„На оние од Атос, од Кареја, си им бил како ангел, кој подвигот добро го заврши. Си израснал како дрво плодоносно во реки од воздржание, а душата си ја исчистил со потоци од солзи. Сите те познаваат како божествен сосад на Духот, отче Нектарие“ (кондак на Утрена на преп. Нектариј Битолски).
Прославата на преподобниот Нектариј Битолски и на светиот Сава Освештен, започна на 17.12.2021 година, со Празнична вечерна богослужба, во параклисот „Св. Кирил и Методиј“ во манастирот „Св. Наум Охридски“, на којашто чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Плаошко-струшки и Дебарско-кичевски и Администратор Австралиско-сиднејски г. Тимотеј, во сослужение на архимандритот Нектариј, протоерејот-ставрофор Никола Христоски, свештеникот Димче Азески и ѓаконот Марко Спасовски. По завршувањето на Вечерната богослужба беше прекршен и празничниот колач. Празнувањето на овие двајца големи светии, како и именденот на архимандритот Нектариј, игумен на Светинаумовиот манастир, продолжи на 18.12.2021 година, кога беше отслужена света архиерејска Литургија, на којашто чиноначалствуваше Митрополитот Тимотеј, во сослужение на архимандритот Нектариј, протоерејот-ставрофор Никола Христоски, протоѓаконот Николче Ѓурѓиноски и ѓаконот Марко Спасовски. По завршувањето на Литургијата, Митрополитот Тимотеј се обрати кон верниците со пригодна беседа, којашто интегрално ви ја пренесуваме.
Митрополит Тимотеј
Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!
Драги браќа и сестри,
Денеска светата православна Црква го прославува преподобниот Нектариј Битолски. Овој Божји угодник има епитет „преподобен", а ова достоинство го носат само големи подвижници, како што се Макариј Велики, Антониј, Пахомиј, Наум Охридски и др. Поради подвизите и совршенството во преподобниот живот, еден од овие подвижници и Божји угодници, уште додека живеел во овој грешен свет го нарекувале „земски бог". Обичното чудо како и да не е чудо во овој свет во споредба со најголемото чудо – тоа што Бог постанал човек. А кога Он постанал човек, тогаш од Него извираат сите останати чуда. Токму едно такво божествено чудо се излило и во свети Нектариј Битолски како и во многу други Божји угодници.
Што ги прави овие Божји угодници посебни на земјата? Тоа е божествената сила која Господ Исус Христос ја донел постанувајќи човек. Затоа светите отци велат: „Бог постанал човек, за човекот да стане бог по благодат". Тоа го постигнале преподобните и светиите кои живеејќи според заповедите ги исполниле божествените одредби. Целиот живот го минале во молитва и пост, вера, љубов и благост, трпеливост, доброта, негневливост и постојано вршење на добродетели. Така, од себе изградиле совршени луѓе по мера и висина според Христа (Еф. 4, 12).
Таквиот човек преку молитвата, верата, милосрдието, смирението и божествените добродетели ја потиснува секоја болест и немоќ и ја надминува секоја помраченост. Спасението не значи само ослободување од зло и грев, зашто во Светото Писмо се вели: „Нека бега од злото и нека прави добро, нека бара мир и нека се стреми кон него" (1 Петр. 3, 11).
Во денешното свето Евангелие ги слушнавме зборовите: „Дојдете сите кои сте изморени..." (Мт. 11, 28). Како се изморува човекот во овој живот? Се изморува од темнината и од лутањето во гревот. Душата е небесен патник, но таа се движи по земната кал. Кога душата се храни со гревови и сласти, таа не може да се засити. Постанува уморна од грижи, а вистинската храна е единствено светата причест и светите добродетели – љубовта, кротоста, смирението итн. Човечките душа, срце и ум се изморуваат во овој свет барајќи спокој, но никаде не можат да најдат вистински спокој, зашто Самиот Христос е вистина и живот. Самиот Он вели: „Јас сум Оној Кој ги зема гревовите на целиот свет врз Себе и ги лекува болестите". Најголемата болест на душата е гревољубието. Господ Кој е посилен од секој грев, ги носи сите гревови и ги уништува нашите ѓаволштини само кога Го повикуваме на помош, со вистинска вера и надеж во Него. Господ вели: „Земете го Мојот јарем на себе". Треба да поверуваме во Неговите зборови. Он нѐ извлекува од сите искушенија. Да не мислиме и да не велиме: Јас не можам да го направам тоа. Стави ја својата немоќ пред Господа и така ќе се окуражиш и ќе почувствуваш дека со Господа сѐ е можно и Неговиот крст е благ. Така, носејќи го крстот Христов, добиваме победа над гревот и над ѓаволот. Благоста која ќе ја почувствуваме е посилна од сите искушенија. Тогаш гледаме дека јаремот Негов е благ, а на нас се исполнуваат зборовите на апостолот Павле: „Кога сум слаб, тогаш сум силен" (2 Кор. 12, 10).
Оваа благовест ја објавил Господ Исус Христос, а светите преподобни отци тоа го потврдиле со животот во овој свет. Нека свети Нектариј чиј спомен денеска празнуваме преку неговите молитви ги исполни нашите души со вера, љубов и благост. Така со леснотија ќе го носиме јаремот Христов. Потребно е само со вера да Му притекнеме и Он ќе ја посети нашата душа, посредно или преку Своите угодници. Нека Господ ги умножи во сите нас сите добродетели, за да можеме да го славиме Неговото име. Нему нека е слава и благодарност во сите векови. По молитвите на свети Нектариј, така нека биде. Амин!
Свети Нектариј Битолски
Манастир „Свети Наум Охридски"
18.12.2021 год.