„Јоаким и ана со твоето свето раѓање, Пречиста, се ослободија од срамот на бездетноста, а Адам и Ева - од распадливоста смртна. Затоа и празнуваат луѓето твои, избавени од гревовната вина, кога ти пеат: Неплодна (жена) раѓа Богородица и, на Животот наш - Хранителката“ (кондак на Утрена на Рождетсво на Пресвета Богородица).

 

Торжествената прослава на Рождеството на Мајката Божја беше крунисана на 21.09.2021 година, во манастирот „Пресвета Богородица Пречиста“ во Кичево, со света архиерејска Литургија, на којашто чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Плаошко-струшки и Дебарско-кичевски и Администратор Австралиско-сиднејски г. Тимотеј, во сослужение на протоереј-ставрофорите Никола Христоски и Илија Димитриевски, свештениците Горан Ставрески, Александар Матески и Павел Крцоски, еромонахот Еразмо, протоѓаконот Николче Ѓурѓиноски и ѓаконот Марко Спасовски. По завршувањето на Литургијата, беше извршен чинот на Мал водосвет и беше осветено коливото, а беше прекршен и празничниот колач. Потоа, Митрополитот Тимотеј се обрати кон верниот народ со пригодна беседа, којашто ви ја пренесуваме во целост.

 

Митрополит Тимотеј


Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!
Драги браќа и сестри!


Раѓањето на Пресвета Богородица е празник на човековото обновување и избавување. Денес се родила света Дева Марија која постанала посредница помеѓу величието Божјо и ништожноста на човечкото тело за да се јави Искупителот на Светот Господ Исус Христос.


Празнувајќи го овој голем празник на верата, светата Црква воспева со прекрасни песни и химни кои ја изразуваат историската смисла на настанот, како и неговото значење за искупувањето на човечкиот род. Една од тие прекрасни песни е и кондакот на празникот. Во него се вели: „Јоаким и Ана со твоето свето раѓање, Пречиста, се ослободија од срамот на бездетноста, а Адам и Ева – од распадливоста смртна...". Значи со раѓањето на света Дева Марија на човечкиот род му се донесе голема радост. Адам и Ева се ослободија од смртната погибел, а од друга страна, родителите на Богородица се ослободиле од презирот на бесплодноста.


Ние кои земаме активно учество во ова црковно торжество, размислувајќи за значењето на празникот, треба да извлечеме некоја поука. За да го постигнеме тоа треба да одговориме не неколку прашања: Каде се родила света Дева Марија? Кои биле нејзините родители? Од каков срам на бесплодноста се ослободиле? Од каква смртна распадливост се ослободиле Адам и Ева?


Во Јудејската земја, во областа Галилеја има еден мал град кој се нарекува Назарет. Овој град никогаш не бил на добар глас меѓу Јудејците. Тоа било така затоа што во истиот град живееле и незнабошци кои не Го познавале вистинскиот Бог туку се поклонувале на разни идоли. Евреите, пак, ги сметале сите оние кои имале било каков контакт со незнабошци за нечисти, па затоа и ги презирале жителите на овој град. Тоа го гледаме и во Евангелието, тогаш кога Натанаил му вели на Филип: „Го видовме Месијата", а тој, пак му одговара: „Зар може нешто добро да излезе од Назарет?" Но, и покрај сите овие понижувања и омаловажувања, Бог определил овој град да биде свештен за сите, заради големината на спасителниот настан, што ќе се случи во него. Тука, во презрениот и омразен град Назарет се родила света Дева Марија, која се удостоила да биде Мајка на Бога.


Родителите, пак, Јоаким и Ана потекнувале од царскиот род на царот Давид. Сепак, ние знаеме дека во тоа време Израел бил под римско ропство, па иако тие потекнувале од царски род живееле скромно. Но, независно од тоа, тие го сочувале најскапоценото наследство од царот Давид, а тоа се верата и благочестието. И двајцата биле праведни пред Бога и во сѐ ги исполнувале Божјите заповеди. Честопати Господ им испраќа искушенија на праведните луѓе за да ги воздигне пред другите уште повеќе и да ги награди за нивната вера. Така било и со Јоаким и Ана. И покрај тоа што биле праведни, сепак немале пород. Тие поминале педесет години во брак без челад. Бездетсвото кај Евреите се сметало за Божја казна за гревовите. Многупати поради тоа, тие биле навредувани од луѓето, но и од свештениците при Ерусалимскиот храм. Тие одбивале да ја принесат жртвата на Јоаким.


Но, овие праведни старци не роптале на Бога, туку се молеле Бог да ги награди и да го симне ова срамотење. Бог ја слушнал нивната молитва и покрај тоа што по човечка логика е невозможно да добијат пород на таква возраст. Примерот на Јоаким и Ана ни дава поука дека сите искушенија, маки и страдања се надминуваат со молитва која е единственото средство кое нѐ издигнува кон Бога и може да нѐ избави од секакво лошо расположение на душата и да ни даде утеха и спокојство.


Па и ние, ако се најдеме во било какви беди и непријатности да ги подражаваме праведните Јоаким и Ана и да излееме топли солзи пред Бога. Да бидеме сигурни дека Бог ќе ги услиши нашите прозби и ќе нѐ ослободи и избави од секакви беди и непријатности што нѐ снаоѓаат во животот. Преку молитвата Јоаким и Ана се ослободија од срамот на бесплодноста, а Адам и Ева од распадливоста смртна, преку раѓањето на Пресвета Дева Марија. Амин!


Раѓање на Пресвета Богородица,
Манастир „Пресвета Богородица Пречиста", Кичево
21.09.2021 год.

 

malabog2021 1malabog2021 2malabog2021 3malabog2021 4malabog2021 5malabog2021 6malabog2021 7malabog2021 8malabog2021 9malabog2021 10malabog2021 11malabog2021 12malabog2021 13malabog2021 14malabog2021 15malabog2021 16malabog2021 17

Fotogalerija

galerija

Izdava{tvo

izdavastvo

Crkoven kalendar

Јули 2015
Пон Вто Сре Чет Пет Саб Нед
29 30 1 2 3 4 5
6 7 8 9 10 11 12
13 14 15 16 17 18 19
20 21 22 23 24 25 26
27 28 29 30 31 1 2