„Пречистиот храм Спасителов, скапоцената свадбена одаја и Дева, свештената ризница на славата Божја, денес во домот Господов се воведува, со себе и благодатта на Светиот Дух воведувајќи ја; ангелите, пак, Божји пеат: Таа е небесната скинија“ (коднак на Утрена на празникот Воведение на Пресвета Богородица во храмот - Пречиста).

 

На 04.12.2021 година, на празникот Воведение на Пресвета Богородица во храмот - Пречиста, во храмот „Успение на Пресвета Богородица“ - Каменско во Охрид, беше отслужена света архиерејска Литургија, на којашто чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Плаошко-струшки и Дебарско-кичевски и Администратор Австралиско-сиднејски г. Тимотеј, во сослужение на протоерејот-ставрофор Никола Христоски, свештениците Димче Азески, Ѓорѓи Блажевски и Љупчо Бакрачески и протоѓаконот Николче Ѓурѓиноски. По завршувањето на Литургијата, Митрополитот Тимотеј се обрати кон многубројниот верен народ со пригодна беседа, којашто ви ја пренесуваме во целост.

 

Митрополит Тимотеј


Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!
Драги браќа и сестри!


Денешниот празник, посветен на Пресвета Богородица, ни покажува зошто е создаден овој свет и човекот и каков е нашиот пат низ светот. Зошто постоиме во овој свет? Сето тоа ни го покажува Пресветата Богомајка, како што се пее во денешните прекрасни песни: „Храмот Господов се воведува во храмот". Самата таа била храм. Што значи тоа? Тоа значи дека таа непрестајно се молела на Бога и своето срце го претворила во олтар и дека целиот свој живот го поминала во храмот Господов.


Господ го создал овој свет не за нешто друго, туку за да биде вистинска Црква Божја. Сите созданија треба да се стремат кон него и да ги очекуваат од него сите негови милости, радости и блаженство. Помеѓу луѓето тоа прва го доживеала Пресвета Богородица. Таа ни покажа зошто Господ го создал светот – за тој да биде храм Божји. Човековото срце и целото негово битие принесува постојани молитви на Господа, Кој го држи овој свет околу нас и го одржува во постоење и живот. Човекот треба да се угледа на небесните тела и да Го слави Бога онака како што го слават тие.


Кога имала само три години, Пресвета Богородица била доведена во храмот од страна на своите родители. Таа тука се воспитувала и растела. Како што се вели во прекрасните црковни богослужбени песни – за да биде воспитана од Бога. Таму останала до дванаесетгодишна возраст. Тоа значи дека храмот е нејзиното училиште и дека таму слушнала сѐ што е потребно не само за животот на земјата туку и за вечниот живот. Така, Богомајката е пример за тоа како сите ние треба да се воспитаме во овој свет и како да ги воспитаме нашите деца. Овој свет храм Божји има улога да Му служи на Бога. Храмот е местото во овој свет каде се принесуваат постојани молитви на Бога за сите и за сѐ. На тоа нѐ поучува света Дева Марија, живеејќи во храмот и учејќи ги сите заповеди Господови. Учејќи се на сите добродетели, таа се подготвила себеси за вечниот живот.


Пресвета Богородица така се очистила со молитвите и животот во храмот и се удостоила да Го роди Господа Исуса Христа – да Го роди Бога и Него да Го воведе во овој свет и во човечкиот род. Но, ние луѓето Го протеравме од овој свет со своите гревови. Пресветата Богомајка е првата која со својата светост Го вратила Бога во овој свет и ни Го дала Господа Исуса Христа. Нам ни е дадена земјава за на неа да се спасуваме. Таа ни покажува дека сме христијани – храмови Божји. Свети апостол Павле вели: „Вие сте жива Црква Божја, вие сте храм Божји. Духот Божји живее во вас" (1 Кор. 3, 16). Цел на човечкиот живот во овој свет е непрестајно да Му служи на Бога. Со тоа си служи и на себеси и на својата вечност, а му служи и на вечниот живот. Тоа го покажува Пресвета Богородица, која целиот свој живот непрестајно Му служела на Господа и непрекинато ги исполнувала заповедите Божји. Живеела во овој свет како во храм Божји и самата постанала храм Божји. Така, и секој човек е храм Божји. На тоа нѐ учи Господ Исус Христос и тоа е учењето на апостолите.


Ние денеска во на овој голем празник треба да се запрашаме себеси: Што е нашиот живот? Дали навистина нашиот живот е служење на Бога како во некој храм или не? Секој нека мисли во себе и нека размисли за тоа дека еден ден од нас ќе се побара одговор за тоа што ни е дадено. Нам во светата причест ни се даваат телото и крвта на Господа Исуса Христа. Он ни дал нов живот небесен уште на земјата. Ни дал свет живот исполнет со добродетели.


Тука е Црквата Христова и света Богородица за да нѐ научат дека во овој живот треба да Му служиме на Бога. Да се служи на Бога и да се исполнуваат Неговите заповеди, да се избегнува секаков грев и да се кае за гревовите е она што треба да го прави секој човек. Да се бориме со гревот и да го победиме, па така да Му послужиме на Бога во овој свет и живот. Нека денешниот празник на света Богородица нѐ исполни со секакво добро, со небесна сила, па од денеска да живееме свет живот и да се удостоиме за вечност кон која нѐ повикал Господ, доаѓајќи во овој свет. Амин!


Воведение на Пресвета Богородица
Храм „Пресвета Богородица Каменско" Охрид
04.12.2021 год.

 

precista2021 1precista2021 2precista2021 3precista2021 4precista2021 5precista2021 6precista2021 7precista2021 8precista2021 9precista2021 10precista2021 11precista2021 12precista2021 13precista2021 14

Fotogalerija

galerija

Izdava{tvo

izdavastvo

Crkoven kalendar

Јули 2015
Пон Вто Сре Чет Пет Саб Нед
29 30 1 2 3 4 5
6 7 8 9 10 11 12
13 14 15 16 17 18 19
20 21 22 23 24 25 26
27 28 29 30 31 1 2