„Славното отсекување на главата Претечева беше еден вид Божја промисла, за и на оние во адот да им го проповеда доаѓањето на Спасителот. Затоа нека реди Иродијада, која го испроси беззаконото убиство, бидејќи таа не го возљуби законот Божји, ниту вечниот живот, туку лажниот и привремениот“  (кондак на празникот Отсекување на чесната глава на св. Јован Крстител).

И оваа година празникот на Отсекување на чесната глава на чесниот и славен пророк, Претеча и Крстител Јован беше торжествено прославен во манастирот „Св. Јован Бигорски“. Чествувањето започна на 10.09.2011 година со празнична вечерна богослужба на која чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Дебарско-кичевски г. Тимотеј, во сослужение на Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Повардарски г. Агатангел и повеќе свештенослужители. Овој голем ден за браќата од Бигорскиот манастир стана уште поторжествен поради збогатувањето на ова прекрасно братство со уште тројца нови воини Христови. Искушениците Кристијан, Зоран и Синиша од Митрополитот Тимотеј беа потстрижани во монашки чин и за својот нов живот и подвиг ги добија имињата Христофор, Захариј и Ефросиниј. По завршувањето на вечерната богослужба Митрополитот Тимотеј му се обрати на многубројниот верен народ со пригодна беседа, која подолу во целост ви ја пренесуваме.

jordan release date | Air Jordan 1 Retro High OG 'University Blue' — Ietp

По завршувањето на вечерната богослужба, празничното ликување беше збогатено со полчасовен концерт на класична музика, во изведба на гудачкиот квартетот од Тетово, во состав на Нада Лесковска (виолина I), Глигор Кондовски (виолина II), Љубица Симовска (виолa) и Марјан Ивановски (Виолончело). Потоа настапи моментот за премиера на документарниот филм „Метох“ во изработка на режисерот Стојан Вујичиќ, продуцентот Огнен Антов и камерманот Емил Јовановски.

Празнувањето продолжи утредента со свечена архиерејска Литургија на која чиноначалствуваше Митрополитот Дебарско-кичевски г. Тимотеј, во сослужение на Митрополитот Повардарски г. Агатангел, архимандрит Партениј, игумен на Бигорската обител, протоереј-ставрофор Спасе Стефановски, протоереј Зоран Грозданов, еромонасите Доситеј и Макариј, свештеникот Димче Азески и ѓаконите Николче Ѓурѓиноски, Васко Голабоски и Илија Поп Гонов. По завршувањето на Литургијата беше осветено коливо и беше извршен чинот на Мал водосвет.

Во името на Отецот и Синот и Св. Дух!

Ваше Високопреосвештенство, високопреподобен архимандриту, чесни оци, драги браќа и сестри!

Вечерва сме собрани во овој свет манастир да го одбележиме и прославиме завршетокот на животниот пат на свети Јован Крстител и Претеча на нашиот Спасител, Господ Исус Христос. Овој праведник Божји кој ги спојува двата завета, го завршува својот овоземен живот како борец и маченик за правда, за вистина, за Законот Божји и моралните принципи што владеат според вродениот природен закон кај секое разумно човечко битие. Свети Јован бил силен и непоколеблив борец. Кога велиме борец, не мислиме дека тој зел оружје или сабја во рака, туку бил проповедник на покајанието и изобличувач на секаков грев. Бидејќи го изобличувал и тогашниот овоземен цар заради неговите неморални постапки, настрадал со отсекување на неговата пречиста глава.

Светиот апостол Павле во Второто послание до Тимотеј советува: „Поднесувај страдања како добар војник на Исуса Христа“ (2Тим. 2, 3). А на друго место, пак, вели: „оваа заповед ти ја предавам...да се бориш како добар војник“ (1Тим. 1,18).

Господ Исус Христос преку зборовите на св. ап. Павле се обраќа до секој еден од нас, секој што е крстен и верува во Господа Исуса Христа. Но, особено овие зборови се однесуваат на браќата монаси кои што вечерва ги зедоа монашките завети дека ќе бидат верни и доследни војници на Христа. Апостол Павле бара од секоја христијанска душа да војува за Христа, а тоа значи дека имаме непријател со кого треба да се бориме. Светото писмо не зборува за надворешни, физички непријатели, и покрај тоа што не ја исклучува можноста да има и такви во нашиот живот, било да е тоа поединец или, пак, народ или држава, но, Евангелието зборува  дека секој човек има внатрешен непријател кој постојано демне и го вовлекува човекот во разни страни патишта. Станува збор за гревот. Ако сме ние војници на Христа тогаш ние сме должни да имаме и оружје со кое ќе се бориме, како што вели истиот апостол во посланието до Коринтјаните: „Нашето оружје за војување не е телесно“ (2Кор. 10,4).

Кои се тие непријатели заради кои ние треба да бидеме на стража како добри војници? Тоа е пред сè гревот - еден од најстрашните наши непријатели. Страшен е заради тоа што на најразлични начини и патишта го напаѓа човекот. Тој го напаѓа преку гласот, преку ушите, преку рацете, влегува во нашата душа непосредно и се раѓа длабоко во нашиот дух. Тој е опасен и затоа што често нè напаѓа не откриено, туку прикриено, таинствено, со разни манипулации и обмани, а сè со цел да се всади во нашите срца. Бидејќи тој е лукав, прави разни лаги и соблазни за да нè вовлече по грешниот пат.

Борбата со демонот е многу сериозна и тешка затоа што тој  никогаш не нè напаѓа само со еден грев, туку секогаш еден грев носи и друг. Доволно е човекот само да го наведе на патот на лагата и веднаш кај тој човек се раѓа осудување и клевета, злоба и пакост и други пороци слични на споменатите. Сите овие гревови се поврзани во една целина. Демонот е наш непријател и затоа што нè потчинува на себе и му го одзема на човекот она што му е дадено од Бога, т.е. да биде со Бога. Тој ѕида ѕид помеѓу нас и Бога и така ја оддалечува душата човечка од Бога. Гревот го исушува срцето, му го одзема дарот на молитвата и умилението на душата со Бога и сето она што го сочинува духовното богатство на душата кај човекот, сè она што човекот го градел на духовен план низ целиот живот. Гревот го лишува човекот од спокојна совест со братското однесување во светот и кон ближните. Гревот ги расипува добрите релации помеѓу браќата каде што се живее. Долготраен грев, а непокаен, може да го доведе човекот во очајание, а тоа е еден од најтешките гревови. Неизбројни се последиците од гревот кога тој има сила над душата човечка.

Ние, пак, како христијани и како добри војници на Господа Исуса Христа сме должни најпрво да ја водиме таа духовна битка со нашиот духовен непријател. Ние сме должни да стоиме како добри стражари над портите на нашето срце и да не му дадеме можност на гревот да влезе во него и да завладее со нас. Доколку, пак, се случи заради нашите слабости да му отстапиме место на гревот, ние сме должни да се бориме против него сè додека тој наоѓа место и почва за да делува кај нас.

Ние рековме дека сме војници и дека во нас траба да има оружје. Но, какво е тоа оружје што треба да го има секој крстен во Христа? Најголемото оружје кое нè штити и ни помага да се бориме со видливиот, но пред сè, со невидливиот непријател, е нашата вера и нашите свети Тајни кои што ни ги нуди и предлага на услуга нашата света Црква. Како што знаеме нашиот Спасител Господ Исус Христос дојде во светот, прими човечко тело за да ги земе сите гревови на светот и поднесе Крстна голготска жртва за да нè ослободи од гревот и да ни даде можност повторно да бидеме во заедница со Бога. Но, за да ја постигнеме победата во борбата против злото, светата Црква ни го посочува покајанието како најголемо оружје преку кое ние се ослободуваме, се очистуваме и се соединуваме со нашиот Спасител, Господ Исус Христос.

И св. Јован, чиј спомен денеска го прославуваме ја започна својата проповед со зборовите: „Покајте се зашто се приближи Царството Божјо“ (Мат. 3,2). Овие зборови на овој Божји праведник се однесуваат на секоја христијанска душа, за секој од нас да војува против злото, да војува за правдата, да војува за верата и да се бори против сите страсти и ниски чувства кои го одвлекуваат од вистинскиот и тесниот, но пат кој што води во Царството Небесно. Да се обратиме со искрена молитва кон св. Јован Крстител чиј спомен денеска го прославуваме тој да биде наш молитвеник, наш помагач и заштитник во сите наши духовни борби со разните духовни непријатели, па да можеме да го завршиме нашиот живот со зборовите на св. ап. Павле: „Добро се борев, патот го завршив, верата ја запазив“ (2Тим. 4,7). И никогаш да не нè напушти надежта во Господа Христа, бидејќи тој вели: „Дојдете при Мене сите изморени и обременети и Јас ќе ве успокојам“ (Мат. 11,28).

Драги браќа монаси, Христифор, Ефросиниј и Захариј, што вечерва го зедовте монашкиот завет!

Сите овие зборови што ги изговорив за борбата против гревот се однесуваат на сите нас, но примете ги вие како посебна порака од страна на повисоката црковна ерархија и запаметете и никогаш не престанувајте да бдеете и да стражарите над вашите помисли и секогаш имајте на ум дека духовниот непријател е силен и лукав. Но, Господ, нашиот Бог, и светата Мајка Божја и св. Јован се посилни и секогаш подготвени да ви бидат од помош да го победите злото кое неизбежно ќе ве напаѓа во вашиот монашки подвиг. Носете го ангелскиот лик за прослава на светата православна Црква, за просперитет на Светиклиментовата Македонска православна Црква, за слава на манастирот „Св. Јован Бигорски“, а за спасение и вечен живот на вашите души. Амин!  

Митрополит Тимотеј

Отсекување на пречесната глава на св. Јован Крстител
10.09.2011 година, ман. „Св. Јован Бигорски“ Дебар

sv JOvan -monashenje 350

sv JOvan -monashenje 370

sv JOvan -monashenje 421

sv JOvan -monashenje 784

sv JOvan -monashenje 877

sv JOvan -monashenje 916

sv JOvan -monashenje 976

sv JOvan -monashenje 1024

sv JOvan -monashenje 1040

sv JOvan -monashenje 1167

sv JOvan -monashenje 1193

sv JOvan -monashenje 1225

Fotogalerija

galerija

Izdava{tvo

izdavastvo

Crkoven kalendar

Октомври 2015
Пон Вто Сре Чет Пет Саб Нед
28 29 30 1 2 3 4
5 6 7 8 9 10 11
12 13 14 15 16 17 18
19 20 21 22 23 24 25
26 27 28 29 30 31 1