„Сите набожно да ја воспееме сечесната Параскева, светата застапница на оние што се неволи, зашто таа го остави гнилежниот живот, и прими негнилежен за вечноста; затоа, по Божја заповед, најде слава и благодат да прави чудеса“ (кондак на празникот на преподобна мајка Параскева).

На 27.10.2011 година, денот кога го прославуваме споменот на преподобната мајка Параскева – Петка, во манастирот „Св. Петка“ во с. Велгошти, Охрид, беше отслужена света архиерејска Литургија на која чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Дебарско-кичевски г. Тимотеј, во сослужение на свештениците Никола Кипријанов, Игор Никовски и Горан Ставрески и ѓаконот Николче Ѓурѓиноски. Манастирот беше посетен од многуброен верен народ кој дојде да учествува на светата Литургија и да и оддаде чест на оваа голема подвижничка. По завршувањето на Литургијата, Митрополитот Тимотеј се обрати кон верните со пригодна беседа, која во целост ви ја пренесуваме.

url clone | Nike News

Во името на Отецот и Синот и Св.Дух!
Драги браќа и сестри!

„Блажени се оние што го слушаат словото Божјо и го исполнуваат“ (Лука 11,28).

Словото Божјо го донесе во светот Господ Исус Христос. Он го проповедал него по градови и села, по долини и планини, на брегови и мориња и слично. И секогаш кога го проповедал словото, се собирало мноштво народ и го слушале и се насладувале од Божјото слово кое паѓало на плодна почва, та да даде плод. Тоа паѓало врз жедните души како што сува земја го впива дождот. Бидејќи апостолите биле верни на повикот Христов: „Одете и научете ги сите народи“ (Мат. 28,19), тие и нивните ученици го пренеле словото Божјо, проповедајќи го Господа Исуса Христа. Оваа заповед и обврска апостолите ја пренеле и на нивните наследници и последователи. Затоа Црквата Христова е соборна и апостолска и го раздава тоа право на црковната ерархија, на епископите и свештениците. Така, Христос и Божествената правда и после нив се проповеда по луѓето и низ целиот свет и до ден денешен.

Христос го учел народот и со збор, но и со дело. Скоро сите апостоли ја засведочиле вистинитоста на проповедта на Евангелието со маченичка смрт. Исто така, и секој верник е должен да сведочи за правдата Божја со збор и со добродетелен живот.

Луѓето го слушале Христа и го всадувале словото Божјо, како што сведочат и  Делата апостолски. Словото Божјо паѓало на добра почва и донесувало добар плод, ги препородувало и обновувало луѓето, утешувало и спасувало.

Светата Црква живее со словото Божјо, на него се темели и ќе опстои до крајот на векот. Еден од големите учители на светата Црква, свети Јован Златоуст, проповедајќи во Антиохискиот храм собирал мноштво народ. Се затварале дуќани, кафеани, пазари, училишта, театри и сите луѓе брзале кон храмот за да ги слушнат проповедите за Словото Божјо од овој пламенит говорник. Тој им се обраќал на тие што го слушале со следните зборови: „Вие ме потсетувате на исушена нива која очекува небесна роса! Да допуштиме росата на словото Божјо секогаш да живее во вас и да ве упатува во секое добро дело.“ Додека, пак, постои светот, Црквата Божја нема да престане да го проповеда словото Божјо, бидејќи во него е изворот на животот и обновувањето, изворот на нашето спасение.

Зошто е толку важно и неопходно да се слуша словото Божјо? Затоа што е тоа Божјо. Но, ако е тоа Божјо, тогаш во него има сè што ќе ни послужи во животот и благочестието и тоа може да го насити целиот свет и да ги просвети сите со светоста на Бога. Словото Божјо нам ни е блиску, затоа што тоа е слово на нашиот сакан Отец Небесен, а добрите деца секогаш ги почитуваат зборовите на своите родители и во нив бараат добар совет, поука, надградување и поддршка. Нашиот милостив Бог испратил свети пророци и апостоли да го запишат словото Божјо, та преку запишаното да може да се беседи и на идните поколенија, та и тие да се надградуваат и просветлуваат.

Од словото Божјо ние знаеме дека Бог е љубов. А ние, кои го носиме неговиот образ и подобие, должни сме да ги сакаме Бога и луѓето. Бог е свет, што значи дека и ние сме должни да се стремиме кон светоста. Бог е совршен, што значи дека и ние сме должни да се стремиме кон совршенство. Така и се вели во Светото писмо: „Бидете совршени како што е совршен вашиот Отец Небесен“ (Мат. 5,48). Бог е милосрден и Он сè проштева, затоа и ние сме должни по примерот на Отецот да бидеме милостиви и да им проштеваме на луѓето: „Ако, пак, не им ги простите гревовите на луѓето и вашиот Отец нема да ви прости вашите“ (Мат. 6, 15).

И денеска, кога ја прославуваме света Петка, чие име го носи и овој манастир во Велгошти, Охридско, да се поучиме од нејзиното житие, поточно од нејзиниот живот. Таа била родена во Епиват, денешна Турција, од богати родители. Уште од раната младост го слушала словото Божјо и не само што го слушала, туку и според него живеела. Потоа се упатила во Јорданската пустина каде поминала долги години во тешки подвизи. При крајот на нејзиниот живот волјата Божја била да се врати во родниот град и таму да се упокои. Таа го слушала гласот Божји и така го завршила својот живот во 11 век. Потоа, нејзините мошти ќе се пренесат во Цариград. Низ историјата тие ќе престојуваат и во Трново, Бугарија и во Белград, Србија, а денеска се во Јаш, Романија. Затоа ќе слушнеме за оваа преподобна света душа дека била Србинка, Бугарка и Влаинка. Но, таа пред сè, е слугинка Божја која го слушала и исполнувала словото Божјо. За таа нејзина вера Бог ја прославил да може да помага на неброен народ, кој со вера и набожност бара од неа посредништво пред Бога.

Драги браќа и сестри! Да допуштиме секогаш кога го слушаме словото Божјо во храмот или дома тоа да биде помош на беспомошните, радост на ожалостените, излекување на болните, просветување на омрачените, простување на грешниците. Секогаш да ги помниме зборовите: „Блажени се оние кои го слушаат словото Божјо и го пазат“ (Лука 11,28) и на нив Господ им ветува вечен и блажен живот. По молитвите на преподобната мајка Параскева – Петка, Бог нека ги услиши нашите молитви и молби и нека ги исполни. Амин!

Митрополит Тимотеј

Преподобна Параскева - Петка
27.10.2011 година, ман. „Св. Петка“ Велгошти, Охрид

Preppar2011

Preppar2011 2

Preppar2011 4

Preppar2011 6

Preppar2011 8

Preppar2011 10

Fotogalerija

galerija

Izdava{tvo

izdavastvo

Crkoven kalendar

Октомври 2015
Пон Вто Сре Чет Пет Саб Нед
28 29 30 1 2 3 4
5 6 7 8 9 10 11
12 13 14 15 16 17 18
19 20 21 22 23 24 25
26 27 28 29 30 31 1