој особено покажувал голем интерес за луѓето од мијачкот крај да не примаат ислам, а тие што примиле, пак, ги враќал во христијанство, а особено познати се случаите во Галичник.

И покрај тоа што помагал, градел, чинел разни добродетели, не заборавал и за вечноста и за временскиот период кога ќе го напушти овој свет. Тој ќе им остави завет на своите синови и внуци да не се прават стопани на црквата, иако тој ја  градел. Таа не е ваша, туку е ваковска! Тој, кога ќе го заврши својот овоземен живот во 1863 година, ќе биде погребен на почесно место во кругот на црквата кај олтарот, каде обично се погребуваат свештени лица. Од почит, на неговиот погреб ќе дојдат игуменот на Бигорскиот и игуменот од Пречистенскиот манастир во Кичево, кои заедно со свештеникот Мартин ќе го извршат опелото.

Да се помолиме за покој на душата на овој голем човек кој го задолжи не само Лазарополе, туку и Македонија и Македонската православна црква и македонската култура и историја. Од нас чест и благодарност, а од Господа рајски населби и вечен живот. Нека е честит и вечен Јубилејот. Амин!          

Митрополит Тимотеј

Св. пророк Илија - Илинден
02.08.2011 година, храм „Св. вмч. Ѓорѓи“ с. Лазарополе

1x

3x

5x

6x

7x

10x

12x

14x

15x

16x

17x

18x

19x

Fotogalerija

galerija

Izdava{tvo

izdavastvo

Crkoven kalendar

Октомври 2015
Пон Вто Сре Чет Пет Саб Нед
28 29 30 1 2 3 4
5 6 7 8 9 10 11
12 13 14 15 16 17 18
19 20 21 22 23 24 25
26 27 28 29 30 31 1