„Крсту Христов, надеж на христијаните, наставнику на заблудените, пристаниште на брануваните, во борбите - победа, тврдина на вселената, лекару на болните, воскресение на мртвите, помилуј нѐ“ (стихира по степена на Утрена на Крстовден).

 

На 27.09.2021 година, денот кога го прославуваме споменот на празникот Воздвижение на чесниот и животворен Крст - Крстовден, во храмот „Пресвета Богородица - Перивлепта“ во Охрид, беше отслужена света архиерејска Литургија, на којашто чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Плаошко-струшки и Дебарско-кичевски и Администратор Австралиско-сиднејски г. Тимотеј, во сослужение на архимандритот Нектариј, протоерејот-ставрофор Никола Христоски, еромонахот Никодим, свештеникот Васил Михајлоски, протоѓаконот Николче Ѓурѓиноски и ѓаконот Марко Спасовски. По завршувањето на Литургијата, Митрополитот Тимотеј се обрати кон верниот народ со пригодна беседа, којашто интегрално ви ја пренесуваме.

 

Митрополит Тимотеј


Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!
Драги браќа и сестри!


Денеска го прославуваме воздвиже-нието на чесниот крст Господов. Крстот е симбол на нашето спасение, бидејќи нашиот Спасител Господ Исус Христос на Голгота беше распнат на крст. Прикован со железни клинци и претрпувајќи натчовечки маки, Тој го изврши нашето спасение од гревот и злото и ја извојува победата над вечната, односно духовната смрт. Чесниот и животворен крст Господов е услов за нашето спасение, бидејќи преку светата тајна Крштение, крстот станал мост преку кој се поминува за да се влезе во градот на едната света, соборна и апостолска Црква „која е столб и тврдина на вистината" (1 Тим. 3, 15) и надвор од неа нема спасение, според зборовите на Господа: „Кој ќе поверува и се крсти, ќе биде спасен; а кој не поверува, ќе биде осуден" (Мк. 16, 16).


Од голготскиот крст, крстот станал знамение на Синот човечки. Откако Јосиф и Никодим во присуство на жените мироносици Го симнале од крстот распнатиот Богочовек, повеќе не се оддалечиле од него. Каде и да се спомне Спасителот наш и Господ, се спомнува и Неговиот чесен и животворен крст, како неотуѓиво знамение на Синот човечки. Крстот пред распнувањето на Господа Христа бил орудие за казна на најголемите престапници и грешници, разбојници, ајдуци и сл. Откако Господ Исус Христос ја пролеал Својата света крв, крстот станал сила за сите кои веруваат во Него. Крстот е знак на христијаните. Под светиот крст христијаните наоѓаат покров и заштита, како во овој, така и во идниот век.


Преку голготскиот крст на кој нашиот Господ Исус Христос бил распнат помеѓу двајцата разбојници и на кого доброволно ја испил сета горчина на страдањата за нашето спасение, крстот станал симбол на нашето спасение. На него Христос најочигледно ја потврдил Својата нова заповед – заповедта на сострадалната љубов (Јн. 15, 13). Од голготскиот крст се слушнала молитвата на Спасителот: „Оче, прости им, не знаат што прават". Благоразумниот, пак, разбојник кој се каел за своите гревови и молел за прошка, добил одговор од Христа: Уште денеска ќе бидеш со Mене во рајот" (Лк. 23, 34-43). Оваа нова сострадална љубов ги отвора вратите на царството небесно. Таа со голготскиот крст преминува на сите Христови следбеници. Сведоци за тоа се многумина – од архиѓаконот Стефан, преку сите апостоли и илјадници маченици и великомаченици, исповедници и светии чии имиња го красат календарот на нашата света православна Црква. Во сострадалната љубов е силата на симболот на нашето спасение – чесниот и животворен крст Господов. Затоа нашата света Црква нему му посветила повеќе денови во годината.


Денеска го прославуваме издигнувањето на чесниот и животворен крст во Ерусалим. Како што знаеме, рамноапостолната царица Елена, мајката на цар Константин, откако на Голгота го пронашла крстот, после скоро 300 години откако бил закопан таму, на свечен начин крстот бил издигнат за да можат сите да го видат и да му се поклонат. Во чест на овој настан, светата Црква востановила посебен празник.


Ние христијаните се поклонуваме на чесниот крст Господов и светото воскресение Негово го славиме, зашто без крстот на кој се случила смртта на Спасителот, немало да има ни воскресение. Тоа е темелот на кој е основана нашата света православна Црква. Свети апостол Павле во посланието до Коринтјаните вели: „Ако, пак, Христос не воскреснал, тогаш празна е нашата проповед, празна е и вашата вера" (1 Кор. 15, 14). Затоа ние се поклонуваме на крстот. Всушност ние се поклонуваме на нашиот Спасител Господ Кој преку крстот го изврши спасението на човечкиот род од вечната смрт. Затоа крстот во нашата вера е најчест и најсвет симбол. Него го наоѓаме не само во нашите цркви и манастири, туку и во многу наши домови. Со крстот ги прекрстуваме нашите домови и сѐ што имаме. Го носиме и на нашите гради како знак на распознавање дека сме христијани. Крстот е почеток и крај на секоја наша молитва и работа. Во овој прељубодеен и грешен свет, крстот за многумина е „соблазна", за мудрите „безумие", „а за нас кои се спасуваме е сила и премудрост Божја" (1 Кор. 1, 18).


И ние кои се наоѓаме во овој свет храм да пристапиме со почит и да се поклониме на чесниот и животворен крст Господов, а Бог нека ја излее Својата благодат. Да одиме по вистинскиот пат Христов и да наследиме вечен и блажен живот. Амин.

Крстовден
храм „Пресвета Богородица Перивлепта“ Охрид
27.09.2021 год.

 

krstovden2021 1krstovden2021 2krstovden2021 3krstovden2021 4krstovden2021 5krstovden2021 6krstovden2021 7krstovden2021 8krstovden2021 9krstovden2021 10krstovden2021 11krstovden2021 12krstovden2021 13krstovden2021 14krstovden2021 15

 

 

Fotogalerija

galerija

Izdava{tvo

izdavastvo

Crkoven kalendar

Јули 2015
Пон Вто Сре Чет Пет Саб Нед
29 30 1 2 3 4 5
6 7 8 9 10 11 12
13 14 15 16 17 18 19
20 21 22 23 24 25 26
27 28 29 30 31 1 2