„Сите ние да го прославиме големиот архипастир и ерарх, архиепископот Мирликиски Николај, зашто спаси многу луѓе кои требаше неправедно да умрат: тој му се јави на сон на царот, како и на Авлавија, да ја поништи неправедно донесената одлука“ (светилен на Утрена на св. Николај Архиепископ Мирликиски Чудотворец).

 

На 19.12.2021 година, денот ккога го прославуваме споменот на светиот Николај Архиепископот Мирликиски Чудотворец, во храмот „Св. Никола Геракомија“ во Охрид, беше отслужена света архиерејска Литургија, на којашто чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Плаошко-струшки и Дебарско-кичевски и Администратор Австралиско-сиднејски г. Тимотеј, во сослужение на архимандритот Нектариј, протоерејот-ставрофор Никола Христоски, еромонахот Никодим, свештеникот Васил Михајлоски, протоѓаконот Николче Ѓурѓиноски и ѓаконот Марко Спасовски. По завршувањето на Литургијата, Митрополитот Тимотеј се обрати кон многубројниот верен народ со пригодна беседа, којашто ви ја пренесуваме во целост.

 

Митрополит Тимотеј


Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!
Драги браќа и сестри,


Денеска го прославуваме живото Евангелие на Господа Исуса Христа. Тоа е живо, зашто е исполнето со чуда и со сила небесна. Тоа Евангелие е свети Николај Мирликискиот Чудотворец. Да се пофали тој, е пофалба на живото Евангелие кое оди меѓу луѓето. Ако имало човек во Црквата Христова, кој целосно се поистоветил себеси со Евангелието, тоа е несомнено свети Никола. Каде и да погледнеме во неговиот живот го гледаме Евангелието Христово. Секој чекор, секоја мисла и секое дело – сѐ е живо Христово Евангелие. Токму затоа, за него се вели во молитвите дека го исполнил Евангелието Христово. Поради тоа исполнување, Господ Исус Христос му ги дарувал изобилните чудотворни сили, кои престојувале во Самиот Христос и ги излекувале сите, како што слушнавме во денешното Евангелие. Народот се туркал во Христа со цел само да се допре до Него, зашто од Него излегувала сила која ги лекувала сите (Лк. 6, 19). Оваа сила се излила и на свети Никола од Господа Исуса Христа, а се излева и на сите нас кои го повикуваме на помош.


Каква милост се јавува во овој свет! Свети Никола никогаш не се оглушува на ничија молитва. Се прославува на сите континенти како голем Божји угодник. Го слават на копно, но и на вода, а тој притекнува на помош, скромно и тивко, кон секој што го повикува. Безбројни се чудата, безбројни се добрините кои ги правел, како што се вели во една од прекрасните молитви: „Побројни се неговите чуда и добри дела од ѕвездите на небото и песокот на морските брегови". Токму таков е овој Божји угодник.


Можеби некој ќе постави прашање: Од каде му е таквиот дар на свети Никола? Зошто меѓу сите светии, Господ го избрал него за да му даде толкав дар? Што правел свети Никола, па ја стекнал оваа Божја љубов? Тој правел чуда во овој свет. Се одрекол од себе, го оставил својот имот и го раздал на сиромаси заради Христа и целиот се предал на пост и молитва. Себеси се очистил со свет живот, отстранувајќи ги секоја страст и секој грев. Ги очистил умот и душата и како што се вели во денешните стихири: „Неговиот ум постанал живеалиште на Света Троица, срцето негово постанало обиталиште на Духот Свет, а неговата душа – обител на Господа Христа". Тоа е чудо кое го направил Господ. Гледаме дека Господ ја дава целата своја божествена сила, но бара чиста душа, чисто срце, чист ум, чисто тело – сѐ да биде чисто и беспрекорно, да биде сад Божји. И телото и душата да се претворат во храм Божји. Свети Никола токму тоа го направил.


Правејќи го најголемото чудо во својот живот, тој се одрекол од сѐ и заминал по Христа, вооружен со молитвата, постот и сите останати средства за стекнување на добродетели. Неговата вера наликува на верата која преместува ридови и планини (Мт. 17, 20). Оваа вера ја соединува целата душа со Бога. Таква вера имал свети Никола. Затоа и во денешниот тропар тој се нарекува: „Правило на верата". Тој бил целосно исполнет со вера, како чудо Божјо, зашто верата е сила Божја. Верата наша и верата на свети Никола е таа која душата ни ја спасува во Христа. Ако имаме силна и непоколеблива вера, тогаш имаме и сила Божја. Затоа свети апостол Павле вели: „Верата наша е во силата Божја" (1 Кор. 2, 5). Кога човек ќе стекне таква силна вера, тогаш навистина стекнува сила Божја, непобедлива и сепобедна. Таква сила стекнал свети Никола, постанувајќи правило на верата, живеејќи во верата со цело свое битие. Така одел по патот на Господа Исуса Христа.


Поради овие работи, никогаш да не престанеме да го прославуваме свети Николај Мирликискиот Чудотворец. Да го молиме да нѐ води во овој свет низ сите искушенија. Да нѐ види и изведе и да нѐ поведе по патот кон вечниот живот. Да нѐ изведе на пат, на кој ништо не може да ни напакости. Тој пат нека биде наш пат. Од денеска ние го имаме свети Никола со нас, а со него и сите Божји угодници. Нека свети Никола нѐ запази од секакво зло и нека ни помогне да стекнеме светли души и такви да се претставиме пред Господа, Кому нека е слава во сета вечност. Амин!


Свети Николај Мирликиски
Храм „Свети Никола Геракомија" Охрид
19.12.2021 год.

 

svnikola2021 1svnikola2021 2svnikola2021 3svnikola2021 4svnikola2021 5svnikola2021 6svnikola2021 7svnikola2021 8svnikola2021 9svnikola2021 10svnikola2021 11svnikola2021 12

Fotogalerija

galerija

Izdava{tvo

izdavastvo

Crkoven kalendar

Декември 2015
Пон Вто Сре Чет Пет Саб Нед
30 1 2 3 4 5 6
7 8 9 10 11 12 13
14 15 16 17 18 19 20
21 22 23 24 25 26 27
28 29 30 31 1 2 3