„Страдалнику Георгие, ти се покажа како непрелестена ѕвезда на Незаодниот Светилник - Сонцето Христос, и во осветениот храм ги повикуваш мноштвото христољубиви луѓе на првопрестолниот од Бога спасен Киев, мајката на градовите, кои сакаат со песни и радосно да го прослават празникот на светиот храм што, во твое име, благоволи да го создаде единствениот Бог, Кој почива во светиите“ (икос на Утрена на празникот Осветување на храмот на св. вмч Георгиј Победоносец).

 

На 09.12.2021 година, денот кога го прославуваме празникот Осветување на храмот на св. вмч. Георгиј Победоносец и на преп. Алимпиј Столпник и на преп. Стилијан, во храмот „Св. вмч. Ѓорѓи“ во Охрид, беше отслужена света архиерејска Литургија, на којашто чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Плаошко-струшки и Дебарско-кичевски и Администратор Австралиско-сиднејски г. Тимотеј, во сослужение на архимандритот Нектариј, протоереј-ставрофорите Никола Христоски, Сашо Богданоски, Димче Ѓорѓиески и Игор Никовски, свештеникот Димче Азески, протоѓаконот Николче Ѓурѓиноски и ѓаконот Марко Спасовски. По завршувањето на Литургијата, Митрополитот Тимотеј се обрати кон верниците со пригодна беседа, којашто интегрално ви ја пренесуваме.

 

Митрополит Тимотеј


Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!
Драги браќа и сестри!


Денеска нашата света православна Црква прославува еден великомаченик од IV век. Поточно, го прославува свети Георгиј Победоносец. Овој храбар римски војсководец пострадал за Христа и со неговите страдања кои биле толку страшни добил нетрулежен венец. На неговата трпеливост и храброст се восхитиле дури и ангелите. Затоа, светата Црква денес му пее: „Со телесните страдања ги восхити и небесните чинови, ликувајќи со нив, извикуваш: Да Му пееме на нашиот Бог, зашто се прослави" (Прва песна од Канонот). Од што била душата на овој млад човек што патела така силно, а истовремено била и радосна заради Христа? Во исто време била обдарена и со творење на многу чуда за време на мачењето, на што се восхитиле и небесните и земните жители. Во неговата душа можеме да го најдеме отсликано денешното Евангелие, доживеано и потврдено на дело (Лк. 12, 2-12).


Да се задржиме на зборовите на Господа Исуса Христа: „Не плашете се од оние кои го убиваат телото, а потоа не можат ништо да направат". Од смртта не се плашат само оние кои се вистински пријатели Христови. Па, се поставува прашањето: кои се тие? Тоа се светите апостоли, исповедници, маченици и великомаченици. Биле убивани, но тие не се плашеле, зашто биле умртвувани само нивните тела, кои на Страшниот суд повторно ќе оживеат. Но, душите не можеле да им ги убијат, зашто во себе Го носеле победителот на смртта – Господа Исуса Христа. „Но, ќе ви кажам од кого да се боите. Бојте се од оној кој по убивањето има власт да фрли во пеколот; да, ви велам, од него бојте се" (Лк. 12, 5). Кој е, пак, тој? Тоа е гревот, зашто кога тој ќе ја убие душата ја фрла право во пеколот. Луѓето можат да го убијат само телото. Понатака не можат да направат ништо. Затоа, пријатели Христови, не плашете се од луѓето, туку од гревот, зашто тој е единствениот убиец на душите. Ако го сакаме гревот, ние го сакаме нашиот убиец. Со секој грев, ние убиваме еден дел од нашата душа, додека целосно не ја убиеме. Ако примиме некој грев во себе, тогаш го примаме убиецот. Како што отровот постапно го труе телото, така и гревовите постојано ја трујат душата додека целосно не ја отрујат. Христијаните се плашат само од гревот, зашто постои можност, откако тој ќе ги убие да ги фрли во пеколот. Тие се радуваат само на добродетелите, зашто имаат сила, откако ќе ја оживеат, да ја одведат душата во рајот. Пред секој човек постојат два пата – едниот е гревовниот пат, кој води во пеколот, а другиот е добродетелниот кој води во рајот. На секој човек му е дадена слобода и власт над себе. Тој има можност да ја убие, но може и да ја сочува својата душа за вечен живот. Тука самиот човек решава. Бог го прима неговото решение.


Ние христијаните кои денеска се собравме во овој свет храм, посветен на свети Георгиј, сме зеле обврска дека ќе живееме согласно со заповедите на Господа Христа, па ако треба и дека ќе пострадаме како што страдал и денешниот славеник. Неговата вера треба да биде и наша вера, неговиот живот и наш живот, а неговото страдање и наше страдање. Ако не е така, тогаш не сме со него. Некогаш незнабошците го мачеле свети Георгиј, а денес го мачиме ние христијаните. Како? – ќе праша некој. Со нашето непокајание, со нашето маловерие и гревољубие, среброљубие, лицемерие и многу други гревови, грешки и слабости.


На Господа Исуса Христа Му е полесно кога Го прогонуваат надворешните непријатели, отколку кога Го прогонуваат христијаните однатре со своите гревови и страсти. Колку Он гладува, жеднее и страда! Сето тоа е поради нашите гревови и страстите кои живеат во нас. Сакајќи го гревот, ние ја претвораме нашата душа во диоклецијанов гонител на Христа. Не сме маченици заради Христа, туку мачители на Христа. Ете, какви стануваме ние христијаните кога сме гревољубиви. Како се викал мачителот на свети Георгиј? Диоклецијан. А како се вика мачителот на Христа во нас? Гордост, среброљубие, самољубие, стомакоугодие, лицемерие и со многу други имиња. Овие мачители се многу понемилосрдни и од Диоклецијан и од Нерон. На кроткиот и благ Христос Му е потешко кога Го мачиме со нашите гревови кои ги правиме како христијани, отколку кога Го измачувале незнабожечките римски императори.


Да се вооружиме со вера, љубов и молитва – со овие непобедливи орудија, со кои се красел и денешниот славеник свети Георгиј. Така и ние ќе ги победиме сите наши непријатели, потпомогнати со молитвите на денешниот маченик. Така ќе влеземе во радоста на царството Божјо. Амин!


Свети Георгиј Победоносец - посен
Храм „Свети Георгиј Победоносец" Охрид
09.12.2021 год.

 

svgjorgjizim2021 1svgjorgjizim2021 2svgjorgjizim2021 3svgjorgjizim2021 4svgjorgjizim2021 5svgjorgjizim2021 6svgjorgjizim2021 7svgjorgjizim2021 8svgjorgjizim2021 9svgjorgjizim2021 10svgjorgjizim2021 11svgjorgjizim2021 12

Fotogalerija

galerija

Izdava{tvo

izdavastvo

Crkoven kalendar

Декември 2015
Пон Вто Сре Чет Пет Саб Нед
30 1 2 3 4 5 6
7 8 9 10 11 12 13
14 15 16 17 18 19 20
21 22 23 24 25 26 27
28 29 30 31 1 2 3