На 21.10.2018 година, во Дваесет и првата недела по Педесетница и на празникот на преп. Пелагија и Таиса, Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Дебарско-кичевски и Администратор Австралиско-сиднејски г. Тимотеј, по покана и во сослужение на Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Повардарски г. Агатангел, и во сослужение на протоереј-ставрофор Никола Христоски, протоереите Борислав Бобевски и Мики Миовски, свештеникот Игор Пармачки и на протоѓаконите Влатко Стојменов и Николче Ѓурѓиноски, извршија осветување на новоизградениот храм „Св. вмч. Ѓорѓи“ во населбата Отовица во Велес. По осветувањето, се отслужи и првата Литургија во храмот, а Митрополитот Тимотеј се обрати кон верниците со пригодна беседа, која интегрално ви ја пренесуваме.

Mysneakers | Trending

 

Митрополит Тимотеј

 

Во името на Отецот и Синот и Св. Дух.

Драги браќа и сестри,

Во денешното Евангелско четиво, прочитано на светата Литургија, се зборува за Сејачот и семето. Нашиот Спасител, Господ Исус Христос, честопати словото Божјо го словел на Генисаретското езеро. Евангелистите забележале повеќе беседи што ги изговорил нашиот Спасител пред Неговите ученици и апостоли, како и пред народот кој го слушал Неговиот Божествен збор. Една од беседите е токму и од денешното Евангелие. Кај другите проповеди, Господ Исус Христос ги оставал самите луѓе и апостолите да се задлабочат во нивната смисла и да ги разберат пораките кои им ги упатувал. Додека, пак, единствена проповед, којашто Христос Сам ја толкува, е параболата од денешното Евангелие.


Сејачот е Господ Исус Христос. Семето е Евангелскиот збор. Додека, пак, земјата, се срцата и душите на луѓето, коишто го слушаат и го восприемаат Евангелието. Евангелското четиво ни зборува за повеќе категории луѓе. Првата категорија луѓе, се луѓето со камени срца. Поради нивната закоравеност и тврдост, како на една земја, долго газена и од неа направен пат, природно е на една таква почва, било какво семе да се сее, не може да пушти корен, бидејќи нема подлога да даде соодветен род. Птиците кои го колваат, ги изобразуваат гревовите, страстите и слабостите, кои, го потиснуваат и го отфрлаат словото Божјо од посевот.


Друго семе паѓа помеѓу трње. Тоа се луѓето кои со радост го примаат Евангелието, се крштеваат, дури одат од време на време и во Црква и ќе дадат некои знаци на христијанство. Но, оптоварени со овоземни грижи, за богатство, слава, чест и светска суета, дозволуваат овие пороци да го задушат семето и по некое време целосно се откажуваат од христијанските добродетели и од христијанскиот живот. Тие луѓе се оние кои формално се нарекуваат христијани, но без христијански добродетели.


Третото семе, кое ќе падне на плодна почва, ќе израсне и ќе даде плод достоен за пофалба. Тоа се христијаните кои не се само формално верници, туку, кои своите срца и души сецело ги подготвиле за примање на Евангелието, на црковните заповеди и на христијанските добродетели. Затоа, тие, со нивниот живот, со нивните постапки, сецело го прегрнуваат Господа Христа и одат по Неговиот пат, добивајќи благодат Божја да се удостојат со вистинското име христијанско, но од кое ќе имаат полза.


Како што е семето посеано на плодна почва, така може да се спореди и духовниот живот на христијанинот. Семето, иако е мало, едвај забележливо, така и духовниот живот, од почетокот е незабележлив. Семето расте со тоа што најпрво ќе покаже зеленило, а потоа стебло и на крај клас на стеблото. Така е и кај духовниот живот на христијанинот. Најпрво се јавува мисла да Го следи Христа, а потоа таа мисла поминува во желба. Желбата постојано се засилува и христијанското срце сè повеќе се шири со љубов кон Бога. Христијанинот во себе чувствува неискажливо насладување во сите чувства, мисли и зборови и сè прави во духот на учењето на Христа Спасителот. На крај, сето тоа се претвора во негова навика, создава потреба, до таков степен, што не му се можни никакви поинакви делувања, со други зборови, за него нема друг пат. За него нема друг пат кој би бил без Христа.


Денеска го осветивме овој нов храм, посветен на св. вмч. Георгиј. Верата и цврстината на овој војник Христов, којашто ја потврдил со својата маченичка крв, нека биде инспирација за зачувување на нашата вера, традиција и обичај кај сите православни Македонци, коишто ќе се црквуваат во овој прекрасен дом Божји. Драги христијани, посетувајте го овој храм, отворајте ги своите срца и души пред Бога. Црпете сила од православната вера. Барајте прошка за вашите престапи. Барајте утеха за сите маки и страдања, но со силна и непоколеблива вера, и бидете сигурни дека секогаш вашата молитва ќе биде услишана од Бога. Доколку молитвата ја принесувате со чисто срце, со искрена молитва, а Семилостивиот Бог, Кој сè слуша и сè знае, ќе ја испружи Неговата света Десница и ќе ве избави од секакви маки и страдање.

Ние, денеска, исто така, се собравме да си спомнеме и за нашите претшественици, кои, пред 75 години го одржаа првиот свештенички собир во с. Издеглавје. Овие свештеници, на првата слободна територија во Дебарца, прокламираат и бараат од тогашните раководители на НОВ, добивање слобода на Р. Македонија и возобновување на древната Охридска архиепископија, во лицето на Македонската православна црква. Овие свештеници кои го проповедале словото Божје помеѓу својата паства, покрај што се грижеле за религиозните чувства, имале доблест и за националното чувство и за историските вредности на Охридската архиепископија, како чувар на македонскиот дух и на православната вера.

Па и во овој момент неизбежно е да ги спомнеме нивните имиња, пред сè, да им искажеме благодарност, но и како не би отишле во заборав. Протоереј-ставрофор Вељо Манчевски, протоереј – ставрофор Кирил Стојаноски, свештеник во Локов; протоереј – ставрофор Антим Попоски – парох на Првата слатинска парохија; свештеник Томо Попоски – парох на Втората слатинска парохија; свештеник Зафир Јованоски – парох Годивски; свештеник Ристо Тасески – парох Арбиновски; свештеник Ламбе Попоски – парох Велмешки; свештеник Ристо Тасески – парох Белчишки; свештеник Матеја Попоски – парох Злески; свештеник Силјан Ристоски – парох Врбјански. На покојните нека им е вечен споменот, а истовремено, вечна благодарност на нивното христијанско и патриотско дело.


На крај, би сакал да изразам искрена благодарност на Митрополитот Повардарски г. Агатангел, кој се ангажираше во изградбата на овој храм и во украсувањето, онака како што доликува на еден дом Божји. Благодарност и на сите што помогнале, како од оваа населба, така и пошироко од Повардарската епархија, да се реализира и да свети уште едно кандило пред Бога, за доброто на нашиот народ.


Нека е честит денот и од Бога благослов. Амин!

 

21. недела по Педесетница – 75 години од одржување на свештеничкиот собир во с. Издеглавје –

Осветување храм на „Св. вмч. Георгиј" – Велес
21. 10. 2018 год.
Храм „Св. вмч. Георгиј" – Отовица, Велес

 

отовица 1отовица 2отовица 3отовица 4отовица 5отовица 6отовица 7отовица 8отовица 9отовица 10отовица 11отовица 12отовица 13отовица 14отовица 15отовица 16отовица 17отовица 18отовица 19отовица 20отовица 21 

Fotogalerija

galerija

Izdava{tvo

izdavastvo

Crkoven kalendar

Октомври 2015
Пон Вто Сре Чет Пет Саб Нед
28 29 30 1 2 3 4
5 6 7 8 9 10 11
12 13 14 15 16 17 18
19 20 21 22 23 24 25
26 27 28 29 30 31 1