„Власта на смртта повеќе не може да ги држи луѓето, зашто Христос слезе, ги скрши и разори нејзините сили. Адот е врзан, пророците се радуваат едногласно, говорејќи: Спасителот им се јави на оние што останаа во верата: Излезете верни, и вие земете удел во Воскресението“ (воскресен кондак на Утрена  во недела, глас 7-ми). 

 

На 11.11.2018 година, во 24-та Недела по Педесетница, а по повод две години од упокојувањето на мати Агнија, во манастирот „Пресвета Богородица - Пречиста“ во Кичево, беше отслужена света архиерејска Литургија, на која чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Дебарско-кичевски и Администратор Австралиско-сиднејски г. Тимотеј, во сослужение на архимандритот Нектариј, еромонахот Еразмо, свештеникот Александар Матески и протоѓаконот Николче Ѓурѓиноски. По завршувањето на Литургијата, беше отслужен Парастос по повод двегодишнината од упокојувањето на игуманијата на манастирот, мати Агнија, а Митрополитот Тимотеј се обрати кон верниот народ со пригодна беседа, која интегрално ви ја пренесуваме. 

latest jordans | Nike Dunk Low Disrupt Pale Ivory - Grailify

 

Митрополит Тимотеј

 

Во името на Отецот и Синот и Св. Дух!

Драги браќа и сестри,

Големите беди, тешкотиите и жалостите, многу лесно ги привлекуваат луѓето кон Бога. Неверните кон верата, безбожните кон богопознанието. Кога човекот ќе го снајдат разни маки и болести, тогаш, најчесто доаѓа до покајание и започнува да прави добри дела. Затоа, Милостивиот Бог допушта да ни се случуваат маки, страдања, болести и непријатности. Допушта, за да се покаеме и да ги оставиме гревовите и коленоприклоно да се обратиме кон Бога. Да се обратиме онака, како што се обратил и Јаир за неговата ќерка, или, пак, крвоточивата жена, за коишто денес слушнавме во Евангелското четиво на оваа света Литургија.


Господ Исус Христос правел прекрасни чуда. Многу болни оделе по Него за да бараат излекување на нивните немоќи. Така, кај Него еднаш дошол еден јудејски големец. Паднал пред Христовите нозе, молејќи Го за помош. Истиот, имал единствена ќерка на 12 годишна возраст, која се наоѓала на смртна постела. Додека Христос одел да ја види Јаировата ќерка, една крвоточива жена, се доближила до Христа и со страв се допрела до Неговата облека. Таа жена имала силна вера и, без сомнеж, се надевала дека ќе прими излекување, само ако се допре до крајот од Неговата облека. Допирајќи се, веднаш се излекувала од тешката нејзина болест. Оваа страдална жена потрошила сè што имала по лекари, но не нашла никаква помош. Сега, само со допирот до Христовата облека, добила исцеление. Кој бара со вера, добива сè.


Но Христос, за да ја покаже нејзината вера и пред другите и да го увери Јаир дека може да ја излекува и неговата ќерка, гласно прашува кој се добрел до Него? Ап. Петар, по својот темперамент реагира и Му вели на Христа: „Учителе, народот Те опколил и Те притиска, а прашуваш: Кој се допре до Мене?" (Лк 8, 45). Откако го слушнала Христовото прашање, жената повеќе не можела да се сокрие. Се исплашила и со смиреност пристапила пред Христа, исповедајќи дека таа е онаа што се допрела до Него и дека веднаш се излекувала. На тоа Христос ѝ вели: „Не бој се, ќерко, верата твоја те спаси; оди си со мир!" (Лк 8, 48). Сето тоа Господ Исус Христос го направил за да го увери Јаир да верува и да види како крвоточивата жена прима излекување. Со други зборови му вели на Јаир, ако ти веруваш како неа, ќе примиш онака како што бараш. Кога пристигнуваат во Јаировата куќа, им соопштуваат дека девојчето умрело. Но, Христос им вели дека не е умрена, туку дека спие. Некои дури и Му се потсмевале. Но Христос, му наредува на девојчето да стане. Таа станува! Господ Христос заповеда да ѝ дадат да јаде. Со тоа покажува дека таа не е привидение, туку, дека вистински е воскресната.


Во денешното Евангелско четиво добиваме поука да правиме добри дела. Христос веднаш ја излекувал крвоточивата жена и ја воскреснал Јаировата ќерка. Он пројавил голема милост кон нив. Затоа и ние, како христијани, треба да ја пробудиме милоста кон бедните и сиромасите во овој наш привремен живот. Богатството и сè што имаме, сè она што е пред нашите очи е како сон. Ништо не е вечно и трајно. Кога ќе настапи смртниот час, ништо не можеме да понесеме со нас во другиот свет, туку, само добрите дела, доколку сме ги направиле во нашиот живот.


Колку големи владетели, богаташи и силници од овој свет граделе, собирале и нивното богатство го презентирале пред луѓето. Но, од тоа денес нема ништо. Со ова не сакаме да кажеме дека не треба да се трудиме како добри домаќини и да создаваме пристојни услови за живот. Црквата нè поучува и од нас бара земното, трулежното и преодното да не ни биде основна цел која ќе нè приврзе и ќе нè закова кон себе и ќе биде причина да нè оддели од Бога, од вистината, од правдата, од возвишеното, светото и од благородното. Црквата нè повикува да го оставиме сето овоземно и суетно на страна. Да Му дадеме приоритет на Бога, на верата и да го бараме Божјото царство и Неговата правда. Сè друго што ни е потребно, Бог ќе ни го надополни.


Денеска се собравме на молитва во оваа света обител, да отслужиме двегодишен парастос на мајка Агнија. Таа токму така го живееше нејзиниот овоземен живот. Живееше испоснички, подвижнички, и пред сè, човечки. Им правеше добри дела на луѓето, со желба и надеж да спечали вечен и блажен живот во царството Божјо. Да се помолиме за нејзината душа. Да се помолиме за онаа која 35 години послужи во оваа света обител и која неуморно му служеше на нашиот православен Македонски народ, во еден многу критичен период за оваа светиња.


Уште еднаш да искажеме голема благодарност за сè што направи. Нека ѝ е вечен споменот меѓу нас, а блажено царство во Божјото пребивалиште, за коешто таа живееше и чезнееше. Амин!

 

24. недела по Педесетница
11. 11. 2018 год.
Манастир „Св. Богородица Пречиста" – Кичево

 

precistaparast2018 1precistaparast2018 2precistaparast2018 3precistaparast2018 4precistaparast2018 5precistaparast2018 6precistaparast2018 7precistaparast2018 8precistaparast2018 9precistaparast2018 10precistaparast2018 11

Fotogalerija

galerija

Izdava{tvo

izdavastvo

Crkoven kalendar

Октомври 2015
Пон Вто Сре Чет Пет Саб Нед
28 29 30 1 2 3 4
5 6 7 8 9 10 11
12 13 14 15 16 17 18
19 20 21 22 23 24 25
26 27 28 29 30 31 1