„Денес неплодната врата се отвора, и пред неа врви божествената врата девствена. Денес благодатта почнува да раѓа плод, кој на светот му ја објавува Божјата Мајка, со чија помош се собираат небесните и земниите, за спасение на душите наши“ (песна на Господи повикав... на Вечерна на Рождество на Пресвета Богородица).
Прославувањето на Рождеството на Богомајката и оваа година започна во манастирот „Рождество на Пресвета Богородица“ во с. Г. Манастирец, Македонски Брод, во попладневните часови, каде што беше отслужен Акатист на Пресвета Богородица, на којшто чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Плаошко-струшки и Дебарско-кичевски и Администратор Австралиско-сиднејски г. Тимотеј, во сослужение на протоерејот-ставрофор Никола Христоски, свештениците Саше Костадиноски и Горан Ставрески, еромонахот Ефросиниј и ѓаконот Марко Спасовски. Празнувањето продолжи во вечерните часови во манастирот „Пресвета Богородица Пречиста“ во Кичево, каде беше отслужена празнична Вечерна богослужба, на којашто чиноначалствуваше Митрополитот Тимотеј, во сослужение на протоереј-ставрофорите Никола Христоски и Илија Димитриевски, протоерејот Стевчо Тошевски, свештениците Горан Ставрески, Александар Матески, Александар Крстаноски и Павел Крцоски, еромонахот Еразмо, протоѓаконот Николче Ѓурѓиноски и ѓаконот Марко Спасовски. По завршувањето на Вечерната богослужба, Митрополитот Тимотеј се обрати кон многубројниот верен народ со пригодна беседа, којашто интегрално ви ја пренесуваме.
Митрополит Тимотеј
Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!
Драги браќа и сестри!
Денеска светата православна Црква го прославува раѓањето на Пресвета Дева Марија. Светата Црква ја прославува Божјата Мајка со прекрасни славословија и ја велича со песни во кои се нагласува големината на нејзиното богоиспраќање во светот. Таа е почесна од херувимите и пославна од серафимите. Таа е повозвишена од ангелите и подостојна од сите небесни сили. Пред нејзиното величие се поклонуваат сите човечки родови и секое смирено срце и принесува молитвен поздрав пеејќи: „Радувај се благодатна, Господ е со тебе!" Во овој ангелски поздрав непрестајно подражаван од луѓето се открива една основна вистина на нашата вера: дека од неа која е осенета од Светиот Дух – од света Пречиста, во светот се родил Спасителот на човечкиот род – Господ Исус Христос. Од нејзината пречиста утроба како од ризница на Исток изгреала човечката надеж – Сонцето на правдата. Од неа, која е прибежиште на безнадежните и немоќните се издигнува нагоре лествицата која достигнува до небесните височини. Таа е пристаниште на оние кои се носени од бура и преку неа како по мост се пренесуваат кон брегот на животот во Бога сите кои ѝ пристапуваат. Таа е пречиста Мајка на Господ Исус Христос, па затоа таа е и наша духовна Мајка. Нејзиното мајчинско срце е свртено кон Црквата Божја и се одѕива на сите воздишки и молитвени прозби, кон секое страдање и повик за помош. Пред неа во молитвено поклонување во изминатите дваесет века на христијанството се излеал цел океан на покајни солзи. Наоѓајќи се во големи искушенија и воздивнувања во огнен блесок, преку нејзината неземна чистота, безброј души се издигнале од ништожноста на гревот и го победиле телесното битие. Ете зошто денес светата Црква така торжествено го прославува нејзиното раѓање по целата вселена. „Бидејќи од тебе, Пресвета Дево, изгреа Сонцето на правдата – Христос Бог наш, Кој откако ја разруши клетвата, даде благослов, а кога ја уништи смртта ни даде живот вечен" (Тропар на празникот).
Кога Бог испраќа некого во светот со посебна мисија за откривање на Неговата волја, тоа го прави на посебен начин и во посебни и невообичаени услови, во изразена беда и надворешна пониженост. И Самиот Спасител се родил во такви услови. При слични услови се раѓаат речиси сите богоиспратени луѓе. Јован Крстител се родил како дете на ветување за отворање на неплодната утроба по благоволението Божјо. Условите во кои се родил биле неочекувани за ваков голем пророк пред Бога, кој ќе врви пред Господа, за да ги израмни патеките на Неговото служење во светот.
И света Дева Марија е родена како дете на ветување, бидејќи нејзините стари и бездетни родители Јоаким и Ана при невообичаени услови ја примиле благовеста дека ќе станат родители на Пресветата. И овде Божјата благодат ја разврзала заклучената утроба на Ана, за да се роди благомиризливиот крин на Божјата градина – Пречистата Дева Марија. Нејзиното раѓање е прославувано од светата Црква како радост на целата вселена – радост во која се учесници сите верни луѓе. Каква е таа радост која така силно изгреала за небројните мноштва верници во изминативе дваесет века? Таа доаѓа од Самиот Господ Исус Христос и ги надминува сите радости кои луѓето на земјата ги бараат.
И ние, кои денеска сме собрани во овој свет манастир посветен во нејзина чест, да го прославиме нејзиното раѓање. Овој настан денес радосно го прославува целиот свет. Со молитвена и торжествена радост да ја примиме оваа вест и со смирени срца да влеземе под покровот на Божјата Мајка за да бидеме секогаш заштитувани од секакви зла и искушенија. Така ќе се населиме во радоста и утехата на вечниот живот. Ќе станеме сожители на оние кои го очекуваат благословението на Господа нашиот Бог, Кој откако ја разруши клетвата, ја уништи смртта и ни подари живот вечен. Пресвета Богородице, биди наша помошница. Амин!
Вечерна на Раѓање на Пресвета Богородица,
Манастир „Пресвета Богородица Пречиста", Кичево
20.09.2021 год.