„Денес неплодната врата се отвора, и пред неа врви божествената врата девствена. Денес благодатта почнува да раѓа плод, кој на светот му ја објавува Божјата Мајка, со чија помош се собираат небесните и земните, за спасение на душите наши“ (стихира на Господи повикав).

Онаа која Го роди Спасителот на целиот свет и му донесе радост на човечкиот род, отсекогаш и засекогаш ќе биде застапница пред нејзиниот Син за секој кој моли од неа помош и ја бара нејзината закрила. Ова добро го знае нашиот верен народ, па затоа Пресветата Владичица насекаде и торжествено се прославува. Прославувањето на празникот Рождество на Пресвета Богородица започна во манастирот „Рождество на Пресвета Богородица“ во с. Манастирец, Македонски Брод, во кој беше служен акатист на Пресвета Богородица, на кој чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Дебарско-кичевски г. Тимотеј, во сослужение на архимандрит Нектариј, јеромонах Јосиф, свештеник Никола Христоски и ѓакон Николче Ѓурѓиноски.

Running sneakers | Buy Yeezy Slides 'Core' - Kanye West x Adidas — Ietp

Празнувањето продолжи во манастирот „Пресвета Богородица – Пречиста“ во Кичево со вечерна богослужба на која чиноначалствуваше Митрополитот Тимотеј, во сослужение на архимандрит Нектариј, протоереј-ставрофор Ѓорѓи Лапоски, протоереј Војне Ристески, свештениците Игор Никовски и Никола Христоски и ѓаконите Николче Ѓурѓиноски и Васко Голабоски, а во повечерието беше отслужен и Акатист на Пресвета Богородица на кој чиноначалствуваше архимандрит Нектариј, игумен на Светинаумовата обител.
По завршетокот на вечерната богослужба, Митрополитот Тимотеј се обрати со пригодна беседа, која во целост ви ја пренесуваме.

Во името на Отецот и Синот и Св. Дух!
Драги браќа и сестри!

Во нашиот живот ги нарекуваме цар и царица луѓето кои се господари на една земја и владеат и располагаат со големи земни богатства. Но, ние во Црквата ја нарекуваме и Света Дева Марија - Царица. Затоа сме должни да појасниме со какво богатство, пак, таа располага и со што владее.

Како што знаеме од житието, света Дева Марија била родена во Назарет од незначителни сиромашни родители и покрај тоа што потекнувале од царско и првосвештеничко потекло. Но, далеку биле овие стари родители од секаква политичка и економска моќ која би ги направила да бидат силни и моќни како потомци на значителни царски лози. Таа живеела во сиромашен дом во еден презрен град, скромно и не разликувајќи се од животот на останатите сиромашни луѓе од таа средина. Оваа смирена и убава гулабица станала Мајка на Оној Кој Сам за Себе има речено: „Ми се даде секаква власт на небото и на земјата“ (Мат. 28,18) и како Мајка на Цар Кој царува таа навистина постанала Царица која може да посредува пред семоќниот Цар Кој располага со сите богатства што постојат на небото и земјата.

Но, таа и покрај тоа што владее со такви богатства кои и даваат да царува со убавината, не ја изгубила чистотата што ја направила да биде достојна мајка на Царот Кој царува. Нејзиното богатство се состоело во полнотата на добродетелите. Уште како дете таа претчувствува дека со неа е поврзано доаѓањето на долго очекуваниот Месија во светот, затоа што таа била воведена во Светињата на светињите во Ерусалимскиот храм, каде никој од луѓето не влегувал освен првосвештеникот јудејски и тоа само еднаш во годината. Неа и се јавува ангел и ја подготвува нејзината душа за најголемата тајна. Но, и оваа најголема тајна не го повредило нејзиното смирение и девственост, зашто таа се молела да биде последна слугинка на Неговата мајка. Кога во Назарет и се јавил архангел Гаврил и и ја соопштил волјата Божја дека таа е избраната девојка од Бога, та преку неа да дојде Месијата на светот, таа самата тоа го дочекала и засведочила со смирение велејќи: „Мојата душа Го велича Господа и мојот дух се зарадува во Бога, Спасителот мој“ (Лк. 1,46-47). Научувајќи веднаш дека отсега ќе ја прославуваат сите луѓе и во сите векови, таа ниту после ова сознание не се изменила во ништо во своето однесување и останала иста во смиреноста и послушноста како што била и претходно.

Света Дева Марија останала потполно послушна на волјата Божја. Кога и била јавена големата тајна која го надминува човечкиот разум, односно дека таа како девојка ќе го роди Спасителот на светот и дека таа е удостоена заради нејзината девственост и чистота, запрашала: „Како ќе биде тоа, кога јас не знам за маж?“ (Лк. 1,34). И било појаснето дека и тоа што ќе се роди ќе ги надминува сите природни закони: „Силата на Севишниот ќе те осени; па затоа и роденото  ќе биде свето и ќе се нарече Син Божји“. Таа само смирено одговорила: „Еве ја слугинката Божја, нека ми биде според твоите зборови“ (Лк. 1, 35-38).

Кога го гледа својот Божествен Син на Велики петок кога Го распнуваат, оружјето на жалоста ја прободува нејзината пречиста душа. Но, таа не се посомневала во Божественоста на нејзиниот Син, таа не роптала на Бога и на луѓето, туку, напротив, останала така смирена и послушна на волјата Божја како што била и пред тоа.

Света Дева Марија со нејзината девственост ги надминала бестелесните сили како што пее црковната песна: „Почесна од херувимите и неспоредливо пославна од серафимите“...и се восхитувале на нејзината чистота, девственост и неосквернетост со ниту една нечиста помисла. Како мајка Божја и најчиста Дева таа ги запазила во најголема можна мера двете основни Божји заповеди: „Возљуби го Господа, својот Бог, со сето свое срце, и со сета своја душа и со сиот свој разум; а втората е слична на неа: Возљуби го својот ближен како себеси“ (Мат. 22,37-39). Поради тоа таа станала онаа која ги сака сите луѓе што бараат спасение и ја раширува својата мајчинска љубов кон целиот човечки род.

Овие четири добродетели: смирението, послушноста на волјата Божја, девственоста и љубовта се јавуваат како главни светилници на пречистата душа на света Богородица. Токму затоа е и удостоена да биде  Мајка на Господа Исуса Христа. Поради мајчинството таа има сила да се моли за сите нас и за сè пред нејзиниот и наш Бог.

Пресветата Богородица со овие царски одлики и го зазема тоа значење за луѓето, бидејќи таа може да претстои за нас пред својот Божествен Син при секоја наша потреба, било да е тоа во жалост или во радост. Преку тоа што бараме повисоко наше застапништво во света Богородица и ја молиме и и се обраќаме лично неа, ние со тоа и самите се утврдуваме во нашите души кон сличните добродетели кои ни се дадени во природата на секој поединечно.  

И преку подвигот и трудот сме должни да ги повратиме во нашиот живот, кои од нашите гревови се потиснати на страна. Така молејќи се на Мајката Божја ние можеме да нацрпиме духовни сили за нашата бедна и грешна душа од нејзиното совршенство и неискажливото царско богатство. Заради тоа и нè увери дека нејзината молитва е силна и моќна пред Творецот на земјата. Таа својата сила ја пројавува и преку нејзините чудотворни икони. Таква чудотворна икона има и овој наш свет манастир, која се наоѓа над чудотворната и лековита вода во западната припрата.

Да се обратиме со искрена молитва кон света Дева Марија чие рождество денес го прославуваме, таа да биде наша молитвеница и заштитничка, да нè пази од секакви беди и искушенија и да нè води по вистинскиот пат, та да нè одведе во Царството небесно, сега и во сета вечност. Амин!

Митрополит Тимотеј

Рождество на Пресвета Богородица
20.09.2011 година, ман. „Пресвета Богородица - Пречиста“ Кичево


rozdprbog2011

rozdprbog2011 2

rozdprbog2011 4

rozdprbog2011 6

rozdprbog2011 8

rozdprbog2011 10

 

Fotogalerija

galerija

Izdava{tvo

izdavastvo

Crkoven kalendar

Октомври 2015
Пон Вто Сре Чет Пет Саб Нед
28 29 30 1 2 3 4
5 6 7 8 9 10 11
12 13 14 15 16 17 18
19 20 21 22 23 24 25
26 27 28 29 30 31 1