„Славиме ден на духовна радост, Димитрие, гледајќи како изворот на твоето миро тече непрестајно. Затоа ти, разорувајќи го мракот на страстите, а исполнет со божествена светлина, давај ни да одиме набожно како дење, и да ја видиме непристапната Божја светлина“ (песна од Канонот на Утрена на св. вмч. Димитриј Солунски).

 

На 08.11.2018 година, кога го прославуваме споменот на св. вмч. Димитриј Солунски, во храмот „Св. вмч. Ѓорѓи“ во Струга, беше отслужена света архиерејска Литургија, на која чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Дебарско-кичевски и Администратор Австралиско-сиднејски г. Тимотеј, во сослужение на архимандритот Нектариј, протоереј-ставрофор Никола Христоски, протоерејот Васко Голабоски, свештеникот Ѓорѓи Блажевски, протоѓаконот Николче Ѓурѓиноски и ѓаконот Христијан Костоски. По завршувањето на Литургијата, Митрополитот Тимотеј се обрати кон верниците со пригодна беседа, која ви ја пренесуваме во целост. 

jordan Sneakers | Air Jordan 1 Retro High OG "UNC Patent" Obsidian/Blue Chill-White For Sale – Fitforhealth

 

Митрополит Тимотеј

Во името на Отецот и Синот и Св. Дух.

Драги браќа и сестри,

Во денешното свето Евангелие ја слушнавме новата заповед, којашто, нашиот Спасител Господ Исус Христос, им ја дава на Своите ученици и апостоли, да се љубат еден со друг (Јн 15, 17). Преку апостолите, оваа заповед Христос ја упатува и кон секоја христијанска душа. Господ Христос Својата света Црква ја основа како заедница на верни. Верните, преку светата тајна Крштение, се членови на истата и, преку тоа, постануваат, во духовна смисла, браќа помеѓу себе. Доколку сме вистински христијани, а не само формално и лицемерно, обврзани сме да се сакаме помеѓу себе. Обврзани сме да правиме добро еден на друг, да си помагаме и, преку тоа, ќе посведочиме дека сме Христови следбеници. „По тоа ќе ве познаат сите дека сте Мои ученици, ако имате љубов помеѓу себе" (Јн 13, 35).


Љубовта помеѓу ближните е плод на љубовта кон Бога. Оној што Го сака Бога, ги сака и сите луѓе, онака, како што Бог ги сака сите. Тоа е нешто слично како оној што го сака својот пријател и, поради него, ги сака и неговите пријатели. Од тука и светиот апостол Јован заклучува дека нема љубов кон Бога кај таквиот човек, кој не го сака својот брат. Оној кој не го сака ближниот, тој не Го сака ниту Бога (1 Јн 4, 20).


Смислата на христијанскиот живот е да се служи еден на друг, и тоа, во љубов. Во нашето материјално - физичко тело, еден негов дел му помага на другиот. Гледаме со две очи, се миеме со две раце, слушаме со две уши, одиме со две нозе, а доколку некој е куц, на другата нога ѝ помага со патерица. Така, и за духовното тело, христијанинот треба да си помага еден на друг и тоа „со љубов служете си еден на друг", како што вели св. ап. Павле (Гал 5, 13). Тоа подразбира меѓусебно, како христијани, да си подадеме рака. Доколку некој е во мака – да му помогнеме. Доколку некој е ожалостен – да го утешиме. Ако е болен – да го посетиме. Ако е гладен – да го нахраниме. Преку манифестирањето љубов кон ближните, манифестираме љубов кон Бога.


Од преголема љубов кон човечкиот род, Бог Го испрати Својот Единороден Син да прими човечко тело. Да биде сличен со нас во сè, освен во гревот. Дојде да ни го покаже патот на спасението и повторно да нè врати во првосоздадената состојба. Дојде да ни го даде вечниот и блажен живот, којшто е приготвен за сите коишто го исполнуваат законот Божји и живеат според учењето на нашата света вера и Црква.


Дека сето тоа е возможно да се реализира во овој свет, ни посведочуваат Божјите угодници. Таков еден Божји угодник, светата Црква денес прославува. Тоа е св. вмч. Димитриј Солунски Чудотворец. Овој млад човек, кој бил на висока државна функција во Солун, во време кога христијанството било прогонувано, се откажува од севкупниот свој имот, разделувајќи го на сиромаси и јавно и гласно Го исповеда Христа за вистински Бог и Месија. За тоа ќе биде подлежен на страшни измачувања. На крај ќе биде погубен од тогашниот Римски зол император Максимијан. Од љубов кон Бога го жртвува својот живот. Преку тоа покажува љубов и кон христијаните. Затоа, Бог го обдарил со вечна слава во сите овие изминати векови и денеска тој е покровител на Солун. Во негова чест подигнати се безброј цркви и манастири ширум земјината топка, каде што се прославува заедно со останатите Божји угодници. Тој, пак, на сите оние, коишто со искрена вера и надеж му се обраќаат за помош, ги принесува нивните молитви пред престолот на Севишниот и многумина добиваат исцеление на најразлични маки и болести. Преку тоа, ја зацврстуваат нивната вера во Христа, прославувајќи Го Триединиот Бог.


И ние, коишто сме собрани во овој свет храм, да се обратиме со искрена молитва кон св. Димитриј. Нека биде наш молитвеник, помагач и укрепител на нашата православна вера. Под негова закрила да одиме по Христовиот пат, којшто води во царството небесно, сега и во сета вечност. Амин!

 

Св. вмч. Димитриј
08.11.2018 год.
Храм „Св. вмч. Георгиј" – Струга

 

митровден2018 1митровден2018 2митровден2018 3митровден2018 4митровден2018 5митровден2018 6митровден2018 7митровден2018 8митровден2018 9митровден2018 10митровден2018 11митровден2018 12митровден2018 13 

Fotogalerija

galerija

Izdava{tvo

izdavastvo

Crkoven kalendar

Октомври 2015
Пон Вто Сре Чет Пет Саб Нед
28 29 30 1 2 3 4
5 6 7 8 9 10 11
12 13 14 15 16 17 18
19 20 21 22 23 24 25
26 27 28 29 30 31 1