„Верно е словото: тежнее ли некој кон епископство, тој сака добра работа. Епископот треба да е непорочен... разбран, разумен, уреден, гостољубив, способен да поучува... кроток, мирољубив и не среброљубив... И да ги држи чедата во послушност со сета сериозност“ (1Тим. 3, 2-4).

 

Голема е честа и достоинството на епископот, но големо е и бремето и крстот што на себе го земат епископите. Претставувајќи икона на присуството Христово во Црквата, епископот треба да наликува на Христа, трудејќи се да биде кроток, непорочен, разумен и способен да го поучува довереното паство, како што нѐ учи и св. ап. Павле. Но, тој епископски пат неминовно е испреплетен со големи искушенија и напади од оние кои безпотребно и попусто непријателствуваат против нас. Затоа Црквата, преку молитва и полагање на рацете, ги измолува даровите на Светиот Дух и сведочи дека истите тие дарови слегуваат врз ракоположениот епископ. Само преку благодатта на Светиот Дух, епископот може правилно да го изоди патот на спасението, но и со себе да ја поведе доверената му паства. Едно такво сведоштво испрати и Светиот архиерејски синод на Македонската православна црква - Охридска архиепископија, преку хиротонијата на Епископот Полјански г. Јаков, на 24 и 25 ноември 2018 година. 

Nike air jordan Sneakers | spike shoes nike running shoe size chart boys

 

Според црковниот поредок, оној кој се подготвува да го прими епископскиот чин најпрво се претставува пред Црквата и нејзиниот верен народ, преку чинот Наречение, кој започна пред почетокот на Вечерната богослужба, на 24 ноември, во храмот „Св. Петнаесет Тивериополски Маченици“ во Струмица. Откако Неговото Преосвештенство Епископот Хераклејски г. Климент, во својство на секретар на САС на МПЦ-ОА, ја прочита Одлуката на Светиот синод, Архиепископот г.г. Стефан го повика новоизбраниот Епископ да ја потврди својата волја за примање на овој чин, на што тој одговори: „Бидејќи Светиот синод на Македонската правопславна црква - Охридска архиепископија благоволил да ме произведе во таква служба, благодарам, примам и не се противам, Блаженејши Владико!“. Откако заврши чинот на наречението, беше отслужена Вечерна богослужба, на која чиноначалствуваше новоизбраниот Епископ г. Јаков, во сослужение на архимандритите Партениј и Никола, игумените Серафим, Фотиј и Григориј, протоѓаконите Ратомир Грозданоски и Антонио Дујовски и ѓаконот Александар Димитријов. 

 

Утредента, на 25 ноември, во 26-та Недела по Педесетница, во манастирот „Покров на Пресвета Богородица и св. Леонтиј“  во Водоча, Струмица, беше отслужена света архиерејска Литургија, на која чиноначалствуваше Неговото Блаженство Митрополитот Скопски и Архиепископ Охридски и Македонски и на Јустинијана Прима г.г. Стефан, во сослужение на Митрополитите Петар, Тимотеј, Наум, Агатангел, Пимен, Иларион, Јосиф и Јосиф, Епископот Климент, новоизбраниот и наречен епископ Јаков, архимандритите Партениј, Дамаскин, Никола и Григориј, протоереј-ставрофорите Васе Гоцевски, Никола Грамбозов и Никола Христоски, игумените Серафим, Фотиј и Агатон, протоереите Марјанчо Мадески, Антониј Стојковски и Борислав Бобески, свештеникот Сашо Целески, протоѓаконите Ратомир Грозданоски, Антонио Дујовски, Дени Насков и Влатко Стоименов и ѓаконот Александар Димитријов. На светата Литургија, откако ги прочита трите архиерејски исповеданија на верата, од рацете на архиереите на нашата света црква, беше ракоположен новоизбраниот Епикоп Полјански г. Јаков. На крајот на светата Литургија, најпрво кон новоизбраниот Епископ се обрати Архиепископот Стефан, кој му порача: „Како помошен епископ трудете се достојно и достоинствено да ги извршувате задолженијата што ќе ви бидат овозможени, а пред сѐ трудете се постојано да го проповедате светото Евангелие. Бидете постојано исполнет со љубов за сите и со трпение кон сите. Одѕивајте се на духовните потреби на верниот народ. Бидете секогаш подготвен да им дадете утешителен знор, потребен совет на оние што ќе ви го побараат тоа. Оние што скршнале упатувајте ги на правиот пат. Бидете секогаш подготвен да им помогнете на оние што останале без надеж, на оние на кои им исчезнала љубовта, им згаснала верата. Поучувајте со збор, но најмногу со добар пример“. По изговореното слово, Архиепископот Стефан му го предаде архиерејскиот жезол на Епископот Јаков, а потоа и го дарува со крст и панагија. Епископот Јаков го даруваа и: Митрополитот Тимотеј, кој му подари мало архиерејско одејание и панагија, Митрополитот Агатангел, кој му подари мало архиерејско одејание, а го даруваше и директорот на Комисијата за односи со верските заедници и религиозни групи во РМ, м-р Даријан Сотировски. На чинот на хиротонијата присуствуваше и Претседателот на Владата на РМ, г-дин Зоран Заев, Министерот за внатрешни работи на РМ, г-дин Оливер Спасовски, градоначалниците на Струмица и Дојран, гости од Грција и Бугарија, и голем народ од речиси сите краишта на Македонија. Литургијата и свеченоста завршија со пристапната беседа на новоизбраниот Епископ, која ви ја пренесуваме во целост. 

 

Епископ Полјански Јаков

 

Во името на Отецот, и Синот, и Светиот Дух.

 

Ваше Блаженство,

Ваши Високипреосвештенства,

Ваше Преосвештенство, сечесни оци,

Почитуван Претседателе на Владата на Република Македонија,

Почитуван министре,

Почитуван директоре на Комисијата за односи со верските заедници,

Господа градоначалници,

Возљубени браќа и сестри во Христа,

Благословен народе Божји,

Денес, по неизглаголивата и неопислива милост и промисла Божја стојам пред сите вас овде, во еден од најдревните храмови на нашата Света Црква, на највозвишеното и најстрашно место во Црквата, во епископскиот чин. Во повеќевековните строителства на Водочкиот комплекс на цркви, секогаш сум го согледувал историскиот континуитет на патувањето на нашиот богољубив народ низ времето и историјата кон Есхатонот, носен во прегратките на љубената ни Охридска Архиепископија кон вечното Царство на Триипостасниот наш Бог.

Ние, во Црквата, никогаш не зборуваме за историја исклучувајќи ја иднината, бидејќи Светата Евхаристија е нашиот начин на постоење, во која ја живееме реалноста на Царството Небесно, кое доаѓа и веќе е. Оттаму, и овој свештен и евхаристиски собор, возглавен од Блаженејшиот наш Архиепископ и Архиереите на Македонската Православна Црква – Охридска Архиепископија, опкружен од народот Божји, е жива икона на Царството Божјо, но исто така, и моја лично-соборна Педесетница, која не може да биде само лично моја или, подобро кажано, сопствена; впрочем, како и ништо друго во Црквата.

Способноста за градење љубовна заедница најпрво со Личносниот Бог, а потоа и со секој човек е она што најсилно ја карактеризира личноста како словесна и ја устремува кон соборност. Боголиката личност своето постоење го осмислува во заедница, поради тоа што единствено во Црквата како Богочовечка заедница ние се градиме, зрееме и на крајот, се реализираме како личности, и никако поинаку. Епископот ја предводи Црквата на тој пат на оличноснување во заедница со Оној од Кого сме, и заради Кого сме создадени.

Епископот не станува Епископ поради некаква своја заслуга, туку исклучиво по благоволение Божјо, во послушание кон Светиот Архиерејски Синод, поради молитвите, и најважно од сѐ, заради потребите на Црквата. Затоа, надвор од Црквата и нејзината Евхаристија, Епископот нема идентитет, и не постои како Епископ, но и Црквата не може да го оствари своето литургиско постоење без Епископот, кој ја возглавува.

Епископот излегува од својот манастир, каде што го научиле дека местото на срцето е последното место на кое седнуваш доброволно, станувајќи им слуга на сите; дека вистинскиот живот е оној кога умираш за другите да живеат, и дека критериум за сѐ и мерката според која мериш сѐ, а особено себеси, е Богочовекот Христос. Затоа, кога свети Игнатиј Богоносец вели дека Епископот седи на место и во обличје Христово, тој сака да каже дека тоа место не е позиција на власт и моќ, туку пред сѐ, Голготското место и место на Крст и страдање, а обличјето Христово е обличје на слуга, кој доаѓа да служи, а не да му служат.

Епископот го иконизира присуството Христово во Црквата, бидејќи налик на Него е кроток и смирен по срце, го мрази гревот, а го љуби грешникот. Неговите зборови изгонуваат секаков сомнеж и му објавуваат на светот дека Христос навистина воскресна. Тој зборува за Христа, живее за Него и умира за Него. Го молам Великиот Архиереј, Единородниот Син Божји Исус Христос, и мене недостојниот да ми подари такво епископство.

На почетокот напомнав дека Евхаристијата, што буквално значи благодарење, е начинот на кој постоиме во Црквата Христова.

Затоа, Му благодарам на Бог, и особено се радувам што во овој ден не стојам пред непознати луѓе и на непознато место, што не морам да зборувам за себеси и да се претставувам, затоа што сите ме знаете, и моето срце ве знае вас и љубовта што ја имате кон мене. Ти благодарам, Господи, што не стојам на непознато место, туку во саканата ми Водоча. Овде дојдов првпат пред осумнаесет години, налик евангелскиот млад човек, барајќи и прашувајќи што треба да направам за да имам живот вечен. Му благодарам на Владиката Пимен, тогашен игумен Водочки, и на сите браќа – монаси за сета љубов и трпение, и што ми ја покажаа, пред сѐ, со својот живот есхатолошката перспектива на монаштвото. Овде примив монашки потстриг, ѓаконска, свештеничка благодат, и еве денес, повторно во оваа црква, на мојата глава слезе Пресветиот Дух, Кој ги крева паднатите и ги подига раслабените.

Бог знае колку му благодари мојата душа на мојот Старец и Владика, нашиот Митрополит Струмички г. Наум, во чие охристовено срце се родив духовно и пронајдов пат натапкан и прооден, пат светоотечки што води на Гората Таворска. И повторно, на негово барање, а со благослов на Светиот Архиерејски Синод, станувам негов сотрудник на нивата Господова.

Особено Му благодарам на Блаженејшиот Архиепископ наш г.г. Стефан и на сите архиереи за довербата да бидам причислен кон епископите на нашата Света Црква.

Му благодарам на Претседателот на Владата на Република Македонија за неговото ценето присуство, но и за сè што прави и што во иднина ќе направи за добробит на нашата света Црква.

На крај, најсмирено ги просам вашите свети молитви, поради тоа што знам дека сите дарови што сум ги добил од Бог, сум ги добил поради молитвите и воздишките на другите, а јас самиот со ништо не сум ги заслужил. А, за сѐ и над сѐ, Му принесувам благодарност, поклонение, чест и слава на Триипостасниот наш Бог, Отецот, и Синот, и Светиот Дух, сега и секогаш, и во сите векови. Амин!

 

25.11.2018 год.

ман. „Покров на Пресавета Богородица и св. Леонтиј“

Водоча, Струмица

 

    

хиротонијајаков 1хиротонијајаков 2хиротонијајаков 3хиротонијајаков 4хиротонијајаков 5хиротонијајаков 6хиротонијајаков 7хиротонијајаков 8хиротонијајаков 9хиротонијајаков 10хиротонијајаков 11хиротонијајаков 12хиротонијајаков 13хиротонијајаков 14

Fotogalerija

galerija

Izdava{tvo

izdavastvo

Crkoven kalendar

Октомври 2015
Пон Вто Сре Чет Пет Саб Нед
28 29 30 1 2 3 4
5 6 7 8 9 10 11
12 13 14 15 16 17 18
19 20 21 22 23 24 25
26 27 28 29 30 31 1