„Достојно да го прославиме храбриот угодник Христов Стефана, оти тој, стоејќи среде беззакониците, Го виде Синот од десната страна на Отецот“ (хвалитна стихира на Утрена на свети апостол и првомаченик Стефан).

 

На 09.01.2019 година, денот кога го прославуваме споменот на светиот апостол и првомаченик Стефан, во храмот „Св. вмч. Ѓорѓи“ во Струга, беше отслужена света архиерејска Литургија, на која чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Дебарско-кичевски и Администратор Австралиско-сиднејски г. Тимотеј, во сослужение на архимандритот Нектариј, протоерејот Васко Голабоски, свештениците Петар Бојчиноски, Љупчо Бакрачески и Александар Димоски, протоѓаконот Николче Ѓурѓиноски и ѓаконот Христијан Костоски. По завршувањето на Литургијата, Митрополитот Тимотеј се обрати кон присутниот верен народ со пригодна беседа, која интегрално ви ја пренесуваме. 

url clone | Air Jordan Retro - 2021 Release Dates + Preview , Fitforhealth

 

Митрополит Тимотеј

 

Во името на Отецот и Синот и Св. Дух.

Драги браќа и сестри,

Штотуку го прославивме и сè уште го чествуваме раѓањето на нашиот Спасител Господ Исус Христос, од света Дева Марија во Витлеем. Се радуваме на Божјата милост, што Го испраќа Својот Единороден Син, да слезе од небесата, да прими човечко тело, да постане Човек како нас, во сè ист, освен во гревот, а сè со цел, да нè избави од ропството на гревот и да ни го покаже патот кон царството Божјо. Слезе, да нè соедини со Бога од Кого бевме оддалечени и одвоени. Најнапред, се оддалечивме преку првородниот грев на нашите прародители Адам и Ева, а потоа, преку гревовите на сите генерации што битисувале на Земјината топка.


Господ Христос, додека беше на Земјата, покрај тоа што учеше, правеше чуда, лекуваше, Он, откако пострада и откако ја принесе искупителната жртва за родот човечки, раководи со Својата света Црква, преку Светиот Дух. Раководи преку Светиот Дух, Кого Го испрати врз апостолите на светата Педесетница. Додека проповеда, Христос ги охрабрува Своите ученици – апостолите, велејќи им: „Не бој се, мало стадо! (Лк 12, 32). Христос, преку апостолите, нè теши сите, да не се плашиме од оние што имаат сила и моќ да го разрушат телото, но немаат сила да го уништат духот, односно душата. Господ Христос, Неговите апостоли Го проповедале во едни извонредно тешки времиња, кога христијанството било прогонувано на најсвиреп начин. Тоа имало двојни непријатели. Најпрво, било прогонувано од страна на еврејските фанатици, кои слепо се држеле до буквалниот Мојсеев закон и во проповедта на Христа и на христијаните гледале рушители на Законот и заради тоа, на сите можни начини се труделе да го сотрат христијанското семе. Од друга страна, пак, Римската империја, којашто била многубожечка, во христијаните гледала непријатели на нивните богови, а преку тоа, и на самата империја, бидејќи христијаните одбивале да принесуваат жртви на идолите и на киповите коишто ги чествувале и обожувале Римјаните. Затоа, во првите III века, до Миланскиот едикт, кога од страна на императорот Константин Велики се дава слобода на вероисповед, христијаните биле постојана жртва за сите незгоди коишто се случувале во империјата. Тоа најдобро ни го опишува еден црковен учител: Ако Тибар се излие, виновни се христијаните. Ако настапи голема суша, повторно се виновни христијаните. Ако надојдат поплави, виновни се христијаните. Фрлете ги пред разјарените ѕверови во Колосеумот! Но, и покрај сето тоа, маченичката крв на првите христијани, била семе за нови христијани, според зборовите на Тертулијан.


Денеска го прославуваме и првиот маченик, првата жртва што ќе го положи својот живот за Црквата Христова. Тоа е светиот архиѓакон Стефан. Тој бил еден од седумте ѓакони на Ерусалимската црква, коишто се грижеле за сиромасите и за болните. Тој ќе биде каменуван од страна на злобните и пакосни еврејски фанатици. Но, поради неговата чистота и поради неговиот свет живот, гледајќи го небото отворено и престолот Божји, а пред својата смрт, Го моли Господа Бога, да не им го зема на Евреите за грев неговото убиство, бидејќи се заслепени и заблудени во погрешно учење и не знаат што прават. Завршетокот на неговиот овоземен живот, нека нè поучи и нас денеска, кои, ја исповедаме нашата православна вера, слободно и без страв, и кои не сме под никаква опасност од каменување или затворање. Но, не е доволно тоа што имаме слобода да се нарекуваме христијани, туку, потребно е да се анализираме себеси, каков живот живееме? Колку го оправдуваме нашето име дека сме верници и следбеници на Господа Христа? Формалното крштение и припадност на Православната Црква и вера – не се доволни! Потребно е да ја практикуваме нашата вера, онака како што тоа го бара од нас учењето на нашата Црква. Да живееме според неа! Да постапуваме според неа и да правиме добри дела! Правењето добри дела не подразбира да се има голем имот или големо знаење или умеење, туку, бара искреност и чесност во нашиот живот и во нашите постапки.


Прославувајќи го денеска св. Стефан, да се обратиме со искрена молитва кон него. Да ни ја зацврсти верата и да ни ја умножи љубовта. Зацврстени во верата и во љубовта, да Го славиме Богомладенецот Христос и да Го прославуваме преку правењето добри дела, та да измолиме милост Божја и Неговата благодат за наследување на вечниот живот.


Христос се роди!

 

Св. архиѓакон и првомаченик Стефан
09.01.2019 година
Храм „Св. вмч. Георгиј" – Струга

 

 

svstefan2019 1svstefan2019 2svstefan2019 3svstefan2019 4svstefan2019 5svstefan2019 6svstefan2019 7svstefan2019 8 

Fotogalerija

galerija

Izdava{tvo

izdavastvo

Crkoven kalendar

Октомври 2015
Пон Вто Сре Чет Пет Саб Нед
28 29 30 1 2 3 4
5 6 7 8 9 10 11
12 13 14 15 16 17 18
19 20 21 22 23 24 25
26 27 28 29 30 31 1