На 06.08.2011 година, ден кога го прославуваме споменот на св. мч-чка Христина и преп. Поликарп Печерски, во селото Луково, Струшко, беше осветен нов храм посветен на светиот Николај Мирликиски Чудотворец. Храмот е подигнат на место кое меѓу локалното население се смета за свето, а за изградбата на овој храм, голема заслуга има иницијативниот одбор, кој заедно со локалното население, целосно ги вложи своите сили. На осветувањето и светата архиерејска Литургија чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Дебарско-кичевски г. Тимотеј, во сослужение на архимандрит Партениј, игумен на Бигорскиот манастир, јеромонах Доситеј, свештеник Игор Никовски и ѓакон Николче Ѓурѓиноски. По завршувањето на Литургијата беше прекршен празничниот колач и беше извршен чинот на Мал водосвет, а Митрополитот Тимотеј се обрати кон верното стадо со пригодна беседа, која во целост ви ја пренесуваме.

Sports brands | Entrainement Nike

Во името на Отецот и Синот и Св.Дух!
Драги браќа и сестри!

Псалмопеачот Давид уште во Стариот Завет има кажано многу содржајни зборови кои велат: „Скапа е во очите на господа смртта на неговите светии“ (Псaл. 115,6). Скапа е за Господа нивната смрт бидејќи светителите Бог ги избрал, и тие Него Го прославуваат и Он ги прославува за да бидат славени во сите векови. Толку векови поминаа откако е прославен и св. Никола и Црквата непрестано го прославува и молитвено го воспева и го споменува неговото име. Црквата Божја, како и сите ние што сме денеска тука со смиреност и покорност, со скрушено срце и молитвеност просиме негово застапништво пред Бога за сите што имаат потреба. А колку несреќни случаи и најразлични животни патишта има видено оваа земја во овие изминати 17 века од времето кога Бог го прославил св. Никола. Какви сè неприлики се поминати во овие изминати векови, колку воздишки и колку восклици за помош, за утеха и колку солзи ја имаа натопено оваа земја. Колку, пак, пофални песни се имаат испеано за прослава на Бога, за човечкиот род, за духот човечки, за напредок, но и колку мрак ја има исполнувано и несреќи преку минатите векови. Но, ете, подеднакво во сите овие изминати 17 века се прославува св. Никола. И ние заедно со безброј мноштво народи коленичиме пред неговиот лик и бараме негово застапништво пред севишниот Бог за спасение на нашите души. Пред оној,кого Бог го прослави и го прославува вечно, а вечноста ја носи Божјата Црква.

Но, во очите на Господа е скап и нашиот живот, на сите што поверувале длабоко и искрено, како и оние што уште не поверувале така; кои живеат според Божјиот закон, како и оние што го нарушуваат; кои ги отвараат своите срца за словото Божјо и кои не го отвораат постојано и доволно; кои се искачуваат нагоре кон небесата и оние кои ги претпочитаат рамнините во животот; кои се во живот, како и оние што го губат. Скап е во очите на Господа животот на секој од нас, бидејќи Бог толку нè возљуби што Го даде и Својот Единороден Син, та секој што ќе поверува во Него да има живот вечен. Бог нè возљубил во нашата немоќ, во нашиот грев, во нашето паѓање и во нашето отстапување од Неговиот закон и од Неговата светлина. Во Светото писмо се вели: „Он го остава Сонцето да ги грее и добрите и лошите и праќа дожд и на праведните и на грешниците“ (Мт. 5,45). „Тој е благ и кон неблагодарните и кон лошите“ (Лк. 6, 35). За кого го испрати Небесниот Отец Својот Единороден Син: за праведниците или за грешниците? За нас кои сме во грев и неправда. Животот на секој од нас е скап во очите на Господа, дури и тогаш кога тој ја има загубено смислата и вистинската цена и за самите нас.

И еве ни се покажува и колку е бескрајна Божјата долготрпеливост. „Господ е долготрпелив и многумилостив и вистинит, Кој ги простува беззаконијата, и неправдите и гревовите“ (4Мој. 14,18). Бог е љубов. И тој и сега нè повикува од љубов. Нè привлекува кон себе за да бидеме и во сопствените очи скапо сокровиште, да бидеме во неговата радост постигнувајќи ги висините на спасението. Зашто Он не ја сака смртта на беззакониците, туку тие да се обратат од лошите патишта и да бидат живи“ (Езек 18,23). Тој не е само долготрпелив, но како благ и праведен ги учи Своите заблудени чеда на правда и на вистинскиот пат (Псал. 24,8-9).

Скап е во очите на Господа и нашиот живот, бидејќи Он долготрпеливо очекува да се обратиме кон Него и да бидеме живи. И неговата поука кон нас е Неговото Слово и животот на неговите избраници кои го прифатиле и се соживеале со Законот, прописот и учењето на светата Православна Црква.

Кон Бога нè води и св. Никола Мирликискиот чудотворец на кого е посветен и овој мал, но прекрасен храм, во ова питомо поднебје во дримколско Луково. Силната и непоколеблива вера што ја искажувал преку целокупниот негов живот св. Никола, како и љубовта кон вистината и правдата и црковното учење кое го живеел, а и манифестирал за време на Првиот вселенски собор со ревносно бранење на догмите, нека ни послужат и на нас за поука и пример како ние да живееме, да ја исповедаме нашата вера, но и да правиме добри дела на нашите браќа во вера, како што тоа го правел и св. Никола Мирликискиот чудотворец.

Од неговото житие знаеме дека тој бил голем помагач на сите страдалници и грешници кои запаѓале во разни искушенија и биле на работ на пропаста, како на нивните тела, така и на нивните души. Св. Никола не престанал да прави чуда и по неговото прославување кај Господа на секоја христијанска душа која со вера, набожност и со скрушеност ќе побара помош од овој брз помошник и наш молитвеник.

При оваа прилика чувствувам за потреба како Архиереј на МПЦ да ја пофалам ревноста на иницијативниот одбор за изградба на овој храм, луѓе кои вложија и труд и време и средства да го направат вака пристојно место и личен Дом Божји. Истовремено ви благодарам и на сите вас кои присуствувавте на денешното осветување и со тоа го збогативте торжеството на овој свечен чин.  Но, драги христијани, не е доволно само физички да градиме цркви кои секако се потребни и кои нè подучуваат и нè инспирираат кон доброто, светото, возвишеното и благородното, но потребно е најпрво е да изградиме црква или дом Божји во нашите срца, во нашите умови и да живееме според потребите и законите на светата и православна вера и Црква. Тогаш ќе можеме да се надеваме на Божја милост и на Божја награда како верни чеда и вистински следбеници на Законот и  прописот на нашата Црква. Да се обратиме со искрена молитва кон св. Никола, тој да биде наш молитвеник и застапник, та сè што молиме и просиме, а е корисно за нашите души и тела Бог да го услиши. Така нека биде. Амин!

  

Митрополит Тимотеј

св. мч-чка Христина
06.08.2011 година, храм „Св. Никола“ с. Луково

лУКОВО2011

лУКОВО2011 2

лУКОВО2011 4

лУКОВО2011 6

лУКОВО2011 8

лУКОВО2011 10

лУКОВО2011 12

лУКОВО2011 14

лУКОВО2011 16

Fotogalerija

galerija

Izdava{tvo

izdavastvo

Crkoven kalendar

Октомври 2015
Пон Вто Сре Чет Пет Саб Нед
28 29 30 1 2 3 4
5 6 7 8 9 10 11
12 13 14 15 16 17 18
19 20 21 22 23 24 25
26 27 28 29 30 31 1