„Со скромноста го надмина богатството богатејќи се со вистинско смирение; твоите солзи се бисери, а смиреното воздржание - непрестајно принесување и расудување, со вистина, љубов и мир; славно се издигна во царството“ (песна од канонот на Утрена на св. Константин Кавасила).

 

На 31.10.2018 година, денот кога го прославуваме свештениот спомен на св. ап. Лука и на св. Константин Кавасила, во храмот „Пресвета Богородица - Перивлепта“ во Охрид, беше отслужена света архиерејска Литургија, на која чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Дебарско-кичевски и Администратор Австралиско-сиднејски г. Тимотеј, во сослужение на протоереј-ставрофор Никола Христоски, протоерејот Љупчо Симиџиески, свештениците Љупчо Бакрачески и Сашо Целески и протоѓаконот Николче Ѓурѓиноски. По завршувањето на Литургијата, Митрополитот Тимотеј се обрати кон верниците со пригодна беседа, која ви ја пренесуваме во целост. 

best Running shoes brand | Nike Air Max 270

 

Митрополит Тимотеј

Во името на Отецот и Синот и Св. Дух.

Драги браќа и сестри,

На секоја архиерејска литургија, ѓаконот, со запалени дикири и трикири, ги изговара евангелските зборови: „Така треба да свети пред луѓето и вашата светлина, за да ги видат вашите добри дела и да Го прослават вашиот Отец Небесен" (Мт 5, 16). Знаеме дека светлоста и темнината се секогаш на спротивна страна, онака, како што се доброто и злото, радоста и тагата, среќата и несреќата, слободата и ропството, љубовта и омразата, вистината и лагата. Во Библијата, Бог честопати се нарекува Отец на светлината, а сатаната, пак, татко на темнината.


Нашиот Спасител Господ Исус Христос доаѓа во светот да ја растера темнината, лагата и да ја растури силата на гревот. Он доаѓа да свети во темнината на човечките заблуди, гревови, пороци и невистини. Дојде како „вистинска Светлина, Која го просветлува секој човек, што доаѓа на светов" (Јн 1, 9). Направи сè што е потребно, како луѓето би можеле да се осветлат со Неговата светлина. Да се препородат и да се ослободат од злото и од гревот. Палејќи ги своите срца и души со тој небесен оган и зрачејќи со таа небесна светлина, човекот започнува и самиот да свети, да грее со своето однесување и со личниот пример.


Луѓето се вистински христијани, доколку, со својот живот светат помеѓу луѓето каде што живеат, работат и се движат. Не е доволно само формално да се припаѓа на Христовата Црква, поточно, да сме крстени од нашите родители, баби и дедовци, или, пак, од време на време да одиме во црква, да запалиме свеќа и да го чествуваме домашниот празник. Сето тоа е потребно и корисно, но не е доволно. Потребно е христијанинот да свети со својот живот. Тоа подразбира да се раководи според начелата на светото Евангелие. Вистинскиот христијанин треба секогаш да се раководи и да се чувствува дека е дете Божјо. Затоа св. ап. Павле, во своето послание вели: „Вие некогаш бевте темнина, а сега сте светлина во Господа: живеете како деца на светлината! Зашто плодот на Духот се состои во секое добро, правда и вистина" (Ефес 5, 8 – 9).


На друго место, нашиот Спасител Господ Исус Христос, советува: „Ниту, пак, светило се пали и клава под поклоп, туку на свеќник и им свети на сите в куќи" (Мт 5, 15). Тука, светилникот се претставува како фактор кој го осветлува просторот и им овозможува на сите да се користат од овој дар Божји. На сите што имаат потреба! Како што обичната жица, доколку има контакт со електрична енергија, и самата ќе се наелектризира, така, и човекот ќе се наелектризира со небесен електрицитет, допирајќи се до жицата на својата душа, односно до Господа Исуса Христа. Па, тогаш, и самиот започнува да свети помеѓу луѓето. Истовремено, ги грее со електрицитетот на својата вера и љубов, а најмногу со својот пример.


Ние, христијаните, имаме одговорност да ги поправаме луѓето покрај нас, независно дали се религиозни или нерелигиозни, дали се чесни или нечесни, бидејќи, ние, како христијани, имаме должност да бидеме совест – сол на земјата, за останатите луѓе. Многу мудри луѓе одамна искажале дека зборовите поучуваат, но примерите привлекуваат. Треба да се обидеме, и ние, преку нашиот личен живот, да Го посведочуваме Господа Христа, не со зборови, туку со нашиот секојдневен живот.


Дека овие евангелски принципи не се невозможни да се живеат и да се потврдат во човечкиот живот, ни сведочат и големите светила на нашата света Црква. Тоа се и светилата коишто денес ги прославуваме. Еден од нив е и св. ап. и ев. Лука, кој, како што знаеме, го проповедал Евангелието веднаш по Христовиот овоземен живот. Проповедајќи го, претрпува разни страдања, мачења и понижувања. Но, покрај усно, се потрудил и со пишани зборови. Од него го имаме третото Евангелие, како и Делата апостолски. Св. ап. Лука не ги поучувал само христијаните во првиот век, туку и нас и сите идни генерации коишто ќе се определат да го следат патот на Господа Христа. Својот живот ќе го заврши маченички, а поголема потврда за припадноста и љубовта кон Господа Христа и Неговата света Црква, нема.


Но, ние денеска, посебно се собравме во овој свет храм, да го прославиме и св. Константин Кавасила, кој свидетелствувал на Охридскиот архиепископски престол во XIII век, проповедајќи го Евангелието на нашите предци. Неговиот живот не бил исполнет само со проповеди, односно со зборови, туку, тој живеел евангелски живот, и затоа, многу брзо по неговото скончание, бил прифатен од охридската паства како Божји угодник. Веќе на крајот на XIII век, неговиот свет лик го наоѓаме низ охридските цркви, а особено доминантна е неговата претстава во овој свет храм, посветен на Пресвета Богородица, претставен, веднаш до патронот на нашиот град, до св. Климент Охридскиот Чудотворец.


Да се обратиме со искрена молитва кон св. ап. Лука и кон св. Константин Кавасила. Да бидат наши молитвеници и помагатели. Та и ние, со нашиот живот да се посведочиме како вистински Христови следбеници и со нашите животи и дела да сведочиме и светиме пред останатиот човечки род. Амин!

 

Св. Константин Кавасила и св. ап. и ев. Лука
31. 10. 2018 год.
Храм „Св. Богородица Перивлепта" – Охрид

svkonstant2018 1svkonstant2018 2svkonstant2018 3svkonstant2018 4svkonstant2018 5svkonstant2018 6svkonstant2018 7svkonstant2018 8svkonstant2018 9svkonstant2018 10svkonstant2018 11svkonstant2018 12

Fotogalerija

galerija

Izdava{tvo

izdavastvo

Crkoven kalendar

Октомври 2015
Пон Вто Сре Чет Пет Саб Нед
28 29 30 1 2 3 4
5 6 7 8 9 10 11
12 13 14 15 16 17 18
19 20 21 22 23 24 25
26 27 28 29 30 31 1