„Ти, Кој доброволно на Крстот се искачи, на Твојот нов народ што го носи Твоето име, дарувај му ги Твоите добрини; дај му сила на Твојот народ набожен, давајќи му победа на непријателите, имајќи го за помош Твоето оружје на мирот, непобедливата победа“ (кондак на Воздвижение на чесниот Крст).

Знаејќи ги и верувајќи во зборовите на Црквата дека „Крстот е чувар на сета вселена...слава на ангелите и рана за демоните“ многуброен верен народ дојде на денот (27.09.2011) кога го прославуваме празникот на Воздвижение на чесниот и животворен Крст (Крстовден) во манастирот „Св. вмч. Ѓорѓи“ во Рајчица, Дебар, за да учествува на светата архиерејска Литургија, на која чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Дебарско-кичевски г. Тимотеј, во сослужение на архимандрит Партениј, еромонасите Доситеј, Макариј и Јосиф, свештеникот Игор Никовски и ѓаконите Николче Ѓурѓиноски и Васко Голабоски. По завршувањето на Литургијата беше извршен чинот на Мал водосвет и беше прекршен празничниот колач, а Митрополитот Тимотеј се обрати кон верното стадо со пригодна беседа, која во целост ви ја пренесуваме.

affiliate tracking url | NIKE AIR HUARACHE

Во името на Отецот и Синот и Св.Дух!
Драги браќа и сестри!

Денеска нашата света православна Црква го прославува воздигнувањето на светиот Крст на нашиот Господ Исус Христос. Светиот Крст се изнесува од светиот олтар и се поставува насреде храмот, за да може верниот народ да му се поклони и да го целива. Со изнесувањето на чесниот Крст, светата Црква сака да нè поучи и да ни даде упатства на нашиот животен пат. Светиот Крст уште еднаш нè потсетува, дека секој еден човек кој вели дека е верник за време на овоземниот животен пат е должен да оди и да го следи Господа Исуса Христа и да го понесе својот животен крст. Господ го очекува тоа од сите нас кои сме крстени и миропомазани.

Господ, повикувајќи ги апостолите на апостолска служба им рекол: „Кој сака да врви по Мене, нека се одрече, и нека го земе својот крст и нека оди по Мене“ (Мар. 8, 34). Господ Исус Христос сите нè повикува да Го следиме. Тој нè повикува уште од најраните детски денови кога сме крстени, нè повикува во секој момент, нè повикал уште кога нашите родители нè носеле на раце и нè причестувале во црква. Господ секогаш ги повторувал овие зборови на чистата детска душа на секого од нас: „Доаѓај по Мене и следи Ме“. Господ не престанува да нè повикува да одиме по Него секогаш кога влегуваме во светиот храм, но Он не нè повикува само во Неговите храмови, туку нè повикува и надвор од нив. Тој нè повикува и ден и ноќ, и додека сме на работа и додека одмараме. Безброј пати и на најразлични начини Спасителот го повторува Неговиот повик: кога ни зборува преку нашата совест, кога ни испраќа жалости и кога ни дава и радости и благопријатности.

Господ Исус Христос во светото Евангелие вели: „Кој сака да врви по Мене...“, но никого не го принудува, присилува, не ја применува силата за да ги натера луѓето да одат по Него. Он никогаш не им ја одзема слободната волја на луѓето. Никогаш не им го одзема бесценетиот дар. Секој човек по својата слободна волја решава да оди по Христа или, пак, да не Го следи. Уште во Стариот завет е речено за Бога: „Пред тебе ставил оган и вода; кон што сакаш, рака ќе пружиш“ (Сир. 15,16). На друго место во Стариот завет Он вели: „Синко, дај ми го Мене срцето“ (Изрек. 23,26). Со други зборови, синко Мој, не го разделувај твоето срце помеѓу Мене твојот Бог и меѓу гревот на којшто ти му служиш. Предај го целото твое срце на Мене. Како што слушаме, Бог само повикува, моли, Он не сака ние со сила да веруваме во Него и да Го љубиме со принуда. Он сака ние да одиме по Него слободно, по наше убедување и според одлуката на нашето срце. Да почувствуваме самите дека нема поголема радост за нас на земјава, нема поголема среќа и поголемо богатство од тоа да веруваме во Господа Бога, Него да Го знаеме, на Неговата волја да се покоруваме и по Него да одиме. Него и Небесниот Отец да ги чувствуваме во нашите грешни срца.

Ако Господ принудно нè тера да одиме по Него, каква би била цената на нашата добродетел? Ако нашата вера би била насилно наметната, тогаш каде е достоинството на таквата вера? Исто така, ако ние грешиме принудно, тогаш не би одговарале за нашите гревови. Но, ние грешиме според нашата слободна волја и според нашиот слободен избор. Ние одиме по Него според нашето убедување, слободно и без никаков притисок и принуда. Ние веруваме дека нема подобро сокровиште на земјата отколку да се поклонуваме на името Божјо, да живееме според лачите на благодатта на Неговата Татковска љубов. Он постојано нè повикува: „Сврти се кон Мене...“ (Ис. 44,22). Таму каде што срцето се обраќа кон Бога, во тоа срце се разгорува верата во Бога и во тоа срце во изобилие се наоѓа благодатта Божја.

Да се загледаме малку во природата и во Сонцето кое свети над нас. Ние го сакаме светот, односно светлината, а болните се плашат и се сокриваат од неа. Ние го вдишуваме воздухот, тој нè оживува, ни дава здравје, а болниот кој има нездраво срце се задишува од чистиот воздух. Така и благодатта Божја. Таа е голема сила, животворно свети на срцето кое е отворено и пристапува да ја пресретне. Ако, пак, тоа срце не е откриено и во него нема вера и нема одек на Божјиот позив, благодатта Божја го затвора својот тек за тоа срце.

Господ ни порачува: „Кој сака да врви по Мене, нека се одрече од себе, и нека го земе крстот свој и нека оди по Мене“ (Мар. 8, 34). Тој ни вели да се откажеме од себе. Тоа, пак, значи да се откажеме од сè што е грешно, нечисто и сè што ја валка нашата бела кошула што сме ја примиле во светата тајна крштение. Таа светла облека на нашата бесмртна душа со која Св. Дух повторно нè облекува преку благодатта на светите тајни, пред сè преку исповедта,  после нашето солзно покајание.

Да се оди по Христа и да се носи својот крст, потребно е секој еден од христијаните да се труди да има чиста помисла, чиста душа, чисто тело, кое треба да го храни и да го чува. Потребно е да се предадеме сецело на волјата Божја и сè во нашиот живот, и доброто и лошото и болести и радости, да ги поднесуваме и да знаеме дека е тоа волја Божја и дека доаѓа од раката Божја. Потребно е да го сакаме и нашиот ближен и препорачливо е за време на краткиот земен живот секој еден од нас да се труди да направи што повеќе добри дела. Секогаш да се сеќаваме на зборовите на Господа Исуса Христа, како ќе ни се обраќа праведниот Судија на страшниот суд: „Вистина, ви велам: доколку сте го направиле тоа на еден од овие Мои најмали браќа, Мене сте ми го направиле“ (Мат. 25,40).

Драги браќа и сестри, да го носиме нашиот крст како што му е угодно на Бога и со сето срце и душа да се покоруваме на волјата Божја како што нè учи најпознатата Господова молитва: „Да биде волјата Твоја, како на небото, така и на земјата“, а за таа, пак, верност, Господ да ни даде Царство Небесно. Амин!

Митрополит Тимотеј

Воздвижение на чесниот Крст - Крстовден
27.09.2011 година, ман. „Св. вмч. Ѓорѓи“ Рајчица, Дебар

krst2011

krst2011 2

krst2011 4

krst2011 6

krst2011 8

krst2011 10

krst2011 12

krst2011 14

krst2011 16

Fotogalerija

galerija

Izdava{tvo

izdavastvo

Crkoven kalendar

Октомври 2015
Пон Вто Сре Чет Пет Саб Нед
28 29 30 1 2 3 4
5 6 7 8 9 10 11
12 13 14 15 16 17 18
19 20 21 22 23 24 25
26 27 28 29 30 31 1