Според учењето на Црквата, сиот човеков принос на Бога во Евхаристијата поминува низ рацете на Епископот, кој според зборовите на св. Игнатиј Богоносец, „е на местото Божјо“, односно на местото Христово, бидејќи е „слика Господова“, односно „икона Христова“. Водејќи се од овие зборови на светите отци и будно чувајќи ги, и нашата света Македонска православна црква отсекогаш поставувала богомудри водачи на својот народ.

Дебарско-кичевската епархија оваа година го слави големиот Јубилеј - 30 години од доаѓањето на својот духовен водач и настојател, Митрополитот Тимотеј. Радоста, пак, беше уште поголема и поради пуштањето во употреба на новиот Административен центар на Дебарско-кичевската епархија.

Running sports | Women's Nike Air Jordan 1 trainers - Latest Releases , Ietp

Прославата започна на ден 19.11.2011 година со Воскресна вечерна богослужба во катедралниот храм „Св. Софија“ во Охрид, на која чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Брегалнички г. Иларион, во сослужение на архимандрит Нектариј, протоереј-ставрофор Ефтим Бетински, протоереј Димче Ѓорѓиески, свештениците Љупчо Симиџиески и Игор Никовски, протоѓаконите Димче Миланов и Саше Ристов и ѓаконот Николче Ѓурѓиноски. Пред почетокот на вечерната богослужба, по повод 30 годишниот Јубилеј, свештениците од Дебарско-кичевската епархија му подарија на Митрополитот Тимотеј мандија.

Утредента, на 20.11.2011 година, во катедралниот храм „Св. Софија“ во Охрид, беше отслужена света архиерејска Литургија, на која чиноначалствуваше Неговото Блаженство Архиепископот Охридски и Македонски г.г. Стефан, во сослужение на Митрополитите Петар, Тимотеј, Наум, Агатангел, Методиј, Пимен, Иларион, Епископот Климент, како и повеќе свештенослужители од целата Македонска православна црква, како и протоереј-ставрофор Тоди Јован од Албанската православна црква. За време на облекувањето на Архиереите, протоереј-ставрофор Ефтим Бетински, во име на свештенството од Дебарско-кичевската епархија, му подари на Митрополитот Тимотеј инсигнии – крст (копија на музејски експонат кој се наоѓа во музејот на Патмос, Грција) и панагија (копија направена според експонат во музејот во Кремљ, подарок од тогашниот Руски цар на Рускиот Патријарх). Митрополитот Тимотеј го даруваа и Митрополитот Агатангел, кој од името на САС на МПЦ му подари архиерејско одејание, како и Митрополитот Иларион, кој му подари панагија.

Јубилејот беше збогатен и со две нови производства. Протоерејот Сашо Богданоски, поради неговата успешна долгогодишна парохиска служба во повеќе цркви во Охрид,  беше произведен во чин протоереј-ставрофор и беше одликуван со право на носење граден крст. Свештеникот Игор Никовски, кој повеќе години предано и трудољубиво ја извршува функцијата секретар на Дебарско-кичевската епархија, беше произведен во чин протоереј.

Поради големите и несебични заслуги за Дебарско-кичевската епархија, Митрополитот Тимотеј додели седум Ордени „Св. Наум“ од прв ред. Ордените им беа доделени на Архиепископ Охридски и Македонски г.г. Стефан, Митрополит Горазд, поранешен Митрополит Европски, проф. д-р Цветан Грозданов, академик, проф. д-р Петар Хр. Илиевски, академик, г-дин Никола Матлиески – Пашата, г-дин Трифун Костовски и г-дин Градимир Цветковиќ.

Архиепископот Стефан се обрати со пригодна беседа, а по завршувањето на Литургијата, свештенството и многубројниот верен народ се упатија кон новата Митрополитска зграда на Дебарско-кичевската епархија, каде присуствуваа на чинот на осветување, а истиот го извршија Архиепископот Стефан, Митрополитите Тимотеј и Агатангел, архимандритите Нектариј и Партениј, протоереите Димче Ѓорѓиески и Игор Никовски, протоѓаконот Ратомир Гроздановски и ѓаконот Николче Ѓурѓиноски. По осветувањето сите беа поканети да ја разгледаат новата Митрополија, а прославата заврши со свечена трпеза на љубовта.

Од името на свештенството на Дебарско-кичевскта епархија, му го честитаме големиот Јубилеј на нашиот Митрополит и посакуваме и се молиме, Господ, нашиот Бог, да го чува на сите патишта негови, та и понатаму верно да му служи на Христа и да нè води и нас по патот на Неговите заповеди. На многаја лета!

Во продолжение, интегрално ви ја пренесуваме беседата на Архиепископот Стефан.

 

Ваши Високипреосвештенства,
Високопречесни отци,
Претставници на државни институции и на градот Охрид, на храмовите и манастирите од Дебарско-кичевската епархија и други епархии на МПЦ,
-Возљубени во Господа,

Денес, во овој древен свет катедрален храм на Охридските архиепископи, во Охрид, градот на нашата гордост и наша славна престолнина, на молитвено заедништво нè собраа два исклучителни поводи: одбележувањето на триесетте години епископство на Неговото Високопреосвештенство, Митрополитот г. Тимотеј и осветувањето на возобновеното некогашно училиште „Свети Климент Охридски“, до неодамно познато како „Словенска писменост“, а од денес како иден епархиски центар и седиште на Дебарско-кичевската епархија.

Се собравме за да учествуваме и да му ја зголемиме радоста на домаќинот-славеник и за да му искажеме заслужна почит за неговите неуморни три децении архипастирска служба во МПЦ; дојдовме за да покажеме дека неговото денешно славење е прослава и на сета наша Црква, која благодарение на непоколебливите архиереи, свештенство и монаштво, заедно со благочестивиот наш народ, и покрај сите тешкотии, делотворно се потврдува како дел од Едната, Света, Соборна и Апостолска Црква.

А, Господ, според Својата премудра промисла ја востановил Црквата како духовен простор, временски и надвременски, ограничен и неограничен, конкретен и општ, помесен и вселенски... Ја востановил со една цел – спасение на луѓето. Таа е за секој човек, но и за сите луѓе, за да можеме сите да стигнеме до единство на верата и познавање на Синот Божји (Ефес. 4/13).

Светиот Нектариј Егински, во своето слово за Црквата, ќе рече дека таа се одредува и како религиозна установа и како религиозна заедница. Всушност, Црквата има догматски и религиозен карактер, односно мистичен и духовен, а од друга страна се дефинира нејзиниот надворешен карактер – таа е заедница на луѓе обединети во единството на духот и во врската на мирот (сп. Ефес 4, 3).

Црквата, всушност, е полнота на Христа, односно Тој е глава на Црквата, а верниците го сочинуваат нејзиното тело. Многубројноста на нејзините членови не ја прави неединствена, зашто како што телото не може без сите свои органи (1 Кор. 12, 27), и само тогаш е едно, односно единствено, така и во Црквата сите ние сочинуваме едно, но не само меѓу себе, туку заедно со главата. Таа заедница св. ап. Павле ја нарекува Тело Христово, полнота на Оној Кој исполнува сè во сè (Ефес 1, 23). Откровението на Црквата, според св. Никола Кавасила, се наоѓа во Светата eвхаристија, затоа што во неа е присутен Христос и затоа што во неа Црквата се пројавува како Тело Христово.

Единството, пак, на Црквата е изразено на многу начини: една е главата на Црквата – Господ Исус Христос, таа е Неговото Тело, а сите ние членови; една е верата и една е вистината; едно е учењето; едни се светите тајни; едно е верното и правилно чување и исповедање на апостолското предание; едно е преемството; една е Литургијата; самиот Спасител, всушност, зборуваше за едно трло и едно стадо...  Една е основата на Црквата, според зборовите на мудриот Павле: Зашто никој не може да постави друга основа освен положената, која е Исус Христос (1. Кор. 3, 11). Во таа смисла, светиот Игнатиј Богоносец, инспириран од св. ап. Павле (Бидејќи лебот е само еден, едно тело сме ние многуте, зашто сите се причестуваме од еден леб (1. Кор. 10,17; Ефес. 1,23; Кол.1,24), гледајќи го единството на Црквата во Евхаристијата, ќе рече: затоа што едно е Телото на Господ Исус Христос и една е чашата на Неговата Крв, еден е жртвеникот, како што е и еден епископот заедно со своите презвитери и ѓакони.

Возљубени, Црквата е столб и тврдина на вистината (I Тим 3, 15). Таа ја примила од апостолите верата во Единиот Бог Отец, Седржител; и во Единиот Исус Христос, Синот Божји; и во Светиот Дух... Примајќи го ова учење, оваа вистина, Црквата ја чува и проповеда по целиот свет. Таа вистина, таа вера во Троединиот Бог нè обединува и нè дефинира, нè прави според зборовите на апостолот: не туѓи и придојдени, туку сожители на светиите... оти се утврдивте на темелите поставени од апостолите и пророците, имајќи го како аголен камен на темелот Самиот Исус Христос (Ефес. 2, 19-20).

Преку апостолите и нивните ученици, спасоносната Христова наука им беше предадена на епископите, од епископите на презвитерите, и така сè до денес. За ова јасно ни сведочи св. Климент Римски: Апостолите ни благовестиле, и нив ги испратил Господ Исус Христос. Исус Христос е испратен од Бога. Значи, Христос е од Бога, а апостолите се од Христа.

Улогата на епископот, пред сè, е во тоа што му претстои на eвхаристиското собрание. Во раните сведоштва на христијанството се посочува дека е сигурна само онаа Евхаристија, „на која и претстои епископот, или, пак, оној на кого епископот ќе му дозволи да претстои“. Севкупниот принос од човекот на Бога во Евхаристијата, поминува низ рацете на епископот, кој, според зборовите на св. Игнатиј Богоносец, е „на местото Божјо“, односно на местото Христово, бидејќи е „слика на Отецот“, односно икона на Господа Христа. И само тогаш Црквата е единствена, кога и епископот и презвитерите и ѓаконите се собрани заедно со верниот народ на едно место. Затоа св. Богоносец од Антиохија советува: „Следете го сите епископот, како што Исус Христос Го следи Отецот и следете ги презвитерите како апостоли, а ѓаконите почитувајте ги како Божја заповед. Никој од оние кои и припаѓаат на Црквата нека не прави ништо без епископот“ (св. Игнатиј).

Епископот, исто така, е задолжен да ја чува вистината, да ги поучува и воведува свештениците во спасоносната наука, да ги поучува верниците во делото на Спасителот. Секако, тоа го прави со сиот црковен клир и со народот Божји, зашто сите се едно, сите се царско свештенство. Тој е гарантот на Црквата, затоа што преку него се символизира Самиот Христос.

Епископот треба да е човек кој се одрекол од себе заради Христа, за да преку Христа се соедини со себеси! Се одрекол од светот заради Христа за да би можел преку Христа да биде со светот и да му служи на светот! (о. Јустин Поповиќ). - Човек само кога ќе Го прими Господа Христа за посредник меѓу себе и луѓето, меѓу себе и светот, и меѓу себе и себе..., тогаш тајната на светот, човекот и луѓето се претвора во тајна Божја. Свети Григориј Богослов им порачува на епископите: најпрво треба да се очистиме себеси, па потоа да очистуваме други; најпрво треба себеси да се исполниме со мудрост, па потоа другите да ги умудруваме; најпрво треба самите да постанеме светлост, за да можеме другите да ги просветлуваме; најпрво треба самите да се приближиме до Бога, за да можеме другите да ги доближуваме до Него.

Возљубени,
И во историјата на Црквата во Македонија голем е бројот на епископите кои вистински ја разбрале службата на епископот и одиграле голема улога, најпрво во утврдувањето на евангелската проповед, а потоа и во организирањето на Црквата на нашиве простори. Ќе потсетам: мисијата на св. ап. Павле фатилa добар корен на нашата земја, па набрзо, уште во средината на I век се организирале епископии во Филипи, Солун, Бер и други места, за потоа набрзо такви да се организираат и во Стоби, Баргала, Охрид, Хераклеа и во Скупи... Прогонетиот од Исток, св. Еразмо (+ 303), кој во Охрид нашол мир и гостопримство, како и епископите Теодор и Тимотеј од бројот на 15 Тивериополски свештеномаченици (+ 362), потоа македонските и сесловенски просветители Кирил и Методиј, кои се родиле и духовно издигнале во Македонија, под чија грижа израснал во вреден придружник и достоен продолжувач на нивното дело светиот Климент Охридски, кои со својата епископска служба околу Белово Езеро, при крајот на IX и почетокот на X век ги поставил темелите на Охридската Архиепископија, за по него да епископствуваат плејада архипастири на Охридскиот трон и ширум по дијацезата на Охридската Архиепископија. Меѓу нив посебно место имаат св. Григориј еп. Охридски (+ 1012) и св. Иларион Мегленски (+ 1164), како и сите достојни за почит архиереи, кои архипастирствувале по македонската земја. Прилика е да се потсетиме и на последниот Архиепископ, Арсениј, како и на големиот борец за духовна слобода на Охрид и Македонија, во лицето на митрополитот Скопски, Теодосиј, како и епископот Кукушко-Полјански, Партениј, кој особено се залага за зачувувањето на културата и јазикот на македонскиот народ, и за потребата од возобновување на древната и славна Охридска Архиепископија. Од поновата историја незаобиколен е архиерејскиот лик на Доситеј, првиот Архиепископ охридски и македонски, нашиот втор свети Климент, заради неговото дело како возобновител на славната Охридска Архиепископија во лицето на Македонската православна црква.

Возљубени во Господа,
Еве, се наоѓаме во епархија на МПЦ, која е пример за тоа како треба да се устројува црковниот живот, не само административно, туку, пред сè и над сè, духовно. Со доаѓањето на митрополитот г. Тимотеј на чело на Дебарско-кичевската епархија, најпрво како администратор во 1981 година, а потоа како нејзин надлежен архиереј во 1995 година, во неа се случи вистинска духовна ренесанса. Веќе три децении во оваа епархија постојано се градат и обновуваат и цркви и манастири, но уште повеќе се градат и обновуваат и садови на Светиот Дух. Се почитува и негува делото на светиот Климент Охридски и неговиот собрат, светиот Наум Охридски. Нивните манастири се возобновени, и заедно со Бигорскиот и манастирот Света Пречиста - Кичевска, претставуваат непресушливи извори на благодат. Митрополитот Тимотеј во сите изминати 30 години и на Австралискиот континент и овде, се докажа и покажа како добар организатор. Со своите заложби беше и останува иницијатор за многу промени во животот на нашата Света Црква, кои одат во прилог на нејзиното натамошно дејстување и духовен растеж. Митрополитот Тимотеј со сето свое досегашно дело во возобновената Македонска православна црква, потврди дека навистина да се служи на Црквата е големо и возвишено дело. Да се посвети својот живот во мисијата на Црквата, е дело за историја и, ќе речам, и дело за вечност. Светиот Дух нè поставува на позиции во Црквата, според Божјата промисла, но ние, без разлика на нашите сили, треба постојано да се молиме за милоста Божја секогаш да нè поткрепува, за да можеме вистински да одговориме на призивот и достојно да го изодиме богоопределениот пат. Господ ни ја доделил Црквата, најнапред на епископите, но и на сите нас, на свештенството и на верниот народ, и затоа сите заедно треба да ја чуваме и да учествуваме во нејзината мисија. Зашто Црквата ни е единственото и најсигурно прибежиште и мирно пристаниште на сите.

Митрополитот Тимотеј е сведок дека во Црквата нема лесни и широки патишта, и дека искушенијата демнат постојано и насекаде. Знае братот Тимотеј дека да се биде вистински архиереј, пред сè, значи да се живее за Христа и во Христа, за Црквата и со својот народ. Учествувајќи во неговата денешна радост, од името на сите му посакуваме уште многу годишнини и уште многу бразди и плодови во доверената му нива Господова, верувајќи дека делото на секого од нас ќе стане јавно и дека времето ќе ги покаже сите наши дела (I  Кор. 3, 13).

На многаја лета, Високопреосвештен владико, и честито нека биде осветувањето на новиот дом на Дебарско-кичевската епархија!

 
 

Архиепископ Охридски и МАкедонски г.г. Стефан

30 години митрополитска служба на Митр. Тимотеј
20.11.2011 година, храм „Св. Софија“ Охрид

Jub2011

Jub2011 2

Jub2011 4

Jub2011 6

Jub2011 8

Jub2011 10

Jub2011 12

Jub2011 14

Jub2011 16

Jub2011 18

Jub2011 20

Jub2011 22

Jub2011 24

Jub2011 26

Jub2011 28

Jub2011 30

Jub2011 32

Jub2011 34

Jub2011 36

Jub2011 38

Jub2011 40

Fotogalerija

galerija

Izdava{tvo

izdavastvo

Crkoven kalendar

Октомври 2015
Пон Вто Сре Чет Пет Саб Нед
28 29 30 1 2 3 4
5 6 7 8 9 10 11
12 13 14 15 16 17 18
19 20 21 22 23 24 25
26 27 28 29 30 31 1