„Богородице Дево, ти си Гората од Духот оплодена, која Авакум ја виде како на верните им точи сладост целебна. Исцели нѐ и нас кои на твојот Син Му викаме: Благословен е Бог на нашите татковци“ (песна од канонот на Утрена на празникот Покров на Пресвета Богородица).
На 14.10.2021 година, денот кога си спомнуваме на празникот Покров на Пресвета Богородица, во капелата „Покров на Пресвета Богородица“ во Митрополитската резиденција во Охрид, беше отслужена света архиерејска Литургија, на којашто чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Плаошко-струшки и Дебарско-кичевски и Администратор Австралиско-сиднејски г. Тимотеј, во сослужение на протоерејот-ставрофор Димче Ѓорѓиески, свештеникот Горан Ставрески и протоѓаконот Николче Ѓурѓиноски. По завршувањето на Литургијата, беше извршен чинот на Мал водосвет и беше прекршен празничниот колач, а Митрополитот Тимотеј се обрати кон верниците со пригодна беседа, којашто интегрално ви ја пренесуваме.
Митрополит Тимотеј
Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!
Драги браќа и сестри!
Денеска светата православна Црква прославува еден од Богородичните празници. Поточно, го прославува едно од чудата кое Богородица го направила во Цариград, запазувајќи ги христијаните од нападот на Сарацените. Затоа и денешниот празник се нарекува Покров на пресвета Богородица. Да кажеме накратко за овој настан, за кој повеќето од вас сигурно знаете. За време на византискиот цар Лав Мудри во почетокот на X век, Цариград бил нападнат од непријателите. Византија немала никаква реална воена сила за да се одбрани од надмоќниот непријател. Тогаш, благочестивиот народ се собрал на сеноќно бдение во црквата Богородица Влахерна. Помеѓу многубројниот народ на молитва биле и преподобниот Андреј Јуродив и неговиот ученик Епифаниј. За време на богослужбата, свети Андреј ја видел Богородица како го раширила својот омофор, молејќи се за спас на Цариград. Кога се слушнало за ова видение, византиската војска се охрабрила и ги нападнала непртијателите. На овој начин го спасила градот од надмоќната непријателска војска по застапништвото на света Богородица. Во чест на ова избавување е воспоставен овој празник на Мајката Божја.
Света Богородица е Мајка на сите, не само на христијаните, туку на целиот човечки род. Таа и денеска ги простира своите пречисти раце во воздухот и го држи својот омофор, повикувајќи нѐ под своите крилја, сакајќи да не запази од видливите и невидливите непријатели. Таа е слична на кокошката која ги раширува своите крилја, повикувајќи ги своите пилиња за да ги спаси и сокрие од грабливците. Света Богородица го простира својот омофор на милосрдието и ги повикува кон себе и добрите и лошите, и чистите и нечистите, слично на Ное, во чиј ковчег нашле спасение и чистите и нечистите животни. Света Богородица ги спасува и лошите и нечисти луѓе, слично на животните во Ноевиот ковчег, само под услов да ја променат својата јарост во кротост, бидејќи во Ноевиот ковчег лавот не го напаѓал еленот, ниту волкот – овцата, ниту мечката – кравата, туку сите постанале кротки. Така и ние грешните треба да ги измениме нашите нарави, под покровот на света Богородица и ќе се спасиме од вечните маки.
Во книгата на пророкот Даниил се раскажува дека вавилонскиот цар Навуходоносор видел сон: во средината на земјата имало едно големо дрво, а врвот му достигнувал до небото. Ширината на дрвото била до крајот на земјата. Лисјата му биле многу убави, а плодовите обилни и доволни за сите да се нахранат. На гранките на дрвото имало многу гнезда за разни птици. Под дрвото живееле различни ѕверови и скотови кои се хранеле од плодовите на дрвото.
Какво е значењето на овој сон? Според толкувањето на пророкот Даниил, дрвото го означувало самиот Навуходоносор и неговото огромно царство во кое живееле многу различни народи. Но, според толкувањето на христијанската Црква, во духовна смисла, ова дрво ја означува Богородица, која е жезол израснат од коренот на Есеј – таткото на цар Давид. Сонуваното дрво било бескрајно високо и широко. И света Дева Марија според нејзината заслуга за човечкиот род ги надминува небесата и сите небесни сили, а ширината на славата ѝ се простира до сите краеви на земјата, како што се вели во Евангелието. Во Евангелието се вели: „Од сега ќе ме нарекуваат блажена сите поколенија" (Лк. 1, 48). Лисјата на нејзиниот покров се убави и можат да ги покријат сите кои прибегнуваат кон неа. Таа може да ги спаси од пропаста и Божјиот гнев сите кои ѝ притекнуваат. Нејзиниот плод е благословен, како што се вели во Евангелието: „Благословен е плодот на твојата утроба" (Лк. 1, 42). Тој нејзин плод е воплотениот од неа Син Божји Господ Исус Христос. Тој обилно ги задоволува потребите на сите. Ако некој е гладен – Тој е Леб, како што вели Самиот за Себе: „Јас Сум Лебот на животот" (Јн. 6, 48). Жалосен ли е некој? Тој е небесен Лекар. Сиромав ли е некој? Тој е неисцрпна Ризница. Тажен ли е некој? Тој е Утешител. Огорчен ли е некој? Тој е Воскресение и Живот. Сите ги храни и оживува со Своето тело и Божествената крв во светите тајни. На гранките од дрвото на благодатта, слично на птиците небесни се наоѓаат сите светии и праведници, а под гранките живеат скотови и ѕверови. Тоа се грешните кои се спасуваат од казните по молитвите и застапништвото на света Богородица. Ете, како еден сон што го видел незнабожечкиот цар Навугодоносор шест века пред Христа, може правилно да се протолкува и да се увиди дека дрвото е Мајката Божја – Пресветата Богородица.
Денешниот празник е посветен на едно од многубројните чуда на Богородица. Небројни се чудата и милостите на небесната царица која ги закрилува христијаните и целиот човечки род. Мајката Божја е поширока од секој облак. Таа е брза и усрдна застапничка за секоја христијанска душа. Кој сака да најде засолниште под нејзиниот покров, тој треба да ја соблече облеката на гревот и беззаконието и да се облече во покајание и смирение. Таа и сега го шири омофорот на своето милосрдие и се застапува пред Бога. Затоа Црквата ѝ вели: „Радувај се, покрове на светот, поширок од небото!" Амин!
Покров на Пресвета Богородица
Параклис „Покров на Пр. Богородица", Митрополитска резиденција, Охрид
14.10.2021 год.