„Николае, ти правиш извонредни чудеса по целата земја, и на оние што се во неволји далеку по морињата им помагаш со твоите брзи молитви, јавувајќи се како лекар на болните, хранител на бедните, на верните луѓе што го носат твоето име – победа над непријателите" (песна од канонот на свети Николај Мирликиски Чудотворец).

На 19.12.2014 година, денот кога го празнуваме свештениот спомен на правилото на верата и примерот за кроткоста, свештеноначалникот Николај Мирликискиот Чудотворец, во храмот „Св. Никола Геракомија" во Охрид, беше отслужена света архиерејска Литургија, на која чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Дебарско-кичевски г. Тимотеј, во сослужение на архимандритот Партениј, игумен на Бигорскиот манастир, свештеникот Љупчо Симиџиески, еромонахот Доситеј, протоѓаконот Николче Ѓурѓиноски и ѓаконот Сашо Целески. По завршувањето на Литургијата, Митрополитот Тимотеј се обрати кон многубројниот верен народ со пригодна беседа, која интегрално ви ја пренесуваме.

affiliate tracking url | Nike Running

Митрополит Тимотеј

Во името на Отецот, Синот и Св. Дух. Амин!
Драги браќа и сестри!

Човекот, од Бога е создаден, за вечно да живее. Истиот бил поставен како круна на сите созданија, да живее и да се насладува во рајот. Таму имал можност директно да општи со Бога. Но, имал и една задача, да не јаде од забранетиот плод. Побуден од нечестивиот, дека доколку јаде од забранетиот плод, нема да загине, туку, напротив, ќе биде како бог. Таа гордост го доведува во пад, да вкуси од забранетиот плод, да ја наруши Божјата заповед, а преку тоа, да го изгуби рајот. Како плод на гревот настапила смртта. Така, прародителите протерани од рајот, живеат и го заработуваат својот леб со пот и труд. Но, гревот што го сториле нашите прародители, сè повеќе ќе се умножува кај намножениот човечки род. Кога ќе се исполни времето, Бог ќе го испрати Својот Единороден Син Господ Исус Христос, за да го спаси човечкиот род од погибел. За таа цел Господ Христос ќе ја основа новозаветната Црква. Ќе $ остави свети тајни, преку кои Он делува и ја дава Својата благодат, односно сила. Благодат која им помага на луѓето да го победат гревот и да ги спасат своите души.

Денешниот светител, светиот Никола Мирликијскиот Чудотворец, нè поучува со својот живот на кротост, воздржливост и на правило на верата. Нè поучува на добродетели кои се спротивни на гордоста, која, пак, била погубна за нашите прародители. Во Св. писмо се вели дека гордоста е мајка на сите зла. Додека, пак, смирението, покорноста и послушноста, се благодети и Божји дарови. Благодети кои ја победуваат гордоста и сите останати зла и пакости, и зла кои го оддалечуваат човекот од Бога. Го водат кон страни патишта, и како крајна цел го имаат погубувањето на човековата душа.

Св. Никола живеел праведен, побожен и благочестив живот правејќи мноштво добри дела. Затоа, пак, Бог го обдарил и благоизволил, преку него да ја манифестира Својата сила, односно благодатта – енергијата, која им помага на луѓето, кои со вера и со молитва Му се обраќаат. Од житието на св. Никола, знаеме дека овој Божји угодник немал некое високо образование, немал некои ораторски дарби, ни други способности коишто одредени луѓе ги поседуваат. Но, затоа, пак, спроти овие високи квалитети, тој поседувал смиреност, кротост, набожност и покорност на Бога. А овие, пак, особини, го правеле да биде благороден, душевен и благодетен. Затоа, уште за време на својот земен живот, правел многу добри дела на сите луѓе коишто се наоѓале во мака, во страдање или биле на пат да ги загубат своите души. Ако ги спомнуваме сите, ќе бидат многу, но, да спомнеме само два примери. Го спасува бродски капетан којшто се давел. Ги спасува трите ќерки на еден сиромав, негов сограѓанин, кој бил подготвен да ги наведе на блуд, за да може да обезбеди гола егзистенција. Но, св. Никола, не правел безброј добри дела и не им помагал на луѓето само додека бил во овој свет, туку, тој продолжува да престои пред Бога за луѓето уште повеќе откако е преселен во Небесната црква. И денеска, над неговите мошти се случуваат многубројни исцеленија од разни болести. Им помага на разни луѓе, независно од нацијата, верата и од расата. Неговите св. мошти денеска се наоѓаат во Јужна Италија, во градот Бари, во црква посветена во негова чест. Овој свет храм постојано е посетуван, како од православните, исто така и од католиците и од останатите луѓе, коишто имаат потреба да бараат помош и милост од Господа преку св. Никола.

Од сето досега кажано, може да се заклучи дека св. Никола многу добро ги разбрал зборовите на Господа Христа, дека сè што поседуваме во овој свет и живот е ништожно во споредба со бесмртната човекова душа. Ние знаме како Господ Исус Христос му вели на еден богат човек, кој занесен од богатството и удобноста си велел:„Душо, имаш многу добра, насобрани за многу години; почивај, јади, пиј и весели се! Но Бог му рече: Безумниче, ноќва ќе ти ја побараат душата твоја; тоа што си го приготвил, чие ќе биде?" (Лука 12, 19 – 20). Преку овие зборови Господ Христос нè поучува сите, дека треба да се грижиме, да се трудиме за спасение на нашата душа, бидејќи таа е вечна и сè останато треба да се подреди за неа, за спечалување на вечен и блажен живот.

И ние денеска, кои сме собрани во овој свет храм, посветен на овој Божји угодник, да се поучиме од примерот на св. Никола. Па неговиот образ нека ни послужи за пример, за углед, за инспирација, како и ние да се однесуваме и да постапуваме во нашиот живот и да не отстапуваме од верата, надежта и љубовта, како кон Бога, така и кон нашите ближни. Да се потрудиме и ние да правиме добри дела, за да можеме да очекуваме од Бога, кога ќе излеземе пред Неговото лице, да ни рече: „Дојдете, благословени од Мојот Отец; наследете го царството, подготвено за вас од почетокот на светот" (Мат. 25, 34).

Да се обратиме со искрена молитва кон св. Никола тој да биде наш молитвеник, да ја зацврстиме нашата вера во Бога, да одиме по вистинскиот пат, да правиме добри дела и да спечалиме вечен и блажен живот за нашите души, сега и во сета вечност. Амин!

Св. Никола
19. 12. 2014 год.
храм „Св. Никола Геракомија" – Варош, Охрид

svnikzim2014

svnikzim2014 2

svnikzim2014 4

svnikzim2014 6

svnikzim2014 8

svnikzim2014 10

svnikzim2014 12

svnikzim2014 14

svnikzim2014 16

Fotogalerija

galerija

Izdava{tvo

izdavastvo

Crkoven kalendar

Октомври 2015
Пон Вто Сре Чет Пет Саб Нед
28 29 30 1 2 3 4
5 6 7 8 9 10 11
12 13 14 15 16 17 18
19 20 21 22 23 24 25
26 27 28 29 30 31 1