„Хранет со Божествените догми, народите мизиски ги упати во Божествената вера; откако ги приведе со крштението, ги направи народ избран избавувајќи ги од различните страсти. Отче преподобни, моли Го Христа Бога, да ни дарува милост голема“ (седален на Утрена на свети Климент Охридски Чудотворец).
На 08.12.2021 година, денот кога го празнуваме споменот на светиот Климент Охридскиот Чудотворец и на светиот Климент Папа Римски, во манастирот „Св. Климент и Пантелејмон“ на Плаошник во Охрид, беше отслужена света архиерејска Литургија, на којашто чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Плаошко-струшки и Дебарско-кичевски и Администратор Австралиско-сиднејски г. Тимотеј, во сослужение на архимандритот Нектариј, протоерејот-ставрофор Никола Христоски, свештеникот Атанас Казанџиски, еромонахот Никодим, протоѓаконот Николче Ѓурѓиноски и ѓаконот Марко Спасовски. По завршувањето на Литургијата, беше прекршен празничниот колач, а Митрополитот Тимотеј се обрати кон многубројниот верен народ со пригодна беседа, којашто во целост ви ја пренесуваме.
Митрополит Тимотеј
Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!
Драги браќа и сестри!
Во Стариот Завет, Бог преку Мојсеја му порачал на израилскиот народ: „Бидете свети, зашто Јас сум свет" (3 Мој. 19, 2). Избирајќи го едниот народ да биде носител на вистинското богопознание, Бог му поставил и големо задоложение – да биде свет, зашто само преку светоста тој ќе може да го исполни и својот возвишен призив – да биде водач на оние до кои не стасало вистинското богопознание – јазичниците, односно незнабожечките народи.
Но, Господ Исус Христос им вели на сите кои врвеле по Него: „Бидете совршени како што е совршен вашиот Отец небесен" (Мт. 5, 48). Христијаните се нов Израил, духовен Израил и народ избран. Тие се избрани за спасувајќи се преку Синот Божји да станат учители на сите на патот кон вистинското богопознание и вистината на животот. Затоа свети апостол Павле вели дека христијаните се осветени во Исуса Христа (1 Кор, 1, 2) и се повикани кон светост (1 Сол. 4,7). Такво е христијанското повикување – преку лични усилби да постигнеме духовно издигнување и преку Божјата сила непрестајно да се осветуваме. Така, можеме да станеме учесници во светлината на Господа, како деца на светлината (Ефес. 5, 8). Добриот христијанин е учесник во повикот кој не е земен, туку небесен.
Светоста се постигнува во Црквата Божја, зашто таа е лозје Господово, а оние кои се наоѓаат во него се гранки на вистинската Лоза. Во Црквата живее Светиот Дух и ги осветува сите кои активно учествуваат во неа. Има многумина кои не ги пренебрегнуваат идеалите на духовното усовршување и сознаваат дека да се стреми човек кон висините на духот е нешто многу важно, зашто така не само што личноста ги достигнува целите на својот живот, туку ја повлекува повисоко и целата своја околина. Има луѓе кои со сопствени сили се стремат да постигнат духовно усовршување. Тоа е многу добро и е за пофалба. Патиштата кои водат кон нагорнините секогаш се светли и полезни за сите луѓе. Од луѓето кои одат нагоре може да се очекува само добро: добри зборови, совети и добри дела. И надвор од Црквата може да постои стремеж кон усовршување. Но, сепак, достигнување на светоста како највисоко скалило на усовршување е невозможно надвор од Црквата. Во Црквата се благодатните струи на Светиот Дух и оние што се во Црквата се напојуваат од Него.
Црквата е една и света. Во неа живее светоста и преку неа се постигнува светост. Затоа низ многуте векови од црковната историја, од неа излегле многумина светии кои го красат со силна светлина пространството на нејзиното небо. Ако ја созерцаваме убавината на тоа небо, не може да не бидеме воодушевени.
И светата Македонската православна црква – Охридска архиепископија дала бројни Божји угодници. Тие светат со светлината, зашто светоста ја добиваат од Бога Кој Самиот е свет. Меѓу повеќето светии, сепак најјасно свети ликот на свети Климент Охридскиот Чудотворец чиј спомен денеска го прославуваме. Во втората половина на IX век и првите две декади од X век се јавил како голем учител и просветител на нашите предци. Развил силна дејност токму на овие простори и од тука, преку бројните свои ученици ја ширел просветата на разбирлив јазик за словенските народи. Свети Климент и денеска делува и помага на секоја христијанска душа која со вера и надеж искрено ја бара неговата помош. Затоа и легендата во Охрид вели дека свети Климент со фенер ноќно време шета по тесните охридски улици и им помага на оние кои со вера ја бараат неговата помош. По неговите свети молитви, семилостивиот Бог да ги услиши нашите молитви и да ни подари здравје и спасение, сега и во сета вечност. Амин!
Свети Климент Охридски - зимен
Плаошки манастир „Свети Климент и Пантелејмон" Охрид
08.12.2021 год.