„Дојдете, со песни соборно да ги прославиме духовните хорови на бесплотните чинови, како служители Божји, кои непрестајно се молат за наше спасение, и се радуваат на нашето покајание“ (песна од канонот на Утрена на празникот на св. архангел Михаил и на другите бесплотни Сили).

 

На 21.11.2021 година, во Дваесет и втората недела по Педесетница и на денот кога го прославуваме празникот на св. Архангел Михаил и на другите бесплотни Сили, во манастирот „Св. Наум Охридски“ во Охрид, беше отслужена света архиерејска Литургија, на којашто чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Плаошко-струшки и Дебарско-кичевски и Администратор Австралиско-сиднејски г. Тимотеј, во сослужение на архимандритот Нектариј, протоерејот-ставрофор Никола Христоски, протоѓаконот Николче Ѓурѓиноски и ѓаконот Марко Спасовски. По завршувањето на Литургијата, беше прекршен празничниот колач, а Митрополитот Тимотеј се обрати кон верниците со пригодна беседа, којашто интегрално ви ја пренесуваме. 

 

Митрополит Тимотеј

Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!

Драги браќа и сестри!

Господ Исус Христос дојде во овој свети и постана Човек. Го зеде човечкото распадливо тело за да го освети и така да ни ги отвори очите на нас луѓето и да ни покаже дека и телото е создадено за вечен живот, а не само душата. Бесмртната душа Господ им ја дал на луѓето во смртното тело и Самиот го зел на себе тоа тело, воскреснувајќи го од мртвите и победувајќи ја смртта телесна. На тој начин за нас го осигурил вечниот живот. Он дојде во овој свет и објави дека за човекот е најважно да го бара царството Божјо и Неговата правда: „Барајте го најнапред царството Божјо и Неговата правда и сѐ останато ќе ви се придодаде" (Мт. 6, 33) – и јадење, и облека и сѐ што ни е потребно.

Гледаме дека Господ слегол во овој свет за да ни го даде Своето царство. Он како Бог постана човек, а со Него слегло и целото небесно царство. Таму каде што е царот, таму е и царството, вечната Божја правда, вечната вистина, односно рајот. Тоа е Господ Христос. Каде што е Бог, таму е и рајот. Ние денеска слушнавме од Евангелието Господово дека помеѓу пеколот и рајот се протега страшна провалија и оние од рајот не можат да преминат во пеколот, а исто така и оние од пеколот во рајот. Господ дошол во овој свет за да ја отстрани таа провалија меѓу пеколот и рајот и целиот свет да го претвори во рај. Инаку, што е пеколот? Пеколот е царство на гревот, пекол е кога гревот царува во нашата душа. Рај, пак, е тогаш кога го истеруваме гревот од себе, кога го отстрануваме од нас со покајание и живееме според Евангелието. Господ дошол во овој свет за да нѐ врати во рајот. Дошол да ни го покаже најкраткиот пат до таму. Дошол за да не извлече од пеколот, од близината на лекомислениот богаташ. Што треба да направиме ние во овој свет? Треба да сметаме дека овој живот е сериозен дар Божји, дека човекот е сериозно битие создадено од Бога и дека Бог го создал за вечност и бесмртност. Бог го создал човекот за никогаш да не престане неговиот живот, кој започнува во овој свет и продолжува во небесниот.

Што се случило со земниот свет кога Господ слегол во него? Се случила победата на луѓето над гревот, победата на мртвите и избавувањето од духовната смрт. Гледаме што сторил разбојникот на крстот. Тој стекнал рај за еден миг, велејќи: „Спомни си за мене, Господи, кога ќе дојдеш во Твоето царство" (Лк. 23, 42). Вака извикал разбојникот кон Господа Исуса Христа Кој бил на крстот. Благиот, пак, Спасител му одговорил: „Вистина ти велам: денес ќе бидеш со Мене во рајот!" (Лк. 23, 43). Гледаме колку е мало растојанието помеѓу нас и рајот. Што ни е потребно? Истото што му било потребно и на разбојникот – треба да се покаеме и да поверуваме во Господа Исуса Христа. Да поверуваме дека Тој е вистински Бог и дека дошол во овој свет за да го обезбеди рајот за човековото битие и да ја оствари бесмртноста и вечниот живот на човекот.

Ете, и ние имаме средство за рајот во нашите раце. Тоа е нашето покајание. Сите сме направиле некакви гревови. Едни потешки, а други полесни; некои во младоста, а други во староста. Но, потребно е за сите да се покаеме. Да се сетиме на Господа Исуса Христа, на Евангелието и на Неговиот лик и да повикаме со смиреност: „Господи, приведи ме кон Тебе. Господи, спомни си за мене кога ќе дојдеш во Твоето царство". Ако искрено се обратиме кон Господа, сигурно Тој ќе ја покаже Својата љубов кон нас, заради верата во Него.

Денешното Евангелие ни зборува за богаташот и за сиромавиот Лазар. Да си го поставиме прашањето: Какви сме ние? Дали како бедниот Лазар, или како богаташот. Да се загледаме во себе и да видиме каде се наоѓа нашата душа. Дали е со богатиот, прилепена кон овој свет и дали мисли само на јадење и облека, или пак нашата душа оди по Христа, барајќи го царството Божјо и неговата правда? Да провериме со кого сме. Дали сакаме да стасаме до рајот или до пеколот, зашто трет пат нема. Секое добро што ќе го направиме е пат кој води до рајот. Но, да знаме и дека секое зло што го правиме без да се покаеме пред Бога, нѐ води кон пеколот. Имаме можност за избор. Пред нас стојат и рајот и пеколот. Од нас зависи што ќе избереме. Да не окривуваме никого, туку да побрзаме со вера во Господа Христа, да правиме добри дела и така да се упатиме кон рајот. Но, ако заспиеме во гревот, во страсти и душата ни се оддаде кон уживање во овој свет, тогаш копаме страшна провалија помеѓу себе и рајот небесен. Ако не се покаеме додека сме во овој свет, тешко на нас, зашто пред нас ќе застане големата провалија.

Сите сме создадени од Господа како луѓе со задача да го стекнеме царството небесно и вечниот живот преку Господа Христа. Он е тука, дојде во нашиот земен свет. Ја даде Својата Црква и светиите за да можеме да го стекнеме царството небесно. Да се обратиме со молитва кон свети архангел Михаил и кон останатите небесни сили чиј спомен денеска го празнуваме, за да ни бидат на помош. Да го изодиме нашиот пат христијански и да стигнеме до царството небесно. Амин!

Свети архангел Михаил и Дваесет и втора недела по Педесетница

Манастир „Свети Наум Охридски" Охрид

11.09.2021 год.

 

svarhmih2021 1svarhmih2021 2svarhmih2021 3svarhmih2021 4svarhmih2021 5svarhmih2021 6svarhmih2021 7svarhmih2021 8svarhmih2021 9svarhmih2021 10svarhmih2021 11svarhmih2021 12svarhmih2021 13

Fotogalerija

galerija

Izdava{tvo

izdavastvo

Crkoven kalendar

Јули 2015
Пон Вто Сре Чет Пет Саб Нед
29 30 1 2 3 4 5
6 7 8 9 10 11 12
13 14 15 16 17 18 19
20 21 22 23 24 25 26
27 28 29 30 31 1 2