„На смирението твое Константине, во неправедното страдање, сечесен, се воахитуваме и Христа Го славиме, зашто во маките те покажа возвишен како првоасвештеник кој себе се принесе, затоа велегласно пееме: Радувај се, пастиру охридски“ (стихира на второ стихословие на Утрена на св. Константин Кавасила).

 

На 30.10.2021 година, во навечерието од Деветнаесеттта недела по Педесетница, и на празникот на св. ап. и евангелист Лука и на св. Константин Кавасила, во манастирот „Рождество на Пресвета Богородица“ во с. Г. Манастирец, Македонски Брод, започна прославувањето на малото воскресение и на двајцата велики светители, кои неуморно го проповедаа Евангелското слово. Празнувањето започна со Вечерна богослужба, на којашто чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Плаошко-струшки и Дебарско-кичевски и Администратор Австралиско-сиднејски г. Тимотеј, во сослужение на архимандритот Нектариј, протоерејот-ставрофор Никола Христоски, протоѓаконот Николче Ѓурѓиноски и ѓаконот Марко Спасовски. По завршувањето на Вечерната богослужба, Митрополитот Тимотеј се обрати кон верниците со пригодна беседа, којашто подолу интегрално ви ја пренесуваме. 

 

Прославата продолжи утредента, на 31.10.2021 година, со света архиерејска Литургија, на којашто чиноначалствуваше Митрополитот Тимотеј, во сослужение на Неговото Преосвештенство Епископот Хераклејски г. Климент, архимандритот Нектариј, протоерејот-ставрофор Никола Христоски, свештениците Саше Костадиноски и Александар Матески, протоѓаконот Николче Ѓурѓиноски и ѓаконот Марко Спасовски. По завршувањето на Литургијата, Епископот Климент се обрати кон верниот народ со пригодна беседа, којашто подолу во целост ви ја пренесуваме. Освен прославата на овие големи светии, имаше уште еден голем повод за нашиот собир во овој манастирски бисер во Поречието. Имено, со Божја помош изминатиов период се заврши уште еден голем проект на Дебарско-кичевската епархија, а тоа е реконструкцијата и возобновувањето на конакот во манастирот од западната страна. Конакот го задржа својот надворешен препознатлив изглед, додека целокупната внатрешност беше целосно наново изградена, со што манастирот доби уште еден велелепен дом во својот двор. Конакот се реконструираше според проектот на Ристе и Игор Лазаровски од Кичево, а изведувач беше фирмата Арт Инженеринг од Скопје, во сопственост на Стојанче Трпевски. Конакот се возобнови во време кога старешина на манастирот е монахот Бенедикт (Божиновски). Во продолжение ви ги пренесуваме беседите од Вечерната богослужба и од Литургијата. 

 

Митрополит Тимотеј


Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух.
Драги браќа и сестри,


Вечерва сме собрани во овој свет манастир за да го прославиме малото Воскресение Христово, кое се прославува секоја недела. Поводот, пак, е изградбата и осветувањето на возобновениот западен конак на овој манастир. Секоја област имала свој духовен центар кој го бодрел нашиот народ во тешките ропски денови за да не потклекне духовно и да ја сочува бодроста и националниот и верскиот бит. Токму таква улога во својата долга историја имал и манастирот „Пресвета Богородица – Манастирец" во Поречкиот крај. Во последните дваесетина години во манастирот беше возобновен монашкиот живот, што придонесе најголемиот дел од градбите да бидат возобновени и да се создадат услови и за понатамошен црковен живот. Да му бидеме благодарни на Бога што сме генерација која гради, а не разградува.


Но, денеска светата Црква ги прославува и светиот апостол и евангелист Лука и светиот Константин Кавасила Архиепископ Охридски. Апостол значи испратен. Господ Исус Христос како Цар небесен дојде на земјата и го изврши вечното спасение. Тој ги испрати апостолите на сите страни за да го проповедаат Неговото доаѓање и Неговото спасително дело. Господ ги испрати во светот со зборовите: „Одете по сиот свет и проповедајте го Евангелието на секое создание" (Мк. 16, 15). Овие Божји пратеници и верни Христови чеда оделе и насекаде Го проповедале Господа, а Тој им помагал и ги поткрепувал со чудеса што се јавувале (Мк. 16, 20).


Апостолите Го проповедале Христа насекаде, но Јудејците не Го примиле. Апостолите Го објавуваа на секој човек во секој град и земја со зборовите: Отворете ги вратите за да влезе вашиот Цар небесен, Кого вие не Го познавате. Тој ќе царува со вас и ќе ве одведе во вечното Свое царство. Само отворете ги портите за да влезе при вас. Уште во Стариот Завет е кажано: „Подигнете ги порти горништата свои, подигнете се вечни порти и ќе влезе Царот на славата" (Пс. 23, 7). И Царот на славата влезе во селата и во градовите и во земјите на грешниците со Својата благодат и донесе вечно спасение. А Јудејците, при кои беше испратен не Го примија за свој Цар, како што е напишано: „Дојде кај Своите и Своите не Го примија" (Јн. 1, 11). Заради тоа, царството Божјо беше одземено од нив. Народите кои не Го познаваа и не Го очекуваа со радост и вера ги отворија пред Него своите градови, Го примија и Му се поклонија и врз себе го примија Неговиот благ јарем. Заради тоа и царството Божјо се сврте кон нив. Зашто каде што е Христос – Царот на славата, таму е и царството Божјо.


Светите апостоли го преобразија целиот свет. Тие требаше да го извадат човекот од длабоката погибел на идолопоклонството и да го приведат кон вистинското богопочитување. Требаше да ја понижат ѓаволската измама и да ги научат сите на вистината; да го обноват народот зафатен од старата злоба и да го доведат до вистинско покајание; да ги преобразат старите закони и обичаи и на нивно место да утврдат нови; да го отстранат неверието, длабоко вкоренето во човековите срца, и да насадат вера; да го уништат незнабоштвото и да се насочат кон познавање на Бога Кој е еден и да Му се поклонуваат во три Лица. Сето тоа барало голема сила и моќ на човечкиот ум. Сепак, светите апостоли тоа го извршиле на дело и тоа совршено. Тие требало да Го проповедаат Исуса Христа Распнатиот и да ги натераат луѓето да веруваат дека Распнатиот Кого Го проповедаат е Христос Месијата претскажан од пророците и ветен од Бога и дека Тој е Искупителот и Спасителот на светот. Било потребно да ги уверат луѓето дека Христос не е распнат за Своите гревови, туку за нашите; дека пострада и умре по своја волја и по благоволение Божјо; да покажат дека во Распнатиот Христос е скриена тајната на нашето блаженство и вечна слава.


Светите апостоли го проповедале Христовото спасително дело на сите краишта од светот. Проповедале дека оној што ќе ја прими нивната проповед ќе биде спасен. Така и пророците и апостолите проповедаа еден Спасител на светот – Синот Божји. Пророците Го проповедаа Оној Кој претстои да дојде во светот, а апостолите – Оној Кој е во светот и го изврши спасението.
Ние денеска, исто така, прославуваме и еден Божји угодник кој го словеше словото Божјо на нашите простори. Тоа е свети Константин Кавасила Охридски Архиепископ од XIII век. Прославувајќи ги денеска свети Лука и свети Константин Кавасила, да се обратиме со искрена молитва кон овие двајца Божји угодници, да ни дадат дух и сила евангелска. Така, со мисли и дела ќе Го славиме и прославуваме Триединиот Бог – Отецот и Синот и Светиот Дух, сега и во сета вечност. Амин!

 

Вечерна на свети апостол Лука и свети Константин Кавасила
Манастир „Пресвета Богородица" Манастирец,
Македонски Брод
30.10.2021 год.

 

 

 

Епископ Хераклејски Климент

Ваше Високопреосвештенство,
чесни отци, браќа и сестри


Постојат настани, случувања и средби што во нашите животи влегуваат речиси незабележливо. Нив ги вбројуваме и ги именуваме како секојдневни, вообичаени настани, лишени од каква било грандиозност. Но, ваквите тивки и мали секојдневни збиднувања, неретко претставуваат извори на длабока смисла и честопати ни помагаат при расветлувањето на многу нејаснотии поврзани со нашите животи. Токму за еден ваков настан, сосема едноставен и вообичаен за тоа време, ни говори денешниот евангелски текст. Денот во кој се случува евангелското собитие е сосема обичен, без никакви особености, луѓето си ги извршуваат своите секојдневни работи. Христос, заедно со своите ученици и со народот што тргнал по Него, тивко се движи по крајбрежјето на Генисаретското езеро. Локалните рибари, изморени од силното сонце ги собираат своите мрежи во корабите и ја следат мирната поворка што минува покрај нив. А во неа се собрале мажи, жени, старци и млади, болни и здрави, слично како и ние денес, секој со својата мака, секој со својот крст. Поворката запира на едно место, народот седнува а Учителот од кораб, смерно, низ едноставни параболи започнува на луѓето да им говори за длабочините и тајните на Царството небесно. Ги поучува и воспитува, и секој збор кажан од Него е семе што, еве, веќе дваесет и еден век паѓа во душите и срцата на луѓето, не оставајќи никого рамнодушен кон Неговото животворно слово.


Пишаното светоотечко наследство ни открива дека Светото Писмо е запишан Жив збор на Живиот Бог, збор кој е сол и светлина на овој свет (Мт. 5, 14). Нашата вера во Бога не е прашање на интелектот и на разумното восприемање. Верата претставува доверба во Бога, и тоа доверба која многу пати нѐ носи до гранични состојби, а неретко подразбира и скок надвор од редовниот поредок и тек на нештата, па нѐ доведува до заклучокот дека она што е потребно е целосно да Му се препуштиме на Бога. Тоа е таа апсолутна предаденост и доверба во Богочовекот Христос, Кој, во тоа сончево и мирно пладне покрај езерото ја започнува својата едноставна беседа: „Излезе сејачот да сее свое семе." Носени на нетварните бранови од неговите зборови, во нас се раѓа восхит за Божественото создавање на космосот со сиот негов таинствен поредок, за ѕвездите, а меѓу нив и за нашата мала планета полна со живот; восхит за Божјата бескрајна дарежливост при сеењето на словесното семе врз сѐ што постои, за даровите и потенцијалите со кои ја украсил нашата човечка природа, за светот на ангелите, за севкупниот дар на постоењето, за Неговата неизмерна љубов кон своето создание. Сето ова се Негови семиња, благословени словесни зрнца што не припаѓале никому, ниту, пак, претходно постоеле во амбарите на нечиј ум. Тоа се дела на љубовта на Света Троица, неповторливи дарови на кои нашиот Бог им дава постоење, воведувајќи ги од небитие во битие.


Некои толкувачи на оваа парабола забележуваат дека земјата или нивата врз која што паѓа семето, всушност ги претставува типовите на луѓе кои низ историјата се среќаваат со словото Божјо, со евангелското слово. Тоа е вистинито и точно, но истовремено и ние самите можеме во одредени фази од нашиот живот да се препознаеме во секоја група од тие типови на луѓе. Сепак, милостивиот срцезналец Христос го предвидел сето тоа, па секого од нас, благовремено, трпеливо и грижливо низ покајание и смирение го подготвува да стане добра земја и плодна почва за Неговото словесно семе. А таа подготовка се состои во тоа што Спасителот на секој човек му одредил крст според силата и можностите, и никого не оптоварил повеќе отколку што може да носи. Па така, некому му дал здравје и бодрост за да биде дејствен, кај некого допуштил болест за потоа да биде исцелен и опитно да биде благодарен, некому му го отворил умот за знаења од кои душата не малку пострадува, а некого, пак, го овенчал со љубов од којашто срцето крвари за паднатиот свет. Има и такви, избрани, на кои им го подарил венецот на мачеништво за Бога. Ни ги подарил и благословените патишта што водат кон Неговото Царство. Основниот, односно најдревниот пат е брачната заедница и раѓањето деца во неа. Другиот, оној пострмниот и потесниот, е патот на монаштвото. Денес, и двата древни обрасци низ кои се спасувал човекот низ вековите се соочуваат со свои сериозни предизвици затоа што се почесто се среќаваат одредени души кои носејќи го крстот на осаменоста талкаат низ лавиринтите на глобализираниот свет.


Ние, што според милоста Божја се воцрковуваме, ние, кои се нарекуваме христијани и сме во непосредна близина на Словото Божјо, и не само што сме покрај Него, туку и се храниме од Него – тоа и денес ќе го направиме од оваа ехаристиска света трпеза – потребно е плодовите од семињата што Самиот Бог во нас ги посеал, делотворно да ги посведочиме во нашиот сопствен живот. А какво е тоа сведоштво? Тоа сведоштво се покажува секогаш кога простуваме и кога бараме прошка, секогаш кога покриваме туѓа небиднина и слабост, кога понесуваме туѓо бреме и товар, кога им помагаме на тие што имаат потреба, кога, исчекувајќи ја Божјата правда ги трпиме човечките неправди и искрено се молиме за оние што непријателствуваат кон нас, онака како што тоа го правеше и нашиот Господ. Ваквиот етос е особено важен и своја потврда наоѓа во извикот на кроткиот, благ и смирен Христос, Кој ни повикува: „Кој има уши да слуша нека чуе!" Во овој повик, како да се згуснала неговата грижа и желба да ја разбуди нашата од гревот заспана словесност, да ја возобнови нашата слобода, да нѐ охрабри да застанеме против сопствената слабост и грев, за повторно со Негова помош да ја возобновиме нашата падната и дезинтегрирана природа. Сејачот на словесноста на нашите души, нашиот Спасител и Господ Исус Христос нека ни го дарува својот мир, за нашите срца да не се стврднат како неплодни ниви, та да не останеме слепи и глуви за Неговото слово и за гласот на ближните, а за тоа нека ни се на помош молитвите на Пресвета Богородица, на свети апостол и евангелист Лука, на свети Константин Кавасила и на сите свети.


Возљубени, денес сме овде во Поречкиот манастир, на чиј евхаристиски жртвеник Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Дебарско кичевски г. Тимотеј смирено ги принесе светите дарови, совршувајќи ја светата тајна Евхаристија. Му благодарам што ме повика да му сослужувам и да произнесам беседа. Благослов е да се биде во овој духовен центар на Поречието, кој, од година во година, добива се позабележителен лик и попрепознатлива физиономија. Тоа е така затоа што Владиката Тимотеј, и покрај тоа што во неговата епархија има велелепни и бројни со монашки живот обновени манастири, сепак не го заборава и овој, кој и географски е на маргините од неговата диецеза. И не само што не го заборава, туку и штедро го помага. Познато е дека овде веќе трета деценија во покајание живее една монашка душа, која желно го исчекува архијерејскиот благослов за секое добро дело во Поречката обител. Отец Бенедикт е тој што не оставил да изгасне Поречкото кандило, туку се труди онака како што знае и умее, според сопствените сили и можности, неговото име да биде впишано во монахологионот на овој свет манастир. Верувам дека неговиот труд е препознаен, како од жителите од оваа област по текот на реката Треска, така и од надлежните духовни и црковни власти. Затоа владиката, како неуморен и посветен работник на нивата Господова, со своја лична заложба благослови, од епархиски средства да се изгради западниот конак од манастирскиот комплекс, чиешто осветување ќе биде денес. Ете, и ова дело, кое се случува токму во годината кога се одбележува 40 години од архијерејската служба и 70 години од раѓањето на владиката, ќе сведочи за неговата посветена монахољубивост.


Ваше Високопреосвештенство! Ова е Ваша јубилејна година во која се радуваме со Вас и со делата на Вашиот четиридецениски архијерејски труд. Ви посакувам да продолжите и понатаму, подеднакво како до сега, да бидете делотворни и посветени на црковното дело онака како што сите ние Ве препознаваме. На многаја лета, владико!

Свети апостол Лука и свети Константин Кавасила
Манастир „Пресвета Богородица" Манастирец,
Македонски Брод
31.10.2021 год.

 

svlukkonkav2021 1svlukkonkav2021 2svlukkonkav2021 3svlukkonkav2021 4svlukkonkav2021 5svlukkonkav2021 6svlukkonkav2021 7svlukkonkav2021 8svlukkonkav2021 9svlukkonkav2021 10svlukkonkav2021 11svlukkonkav2021 12svlukkonkav2021 13svlukkonkav2021 14svlukkonkav2021 15svlukkonkav2021 16svlukkonkav2021 17svlukkonkav2021 18svlukkonkav2021 19svlukkonkav2021 20

Fotogalerija

galerija

Izdava{tvo

izdavastvo

Crkoven kalendar

Јули 2015
Пон Вто Сре Чет Пет Саб Нед
29 30 1 2 3 4 5
6 7 8 9 10 11 12
13 14 15 16 17 18 19
20 21 22 23 24 25 26
27 28 29 30 31 1 2