„Вратата на рајот повеќе не ја чува пламениот меч, зашто на негово место дојде крсното дрво; осилото на смртта отапе, и победата на адот се протера, зашто Ти си застанал пред него, мој Спасителе, викајќи им на оние во адот: Влезете пак во рајот“ (кондак во Трета недела од Великиот пост - Крстопоклона недела).

На 31.03.2019 година, во Третата недела од Великиот пост - Крстопоклона недела, во храмот „Св. вмч. Ѓорѓи“ во Струга, беше отслужена света архиерејска Василиева Литургија, на која чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Дебарско-кичевски и Администратор Австралиско-сиднејски г. Тимотеј, во сослужение на протоереј-ставрофор Никола Христоски, протоерејот Васко Голабоски, протоѓаконот Николче Ѓурѓиноски и ѓаконот Христијан Костоски. Пред почетокот на Литургијата, според типикот на православната Црква, беше изнесен светиот Крст, како поткрепа и потсетување на страдањата на нашиот Спасител. И ако Он, како Син Божји, толку многу се понижи и пострада за нас со срамна смрт - на Крстот, тогаш и ние уште повеќе треба да се трудиме во нашите посни подвизи, та и ние да се прославиме со Него, учествувајќи во Неговото славно Воскресение. По завршувањето на Литургијата, Митрополитот Тимотеј се обрати кон многубројниот верен народ со пригодна беседа, која ви ја пренесуваме во целост.

Sneakers Store | Nike

 

Митрополит Тимотеј


Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух.
Драги браќа и сестри,


Се наоѓаме на средината на Велигденскиот пост. Оваа недела, светата Православна Црква ја нарекува Крстопоклона. Така се нарекува, бидејќи во оваа недела пред светата Литургија на свечен начин се изнесува чесниот крст и се полага во средината од храмот, каде луѓето можат да му се поклонат и да го целиваат. Знаејќи дека крстот има посебна благодат Божја, сила и енергија, допирајќи се до него, православниот верник добива елан, поткрепа и сила да го продолжи подвигот на постот во овој Велигденски период.


Луѓето кои редовно ја посетуваат црквата Божја, повеќепати ги слушнале зборовите: „Кој сака да врви по Мене, нека се одрече од себе, и нека го земе крстот свој и нека оди по Мене" (Мк. 8, 34). Често пати проповедниците на словото Божјо се задржуваат во појаснувањето на овој стих, но во принцип, поголемо внимание посветуваат на земањето на крстот и следењето на Христа, а првиот дел – откажувањето од себе, го прескокнуваат оценувајќи дека тоа на прв поглед изгледа чудно и нелогично. Тоа е така, бидејќи во природата на секој човек е да се сака себеси, да се труди околу себе, да го сака телото, да го храни, стоплува, напојува и сл. Сето тоа е во ред, исправно е и достоинствено и соодветствува на Божјиот закон, како и на самата човечка природа. Но, тука Господ Исус Христос не сака да каже дека треба да се откажеме од себеси, туку од злото, од страстите, од слабостите, кои не приврзуваат да бидеме робови на телото. Така, за сметка на привремениот, го запоставуваме вечниот живот.


Носењето, пак, на крстот, значи да се прими животот онаков каков што ни е даден од Бога. Сите радости и жалости, маки и успеси, паѓања и искачувања, кои животот неизбежно ги носи кај секој човек, да ги примаме без роптање и без обвинување на било кого, а најмалку на Бога. Тоа значи носењето на својот крст и следење на Христа. Носење на крстот не значи земање во раце на поголем или помал крст, со кој треба да се фалиме пред луѓето, што може да се забележи и на литијата во Струга од страна на некои верници. Тоа самото по себе не е престап, но не значи носење на крстот во правата смисла на зборот. Православниот верник за својата вера во Христа треба да биде подготвен да поднесе секакви понижувања, подбивања и други непријатности. Но, во никој случај не треба да се откаже од својата вера за сметка на било какви привремени добивки или угодности. Светите луѓе биле подготвени и своите животи да ги принесат за својата вера, со што покажувале дека се вистински Христови следбеници, а не луѓе кои формално Го исповедаат. Тие со своите животи и страдања и со крв го запечатиле во себе името Христово. Во првите векови кога Црквата била прогонувана од Римските императори, безброј маченици ги положиле своите животи за верата и црквата, та дури и нивната крв станала семе за нови христијани (Тертулијан).


И ние, кои денес се наоѓаме во овој свет храм, да го земеме нашиот крст, односно нашиот живот, па сите прилики и неприлики што не следат во нашиот овоземен од, да ги примаме смирено, тивко и христијански, без да обвинуваме било кого, а најмалку Господа Бога. Провидението Божјо му допушта на секој човек да го носи својот крст онолку колку што има сила и моќ да поднесува. На никого не се дава потежок крст од она што може да носи на своите плеќи и во својот живот. Не може да се носи туѓ крст, ниту пак, својот да се даде за некој друг да го носи. Да се обратиме со искрена молитва кон Бога и да се поклониме пред животворниот крст Господов, за да ни даде сила и утеха, да можеме нашиот живот христијански, достоинствено да го живееме. Да го носиме својот крст и така да добиеме милост Божја за поткрепа кон вистински христијански подвиг за вечен и блажен живот, сега и во сета вечност. Амин.

 

31.03.2019 год. 

Крстопоклона недела

храм „Св. вмч. Ѓорѓи“ Струга

krstopoklned2019 1krstopoklned2019 2krstopoklned2019 3krstopoklned2019 4krstopoklned2019 5krstopoklned2019 6krstopoklned2019 7krstopoklned2019 8krstopoklned2019 9krstopoklned2019 10krstopoklned2019 11krstopoklned2019 12krstopoklned2019 13krstopoklned2019 14krstopoklned2019 15krstopoklned2019 16

 

Fotogalerija

galerija

Izdava{tvo

izdavastvo

Crkoven kalendar

Октомври 2015
Пон Вто Сре Чет Пет Саб Нед
28 29 30 1 2 3 4
5 6 7 8 9 10 11
12 13 14 15 16 17 18
19 20 21 22 23 24 25
26 27 28 29 30 31 1