„Раѓањето твое, Богородица Дево, радост и јави на целата вселена, зашто од тебе засветли Сонцето на правдата – Христос нашиот Бог, и, откако ја разурна клетвата, благослов ни даде, а кога смртта ја уништи, вечен живот ни дарува“ (тропар на Рождество на Пресвета Богородица).

Празникот на Рождество на Пресвета Богородица, и оваа година, торжествено и со сите почести беше прославен во манастирот „Пресвета Богородица – Пречиста“ во Кичево. Во чест на Мајката Божја беше отслужена света архиерејска Литургија, на која чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Дебарско-кичевски г. Тимотеј, во сослужение на архимандрит Нектариј, протоереј-ставрофор Ѓорѓи Лапоски, протоереј-ставрофор Тоди Јован од Поградец, Р. Албанија, протоереј, Војне Ристески, свештениците Игор Никовски, Сашо Ристески и Никола Христоски и ѓаконите Николче Ѓурѓиноски и Васко Голабоски. На светата Литургија беа присутни и Неговата Екселенција, Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорѓе Иванов, градоначалникот на Кичево, г-дин Благоја Деспотоски, пратеникот г-дин Антонио Милошоски, како и повеќе видни личности. По завршувањето на Литургијата беше извршен чинот на Мал водосвет и беше прекршен празничниот колач, а Митрополитот Тимотеј се обрати кон многубројните верници со пригодна беседа, која интегрално ви ја пренесуваме.

Best Nike Sneakers | Jordan Ανδρικά • Summer SALE έως -50%

Во името на Отецот и Синот и Св. Дух!
Драги браќа и сестри!

Во тропарот на денешниот празник светата Црква пее: „Рождеството твое Богородице Дево, радост му јави на целиот свет“. Можеме веднаш да си го поставиме прашањето каква радост донело нејзиното раѓање, имајќи вo предвид дека се раѓа од незначајни родители, малку познати во средината на Јудејскиот народ, кој во тоа време бил поробен од страна на Римјаните, бил понижуван и бил без никаква почит од другите народи што го окружувале? Но, Богородица подарила на луѓето радост затоа што настапил долго очекуваниот период, односно се исполнило времето кога со Божјата сила и со силата на подвигот на Господа Исуса Христа се обессилува царството на демонот, царството на злобата и смртта и се  појавува царството на вистински добродетели, бесмртност и вечен живот. Како предверие се јавува нашата светиња од Господа основана на земјата, Црквата Христова.

Таа радост со своето раѓање го јавува на земјата Преблагословената Дева Марија. Во светот и во човечкиот род се јавува таа која ќе го смести Несместливиот во својата утроба. Богородица ќе биде удостоена заради нејзината чистота и светост да биде Мајка на Синот Божји, Кој ќе Се овоплоти на земјата примајќи го човечкото тело. Неговата основна цел е да го избави човечкиот род од грев и да го спаси од вечен погибел. Се родила на земјата таа која ќе стане почесна од херувимите и неспоредливо пославна од серафимите со нејзината чистота. Со својата, пак, духовна убавина, ќе биде преку сите векови прославувана од сите христијански срца.

Сите христијани се радуваат на секој празник на Пресвета Богородица. Ние торжествено го прославуваме овој ден затоа што во нејзиното лице имаме и своја небесна Мајка - мајка на сите синови на светата православна Црква. Ако нејзиниот Син, Господ Исус Христос според зборовите на Светото писмо не се срамува да нè нарече Свои браќа, тогаш како таа нема да нè нарече свои деца? Ако ние се соединуваме преку божествената тајна со телото и крвта на нејзиниот Син, тогаш како таа не е наша мајка? Ние како верни чеда на нашата света Црква ликуваме на нејзиниот празник знаејќи дека во нејзиното лице имаме секогаш наша небеска покровителка, молитвеница и застапница во сите наши потреби, маки, побарувања и искушенија. Ние знаеме дека ниту една нејзина молитва не може, а да не биде услишена. Во молитвата за света Богородица се вели: „Многу може да направи Мајчинската молитва пред добросрдечниот Владика“. Таа вера ние како христијани ја исповедаме и таквото молење нашата света Црква го практикува. Затоа ние со умилност, со сигурност и со детска љубов кон неа и со радост се обраќаме во нашите молитви. Тоа го правиме и во моменти на радост и во моменти на жалост и го бараме нејзиното мајчинско посредништво и застапништво пред лицето на нејзиниот Син и наш Господ Исус Христос.

Што можеме да бараме, односно да просиме во нашите молитви од нашата небесна мајка? Ние можеме да молиме од неа за секаква наша потреба во нашиот живот. За излекување на нашите болни од секаква болест, за простување на нашите гревови, за да ни даде сила и можност при нашите трудења во работата што ја извршуваме, за да нè заштити од секакви беди и несреќи и со еден збор за сè што посакува нашето срце.

Но, ние можеме да ја молиме небесната мајка за сите овие нешта, но да не забораваме дека сето тоа е земно, привремено и сето тоа ни е потребно само до смртниот час. Има и поинакво добро кое е вечно и спасоносно, а тоа е да се биде во постојана заедница со Господа. Има духовно совршенство кое сите ние сме должни да го оствариме. И не треба никогаш да заборавиме дека света Богородица пред сè сака ние да го бараме вечното богатство, односно вечните благодети.

Како што ни има ветено света Богородица ние можеме и треба да и се обраќаме за помош секогаш. Во време кога сме во жалости и тага, но и во радост и восхитување. Детето се обраќа на својата мајка и тогаш кога нешто го жалости и го тера да плаче, но и тогаш кога е радосно и весело. Тоа оди и го носи сето свое кон својата мајка, сето она што го преживува детското срце. Така и ние како деца на небесната мајка ги принесуваме кон неа сите наши радости и сите наши горчини. Да допуштиме со храброст и со детска леснотија да прибегнуваме кон неа и секој еден кој верува и оди по патот кој ни го даде нашиот Спасител секогаш да помни дека носи во себе бесмртна душа за која Он ја пролеал Својата крв за вечна слава и за која умрел на крстот. Да допуштиме жедта за вечноста и спасението да роди искрено покајание за нашите гревови, та благодатта на покајанието да ја измие нашата душа од секаков грев и со вера и надеж да пристапиме пред нозете на Божјата Мајка и да просиме од неа сè што имаме потреба, како за земни и уште повеќе за вечни богатства. Да молиме со искрена вера и да бидеме сигурни дека Богородица таквите искрени молби и наши воздишки нема да ги остави непринесени пред нејзиниот Син.

Токму затоа со радост и достоинство ние ги прославуваме сите празници на Пресвета Богородица. Тие ја оживуваат во нашето срце верата во небесниот Отец и во неа и ни напомнуваат за тоа дека небесниот Отец и небесната мајка сè гледаат и го слушаат секое наше офкање и не може ништо да се сокрие од нив, ниту една солза падната од нашите очи. Тие ја утврдуваат надежта дека и во било какви беди и искушенија кон патот на вечноста и спасението, ние нема никогаш да ја изгубиме небесната помош и нема да нè остават сираци и сами.

Деновите кога ги прославуваме празниците на Пресвета Богородица секогаш силно ни зборува нашата душа дека ние сме должни да бидеме вистински христијани. Ние сме должни да бидеме верни деца на небесниот Отец Кој постојано нè повикува да одиме по Него и да ги исполнуваме Неговите заповеди за да ја спасиме нашата душа и дека нè чека кај Себе како Свои деца.

Да се обратиме со искрена молитва кон светата Богородица таа нека биде наша молитвеница и помошница и да нè заштитува и пази во нашиот живот, да одиме по вистински пат и да добиеме вечен и блажен живот. Амин!

   

Митрополит Тимотеј

Рождество на Пресвета Богородица
21.09.2011 година, ман. „Пресвета Богородица - Пречиста“ Кичево

rozdprbog2011 12

rozdprbog2011 14

rozdprbog2011 16

rozdprbog2011 18

rozdprbog2011 20

rozdprbog2011 22

rozdprbog2011 24

rozdprbog2011 26

rozdprbog2011 28

Fotogalerija

galerija

Izdava{tvo

izdavastvo

Crkoven kalendar

Октомври 2015
Пон Вто Сре Чет Пет Саб Нед
28 29 30 1 2 3 4
5 6 7 8 9 10 11
12 13 14 15 16 17 18
19 20 21 22 23 24 25
26 27 28 29 30 31 1