„Чесните млади девици ги избегнаа отровните ласкања на мачителот, ранети од Твојата љубов, Христе, и од Твојата Божествена утеха“ (песна од канонот на Утрена на св. мч-ца. Софија и трите нејзини ќерки: Вера, Надеж и Љубов).

 

На 30.09.2021 година, на празникот на св. мч-ца. Софија и трите нејзини ќерки: Вера, Надеж и Љубов, во катедралниот храм „Св. Софија“ во Охрид, беше отслужена света архиерејска Литургија, на којашто чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Плаошко-струшки и Дебарско-кичевски и Администратор Австралиско-сиднејски г. Тимотеј, во сослужение на архимандритот Нектариј, протоереј-ставрофорите Никола Христоски и Игор Никовски, протоерејот Кирил Јованоски, свештениците Горан Ставрески, Ѓорѓи Блажевски и Љупчо Бакрачески, еромонахот Никодим, протоѓаконот Николче Ѓурѓиноски и ѓаконот Марко Спасовски. По завршувањето на Литургијата, Митрополитот Тимотеј се обрати кон верниот народ со пригодна беседа, којашто интегрално ви ја пренесуваме.

 

Митрополит Тимотеј

Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!

Драги браќа и сестри!

Денеска ја прославуваме света Софија, заедно со трите нејзини рожби: Вера, Надеж и Љубов. Тие ги носат имињата на трите добродетели, кои се клучни за нашето спасение. Овие добродетели не можат да се постигнат без општење со Божјата Премудрост. Овие добродетели – верата, надежта и љубовта се добро познати на секој христијанин кој и најмалку ја познава својата православна вера. Но, денеска би сакал да кажеме неколку збора за една друга добродетел која е подеднакво важна за спасението на човекот. Исто така, таа е неопходен услов за човекот да може да го изоди тешкиот пат, преку земните колебања, слабости и искушенија и да стаса до силата на спасението. Таа добродетел е рожба на верата, надежта и љубовта и кон неа треба да се стремат сите луѓе. Големиот германски поет и мислител Гете, вели: „Верата, надежта и љубовта се здружиле за работа и создале една чудна фигура – трпението". Тоа е Евангелската вистина! Во словото на Господа Исуса Христа трпението е претставено како рожба и сопатник на верата, надежта и љубовта.

Секоја вера е сврзана со трпение, независно од тоа кон што се однесува таа. Верата е убеденост. Оној кој верува трпи и поднесува маки и потешкотии, но не престанува да верува во идеите кои понекогаш и го вознемируваат. Секое служење на идеал е поврзано со трпение. Кој престанал да верува во својот идеал – тој отпаднал од него. Маловерието е секогаш сврзано и со малото трпение. Верата помага да се излие во душата на човекот образот на трпението. Тоа ги учи искрено предадените на Бога да бидат секогаш трпеливи.

Љубовта, исто така, раѓа трпение. Љубовта е сила која не отпаѓа, туку постојано дејствува, бидејќи е украсена со трпение. „Љубовта е долготрпелива" – вели свети апсотол Павле (1 Кор. 13, 4). Ако имаме трпение, имаме и надеж, зашто таа го храни трпението и тие одат неразделно. Каков би им бил животот на луѓето ако надежта потклекне и се угаси. Во тешкотиите човекот трпи, а трпението може да ги понесе искушенијата во животот. И во разочараноста, каква и да е таа, верниот човек продолжува да се надева и поради тоа трпение може да поднесеме сѐ без да се скршиме, туку да останеме исправени. При сите стремежи потребна е и надеж, бидејќи без неа, како би можеле да се остварат стремежите и големите идеали. Тогаш животот на луѓето би избледел, но надежта е секогаш жива и трпението е големо. Со трпението, луѓето одат напред, а верниците со трпение ги спасуваат своите души.

Светол пример за тоа ни даваат светиите – пример на големо трпение даден од богопросветлената, силна и длабока вера, од чиста и одухотворена љубов и од постојана незгаслива надеж. Од животот на Божјите угодници ни станува јасно дека со трпението можеме да успееме во нашето спасение. Но, тоа не се остварува веднаш. Потребно е да се потрудиме многу, односно потребно е големо трпение. Без трпение не можеме да го носиме својот крстот. Изморени од тежината на крстот, не треба да ги заборавиме зборовите на Исуса: „Со трпение спасувајте си ги душите" (Лк. 21, 19). Затоа, свети апостол Павле го истакнува трпението кога за старозаветниот праведник Авраам вели: „Со долготрпение го доби ветеното" (Евр. 6, 15). Затоа по Исуса Христа може да се врви со вера, надеж и љубов, кои го раѓаат трпението. Крстот со самоодрекување го носат луѓето кои имаат трпение. Затоа апостол Јаков вели: „и вие бидете трпеливи" (Јк. 5, 8).

На крај, да го упатиме нашиот поглед кон нашите души кои се искупени од Господа Исуса Христа. Да погледнеме што недостасува во нив, за да Го молиме Бога да ги надополни недостатоците. Потребно ни е големо трпение за да се искачиме кон висината на спасението. Затоа, да ги засилиме верата, надежта и љубовта, за да биде силно и нашето трпение.

Да се помолиме на света Софија и на нејзините три ќерки да ни бидат посредници пред Бога, за во нас да се всели божествената мудрост. Од неа ќе потечат живите потоци на верата, надежта и љубовта и ќе се излеат во поток на големо трпение за успех во овоземниот живот и за наследување на вечниот и блажен живот во царството небесно. Амин!

 

Свети маченички Софија, Вера, Надеж и Љубов

Храм „Света Софија" Охрид

30.09.2021 год.

 

svsofija2021 1svsofija2021 2svsofija2021 3svsofija2021 4svsofija2021 5svsofija2021 6svsofija2021 7svsofija2021 8svsofija2021 9svsofija2021 10svsofija2021 11svsofija2021 12svsofija2021 13svsofija2021 14svsofija2021 15

Fotogalerija

galerija

Izdava{tvo

izdavastvo

Crkoven kalendar

Јули 2015
Пон Вто Сре Чет Пет Саб Нед
29 30 1 2 3 4 5
6 7 8 9 10 11 12
13 14 15 16 17 18 19
20 21 22 23 24 25 26
27 28 29 30 31 1 2