„Со зборови си ги упатил народите кон верата Божија; со делата си се издигнал преблажене, кон божествен и блажен живот. Со чудеса си ги просветил оние што пристапуваат верно кон Тебе, преславно осветлувајќи ја темнината со знаменија. Поради тоа го славиме твојот божествен спомен Клименте“ (тропар на св. Климент Охридски).

affiliate link trace | Sneakers

Македонската православна црква, секоја година, со најголеми почести и торжества го прославува својот голем учител и патрон, светиот Климент Охридскиот Чудотворец. Тој особено се прославува во манастирот „Св. климент и Пантелејмон“ – Плаошник во Охрид, манастир што самиот го изградил и во кој денес почиваат неговите свети мошти. Празнувањето започна на 07.12.2011 година со свечена Вечерна богослужба, на која чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Дебарско-кичевски г. Тимотеј, во сослужение на протоереј-ставрофор Ефтим Бетински, протоереј-ставрофор Сашо Богданоски, протоереите Димче Ѓорѓиески и Игор никовски, свештениците Никола Христоски и Димче Азески и ѓаконите Николче Ѓурѓиноски и Васко Голабоски. По завршувањето на вечерната служба, Митрополитот Тимотеј го прекрши петолебието.

Прославувањето продолжи утредента, со свечена архиерејска Литургија, на која чиноначалствуваше Митрополитот Тимотеј, во сослужение на архимандритите Нектариј и Јосиф, протоереј-ставрофор Ефтим Бетински, протоереј Игор Никовски, свештеник Атанас Казанџиски, јеромонасите Доситеј, Григориј и Јосиф и ѓаконите Николче Ѓурѓиноски, Владо Недески и Васко Голабоски. По завршувањето на Литургијата, Митрополитот Тимотеј се обрати со пригодна беседа кон мноштвото верен народ, кој дојде да учествува на Литургијата и да се поклони на моштите на нашиот заштитник и молител пред Бога, св. Климент Охридски. Нашиот Митрополит го прекрши и славскиот колач и им подели нафора на верниците. Во продолжение интегрално ви ја пренесуваме беседата изговорена на Литургијата.

Во името на Отецот и Синот и Св.Дух!
Драги браќа и сестри!

Нашиот Спасител, Господ Исус Христос, во светото Eвангелие според Матеј вели: „Јаремот Мој е благ и бремето Moe е лесно“ (Мат. 11,30). Кога ние ќе ги слушнеме зборовите јарем и  бреме, секогаш во нашата помисла ни наидуваат помисли на страдање, измачување, на нешто што е поврзано со некое ропство, како на физички, така и на духовен план. А ние знаеме за такви периоди кога луѓето биле потчинети на други и истите биле експлоатирани од другите за свои лични цели и нивно задоволување. Неоспорно, таквиот јарем и таквото бреме е тешко. Сите луѓе, некој повеќе, некој помалку, сме вкусиле од таквите непријатни моменти и знаеме колку тој јарем и колку тоа бреме е тешко и неподносливо. Не е лесно кога треба да вложиме посебен труд за да постигнеме некој успех, каде што нашето тело се истрошува, изморува, па дури и умртвува.

Но, постои и поинаков јарем и поинакво бреме кое Господ го нарекува лесно.  Господ, честопати, преку Светото писмо ни напомнува во нашите свети храмови дека тој јарем и тоа бреме се заповедите Христови. Тоа бреме е исполнување на волјата Христова додека сме на земјава и тоа важи за сите, без исклучок. Христос го повикува секого од нас поединечно: „земете го јаремот Мој на себе...“ (Мат. 11,29). Тој јарем е благ затоа што ја приближува нашата душа кон светите Божји угодници и нè ородува со нив, а преку нив и со нашата небесна Мајка и со Самиот наш Спасител. Едно време, во нашите краеви, па и во поширокиот свет, се сметало за голема чест и среќа кога една девојка од сиромашен род ќе се омажи за богато момче или, пак, обратно. Сето тоа е корисно и полезно за овој свет, но гледано од вечноста, сето тоа е моментално и времено во овој суетен свет. Но, колку поголема и вистинска среќа има во тоа да се ородиме со оние кои се богати духовно, богати со својата светост и големи со својата вечна слава. И секој од нас кој ги исполнува заповедите Христови се украсува со добродетели и се стреми кон спасение на својата душа. Тие добродетели многу потесно и посилно ја поврзуваат душата со вечните врски со нашиот Небесен Отец и со сета небесна црква, насладувајќи се во блаженството на вечниот живот.

Јаремот на кој нè повикува Господ е благ затоа што нè приведува кон блаженството и вечната среќа. Никакви земни богатства и ризници на драгоцености, ниту, пак, слава или почит, ниту ум, ниту убавина, ниту таленти, и ништо не може да се споредува со среќата што се дава на бесмртната душа. Ништо не се споредува со нејзините радости ветени од Господа на секој еден од нас како верни слуги кои го исполнуваат Неговиот Завет во земниот живот и на секој кој живее според верата и со неа го завршува животот во овој свет.

Јаремот на Неговите заповеди Спасителот го нарекува благ и лесен, затоа што тој и дава мир и спокојство на многуизмачената душа на луѓето. „Земете го јаремот Мој на себе и поучете се од Мене...и ќе најдете спокој за душите ваши...“ - се обраќа Спасителот на секого од нас (Мат. 11,29).

Кога еден човек ќе се искачи на повисока планина, или, пак, на некој покрив од некој облакодер, нему, од таа перспектива, сите луѓе му изгледаат како малечки точки. Така силно се стреми и духот на луѓето кон Бога. Уште повеќе, духот кај верникот го издигнува човекот над животните грижи и над неизбежните искушенија, маки и страдања. Јаремот на заповедите Божји му дава на тој дух сила за да ги помине сите искушенија што ги преживува за време на неговиот земен живот, но, во исто време, и да вкуси од Божјата сладост на земјата, претчувствувајќи ја вечната радост во идниот, односно во вечниот живот. Таквиот човек се учи да набљудува сè на неговиот пат со очите на вечноста, која многу одамна му се покажала, но и ги надминала вознемирувањата и жалостите во овој свет, а сега сето тоа не го вознемирува срцето, предавајќи се исцело во рацете Божји. Тоа може да се спореди и со едно  исплашено дете, што се успокојува кога ќе се најде во прегратките на својата мајка.

Бремето на заповедите Господови е лесно затоа што тие заповеди не се јавуваат како туѓи на нашата духовна природа и не ни се наложуваат со сила, туку тоа е нешто што го очекува и нашиот дух, нешто што е вродено во нас и што е потребно за нашата душа. Ако сакаме да направиме споредба, тоа можеме да го споредиме со човек кој се навикнал да работи физички работи: да копа, жнее, ѕида, ора. Но, ако го поставите истиот да работи интелектуално, умствено, тоа ќе му биде тешко и тој ќе се измачува. И обратно, еден човек ако работел интелектуална работа и го задолжите да работи физички работи, да копа, да сече дрва или било кој работа што бара физичка кондиција, ќе му биде тешко и сосема неприфатливо. Но, Божјите заповеди се достапни и лесни за секого, затоа што тие се состојат од тоа што го бара и нашата природа. А тоа се: милосрдие, неосудување, телесна и духовна чистота, праведност. За овие нешта секоја душа чезнее и посакува со нив да живее. Додека, пак, злото, лошото, гневот, блудот и слични гревови, се туѓи на нашата душа и се противни на природата и се третираат како нешто што го осквернува и навредува човечкото достоинство. Секој еден ги има почувствувано тие тешкотии на духот после паѓање во било каков престап или грев.

Но, најдобар пример дека заповедите Божји се лесни и јаремот е благ ни дава св. Климент Охридскиот Чудотворец, чиј спомен денеска го прославуваме. Тој го зел јаремот и бремето на своите плеќи и го носел преку целиот негов овоземен живот. Уште како млад ги следи неговите свети учители во Моравија, каде што го сее словото Божјо, исполнувајќи ја Божјата заповед: „Одете и научете ги сите народи, крштевајќи ги во името на Отецот и Синот и Светиот Дух“ (Мат. 28,20).  Тој на својата мисија ќе поднесе прогонства од страна на латинското свештенство и ќе оди на оправдување во Рим, каде ќе ја брани словенската писменост и каде ќе добие одобрение од тогашниот Папа. Но, и покрај тоа, св. Климент заедно со останатите ученици на светите браќа Кирил и Методиј, ќе биде изгонет од Моравија и Словачка и ќе претрпи страдања, но од служењето на Евангелието и од исполнувањето на заповедите нема да се откаже. И покрај тоа што тогашниот бугарски цар Борис ќе го прими во неговиот двор во Плиска, од политички причини пак ќе го протера во најоддалечениот простор на тогашното Бугарско царство, заради задоволување на византиските емисари, кои слично на латинските не го прифаќаат словенскиот јазик и писмо. Заради тоа св. Климент ќе дојде во Охрид и ќе создаде голем црковен, просветен и научен центар за тоа време, од каде што ќе се шири словото Божјо и каде што народот Божји ќе се учи на исполнување на заповедите и волјата Божја. Заради неговиот свет живот и заради неговото исполнување на заповедите и носењето на јаремот и бремето Христово, Бог го овенча со светост и моќ да биде покровител на Македонската земја, на македонскиот народ и на прекрасниот Охрид. Да се угледаме на св. Климент и ние и објективно да ги прифатиме Евангелските зборови дека јаремот и бремето Христово се благи и лесни и по молитвите на св. Климент да се потрудиме подостоинствено да ги носиме и исполнуваме. Амин!  

   

Митрополит Тимотеј

св. Климент Охридски
08.12.2011 година, ман. „Св. Климент и Пантелејмон“ Плаошник, Охрид

svklimzim2011

svklimzim2011 2

svklimzim2011 4

svklimzim2011 6

svklimzim2011 8

svklimzim2011 10

svklimzim2011 12

svklimzim2011 14

svklimzim2011 16

svklimzim2011 18

svklimzim2011 20

svklimzim2011 22

svkozmzimski2011

svkozmzimski2011 2

svkozmzimski2011 4

svkozmzimski2011 6

svkozmzimski2011 8

svkozmzimski2011 10

svkozmzimski2011 12

svkozmzimski2011 14

svkozmzimski2011 16

Fotogalerija

galerija

Izdava{tvo

izdavastvo

Crkoven kalendar

Октомври 2015
Пон Вто Сре Чет Пет Саб Нед
28 29 30 1 2 3 4
5 6 7 8 9 10 11
12 13 14 15 16 17 18
19 20 21 22 23 24 25
26 27 28 29 30 31 1