Почитувани верни чеда на Дебарско-кичевската епархија, како и што ветивме во претходниот напис за промоцијата на книгата „Манастирите во Дебарско-кичевската епархија“, во прилог Ви го пренесуваме промотивното слово од Неговото Блаженство Митрополитот Скопски и Архиепископ Охридски и Македонски и на Јустинијана Прима г.г. Стефан. Имено, пред официјалниот почеток на промоцијата на ова наше јубилејно и извонредно дело, свое обраќање имаше и свештеникот Александар Димоски, кој даде прекрасен вовед во самиот чин на промоцијата и го покани Архиепископот да го изложи своето промотивно слово. Затоа и пред самото промотивно слово, Ви го пренесуваме и воведот од отец Александар.

 

prommandke2021 30

 

Свештеник Александар Димоски

Ваше блаженство,
Ваши високипреосвештенства и преосвештенства,
преподобни и чесни отци,
почитуван градоначалник на општина Охрид,
драги браќа и сестри,

кон крајот на оваа година, кога побрзавме кон Витлеем заедно со мудреците, да Го пресретнеме Господа, Кој повторно доаѓа за нас да се роди, и секогаш одново целосно ни се дава, во годината кога радоста Господова обилно и несебично се излеа врз нас, во годината кога го прославивме големиот јубилеј, не само за нашата Епархија, туку и за целата наша Помесна Црква, 40 години Архиерејски служба и 70 години од раѓањето на нашиот митрополит Тимотеј, еве сега кон радоста придодаваме уште една радост. Пред нас се наоѓа монографијата „Манастирите во Дебарско – кичевската епархија", плод на 40 годишното неуморно себежртвување на нашиот владика, плод која пишувачите го принесуваат како молитвен дар, не само пред Господа, туку и пред својот владика и Митрополит, поздравувајќи го неговиот и наш голем јубилеј. Собрани денес овде на Плаошник, пред гробот на нашиот првоучител и најбрз застапник пред Бога, Климент Охридскиот Чудотворец, го просиме неговиот благослов за нашево дело, бидејќи без неговото слово, Словото ќе останеше неоткриено за нас. Чувствувајќи, пак, и знаејќи дека го имаме тој благослов, во кој постојано живееме, го повикувам Неговото блаженство Архиепископот Охридски и Македонски и на Јустинијана Прва, г.г. Стефан да го произнесе своето промотивно слово кон монографијата што денес ја претставуваме пред вас.

Ваше блаженство ви благодарам за вашите зборови, кои како реки едемски и слатководни протекоа од вашата уста, за нас многу скапоцени. Но ова дело не би било пред вас, ако нас не нè пратеше благословот на нашиот митрополит Тимотеј, кој стана повод за секоја радост оваа година. Затоа го повикувам и него да го поздрави ова свештено собрание.

Најсвет владико ви благодариме за сè што чините пред Бога. Ви благодариме и вас, овде присутни што денес дојдовте да ја споделите оваа радост со нас. Нека се множат јубилеите на напиот Владика, и дај Боже сите заедно да се радуваме и во Небесниот Ерусалим.

НА МНОГАЈА ЛЕТА!

 

prommandke2021 27

 

Стефан,
Архиепископ Охридски и Македонски

НАШИTE ВЕКОВНИ СОКРОВИШТА

Секој повод, а особено ако е во прашање годишнина или јубилеј, и ако истите се однесуваат на архијереј, нема подобро одбележување од тоа, доколку е возможно, тие да се завршат и со пишано дело, во кое, на едно место, ќе биде собран дел од најважните постигнувања во времето коешто славеникот го чествува.


Неговото Високопреосвештенство, Митропо-литот Дебарско-кичевски г. Тимотеј, на 3 октомври годинава, на празникот на сите македонски светители, во древната „Света Софија" – Катедралниот храм на Охридските Архиепископи, исто така, молитвено одбележа 40 години од хиротонијата во епископски чин. Денес, овде, во возобновениот Светиклиментов храм на Плаошник, еве, по Светата Литургија, со претставувањето на делово што е пред нас: Зборникот со трудови за манастирите во Дебарско-кичевската епархија, се заокружува оваа негова јубилејна година.


Инаку, оваа содржајна и прекрасно подготвена книга е и ќе биде сведок за постигнатото во градителската и во возобновителската дејност на Митрополитот Тимотеј. Од она што е опишано во трудовите, и од она што самиот го знам или сум го видел, можам да истакнам дека возобновувањето на манастирите и возобновувањето на монаштвото се случуваше во исто време. Затоа, колку повеќе возобновени манастири имаме, толку и побројно ќе биде нашето монаштво!


Она што при оваа прилика треба да се посочи е тоа дека почетоците на нашето монаштво и градењето на првите манастири во Македонија, за кои имаме писмени сведоштва, се во овој Охридски крај, кој бил и останал духовен расадник, и некогаш и денес. Познато е – монаштвото одовде се проширило во сите краеви на Македонија, па дури и надвор од неа. Како потврда на тоа се бројните светилишта, градени во сите христијански времиња, по сите македонски предели. Затоа во моево излагање посветувам простор за македонското, но и за монаштвото воопшто, за неговата смисла и потреба, како и за неговото место во животот на Црквата.


А Македонија, како ретко која друга земја, и надолж и нашир, е облагородена со многубројни светилишта. Тие свети градби, со текот на вековите, постанале составен дел од нашето народно ткиво; во нив нашиот народ се просветувал и се описменувал, а многу од нив прераснеле во препишувачки и книжевни центри; тие биле лечилишта, духовни пристаништа и закрилни места; од нив постојано била помагана праведната борба за македонска духовна и национална слобода, а со нивните камбани бил означуван почетокот на буни и востанија или била објавувана некоја народна несреќа и трагедија: неретко тие предизвикувале и сенароден бол и тага поради нивно сардисување, уривање, опожарување или претворање во џамии. Сите периоди, но особено средновековието и времето на нашата преродба, се обележани со нивно бројно градење, обновување и надградување. Затоа нема крај, нема поле, нема гора и планина македонски, на кои не се издига и не се белее наша светиња.


Еве, ако тргнеме по Скопскиот Регион, таму се распослани древните монашки обители на Матка, над Шишево и до Горно Нерези, па Марковиот, Горњанскиот и Кучевишкиот манастир; Северозападниот и Североисточниот Регион ги красат: Лешочкиот, Матеичкиот, Старонагоричкиот, Псачкиот и Осоговскиот манастир; по Источниот и Југоисточниот Регион векуваат: Ѓуришкиот, Лесновскиот, Козјачкиот, Беровскиот, Велјушкиот и Водочкиот манастир; во Пелагонискиот Регион, пак, чиј најголем град и го добил своето име по една или по повеќе обители, ги имаме прекрасните: Трескавечки, Зрзески, Варошки, Мариовски, Слепченски и Курбиновски манастир. Чиниш, сета земја ни е манастир!


А што да речеме за овој, со светилишта, и по значење, и по убавина и по вредности, најнакитен Југозападен наш крај, во кој монашкиот живот и манастирите се присутни уште од најраните христијански времиња? Притоа, тукашните храмови и манастири се не само во многубројна, туку и во разнолика форма: од пештерски, преку мали манастири, до раскошни обители со бројни придружни градби. Небоземната убавина на Охридското Езеро е дотолку повозвишена затоа што до неговото крајезерие векуваат: Светклиментовиот, Светинаумовиот, Светијовановиот на Канео, Заумовиот и Калишкиот манастир, како и блиските: Велгошки, Лешански и Лакочерејски манастир. Малку понастрана, пак, на овој богоблагословен крај, се и: Кнежинскиот, Кичевскиот и Поречкиот манастир, како и нашето светилиште со најбројно монаштво – Бигорскиот манастир со неговите метоси.


Црквата не е од овој свет, но е во овој свет! Нејзиниот допир со светот – со неговите идеолошки, културни, социјални и политички прилики – иако ја обогатува Црквата, тој, сепак, придонесува и за нејзино делумно „овосветување", односно доведува до нејзино поставување во позадината на нашето битисување. Како реакција на таквото помирување со светот и појавата Црквата понекогаш да наликува, како што истакнува отецот Шмеман, на „сакраментална и хиерархиска институција која го ʼопслужуваʻ светот и животот во него..." , во црковната древност се зародува монаштвото, се појавуваат оние кои жеднуваат за подвижнички живот, зашто, знаејќи дека нивното жителство е на небесата , увидуваат дека е потребно да се осамат, за да ги ослободат својот ум и својата душа за постојано богоопштење. Затоа тие заминуваат во пустина, каде пребиваат во отшелништво или создаваат општежителни монашки заедници.


Напуштајќи го светот, за да го претчувствуваат царството Божјо, дојдено во сила , тие тоа го прават не од нељубов кон светот или од негрижа за ближниот, туку напротив – за нив монашкиот подвиг е нов начин на застапништво за сите и за сè. Монахот се оттргнува од светот за да се моли за него, тој ги напушта сите за да се моли за сечие спасение, свесен дека, како што вели свети Серафим Саровски, тој треба да се спаси самиот себеси, за по него илјадници околу него да се спасат. Значи, по својот произлез, монаштвото е сугубо црковна – а воедно и богољубива и човекољубива појава.


Монаштвото, кое формално не е една од Светите тајни, во суштина е слично на сите нив. Зашто, „подобно на Крштението, монашкиот постриг е умирање за претходниот живот и раѓање во ново битие; подобно на Миропомазанието, тоа е печат на избраништво; подобно на Бракот, тоа е прстенување за Небесниот Жених – Христос; подобно на Свештенството, тоа е посветување на себеси за служење на Бога; подобно на Евхаристијата, тоа е соединение со Христос" . Затоа, примателот на тој чин се охрабрува со следниве зборови: „Ако сакаш да бидеш монах, ти, пред сè, треба да се очистиш себеси од секоја нечистотија на телото и духот...; стекни смиреноумие, со кое ќе постанеш наследник на вечните блага; отфрли ја безочноста на световното однесување; имај послушание пред сите; не биди против работите што ти се одредени; биди истраен во молитвата..."


Секако, и во монаштвото, како и во секој човеков образец на живот, честопати се пројавувале поединци и групи со учења кои биле на границата на излегување од христијанскиот етос, но вистинското монаштво секогаш било, е и ќе остане пројава на заедништво; тоа е секогаш општествено насочено, секогаш гори од љубов за своите ближни, за својот народ, за сета Црква Христова. Затоа монаштвото не е бегство од светот, туку, како што вели отецот Флоровски, е „стремеж да се изгради еден нов свет врз нови основи" .


Впрочем, познато е дека еден од основачите на монаштвото, светиот Антониј Велики, најнапред се оддалечил од светот и од луѓето во него, и поминал цели две десетлетија во целосна осама во пустина. Потем, очистен преку долгиот молитвено-аскетски живот, се ставил себеси во потполна служба на верниците кои доаѓале при него од сите страни, просејќи од него духовна поткрепа. Едно, пак, од најголемите светила на Христијанството, светиот Василиј Велики, кој е познат не само по своето богословие, туку и по својата заслуга за обликувањето на општожитијното монаштво, бил исклучително загрижен за општествените и за човековите проблеми на своето време. И откако се замонашил, а и подоцна, откако бил избран за архијереј, свети Василиј секогаш во своето срце ги носел луѓето и нивните маки и страдања, па самопрегорно се предавал не само на молитва, туку и на благотворна работа. Така, тој ја создал и познатата „Василијада" – христијанската болница и страноприемница, во која и самиот пожртвувано лекувал и прислужувал!


А кога говориме за монашкото служење, можеме ли да заборавиме кој го внесе словенскиот род и нас, Македонците, од праисториското, непросветено постоење, во историското, просветено постоење?! Та кој друг ако не монасите!? Солунските браќа, светите Кирил и Методиј, биле повикани од своите манастирски ќелии за да отидат на мисија, па, откако создале азбука, за јазикот говорен во Солунско, ги превеле Светото Писмо и богослужбените книги. Нивниот најнадарен ученик – нашиот свети Климент, пак, како монах, својот манастир го претворил и во Универзитет, па, не давајќи им дремка на своите очи , го поучувал народот не само на духовност, туку и на: писменост, агрикултура, уметност...


Векови подоцна, повторно монах – Кирил Пејчиновиќ-Тетоец, станал еден од основоположниците на преродбенската македонска книжевност и просвета, а Теодосиј Синаитски ја отворил првата македонска печатница... И сето ова е само мал дел од огромната домољубива и човекољубива дејност на монасите низ македонската и низ сехристијанската историја. Монахот знае дека ако страда еден дел од Христовото тело, страда целото тело, зашто сите сме едно тело – Христовото . Знаат црнорисците дека небото се освојува уште овде, со богоугодни дела на земјата. Затоа монасите од Бигорски, кои, во опсегот на својот подвиг, се посветуваат и кон исклучително дело во помагањето на оние од кои, честопати, се откажуваат сите останати! Притоа, тоа го прават тивко, скромно, но со богоугодни и човекољубиви подвизи и дела, што се запишуваат, веруваме, во книгата на животот.


Но, секако, најголемото монашко дело се: непрестајната лична молитва, постојаното заедничко богослужење и редовното учество на Божествената Литургија. Монахот го воплотува завештанието оставено од светиот апостол Павле, кој вели: Молете се постојано! Токму молитвеното бдеење им ја дава на монасите онаа карактеристична монашка радост, која извира од искрената молитва. Впрочем, затоа и непосредно пред да ја упати претходно наведената порака, светиот апостол Павле вели: Радувајте се секогаш!


А радоста и молитвата се цврсто сврзани. И светоотечките текстови на Православната Црква ја истакнуваат радосната димензија на аскетското битисување. Свети Јован Лествичник дури и го исковува терминот „радосна тага", за со неа да означи дека стварноста на аскетската строгост се живее со радост и со љубов. Православното монаштво е свесно за страдањата и за силата којашто се изискува во борбата со нив и со нивниот причинител – сатаната, но тоа знае и дека тие се надминуваат и се преобразуваат преку аскеза и добродетелност, преку радување, и тоа радување секогаш во Господа .


Се разбира, треба да се истакне дека не само монахот, ами и секој христијанин е повикан кон непрестаен духовен раст, до мера на возраста на Христовата полнота . Во таа смисла, и не постои битна разлика меѓу монасите и мирјаните. Но, иако целта на сите што го носат Христовото име е една и иста, сепак, патот по кој се врви до неа е различен. Монахот кон обожението врви во тихување, во богосозерцание и во целомудрие, стремејќи се да ја исполнува заповедта за постојано молење, а мирјанинот, пак, тоа го прави преку стекнување на добродетели во општествениот и во семејниот живот. Во домот на нашиот Отец небесен има многу места за живеење , па има место и за брачниот и за безбрачниот, и за монахот отшелник и за монахот во општежитие. Постелата е чесна и бракот е чист , а монаштвото е совршено зашто инокот се грижи за Господови работи, – како да Му угоди на Господа.


Затоа оваа прекрасна монографија, составена од трудовите на стручните автори од таа област, како и од упатените теолози-професори и свештенослужители, е значаен документарен сведок за богатото манастирско минато и за нивната сегашност во Дебарско-кичевската епархија, како и за монахољубивоста и манастирољубивоста на нејзиниот долгогодишен архијереј, Неговото Високопреосвештенство г. Тимотеј. Впрочем, колку што радувала и радува бројноста на манастирите во богодаруваната му Дебарско-кичевска епархија, толку повеќе и толку поголема била и обврската кон истите. Благодарение на Митрополитот Тимотеј и на само нему својствената дарба да организира и да изнајдува можности, сите светињи, без исклучок, добиле нова светлина. На сите нив им е даден или им е продолжен векот!


Одличната состојба во којашто денес се наоѓаат прекрасните манастири во Дебарско-кичевската епархија и, што е најважно, фактот дека во нив живее бројно богољубиво монаштво, се исклучителна заслуга на надлежниот архијереј! Секој што порано бил и што ги видел, и „Свети Наум", и Бигорски, и Рајчица, и Пречиста и многу други манастири во оваа епархија, може да каже, да посведочи какви беа пред востоличувањето на дедо Тимотеј, и какви се денес?! Некогаш тоа беа речиси обезмонашени, некои од нив преименувани во музеи, беа запуштени објекти, оставени во рацете на државни или на градски кустоси, на кои, сепак, треба да сме им благодарни за вложената грижа..., за денес да бидат вистински манастири во кои се подвизуваат сè побројни монашки братства и сестринства. А кој бил, пак, овде, на Плаошник, пред дваесетина години, ќе потврди дека тогаш овде немаше ни камен од камен, за сега да го имаме ова возобновено, прекрасно Светиклиментово светилиште, опколено со потребните градби.


Ако сакаме да ја видиме иднината на една Црква, тогаш треба да се загледаме во нејзините манастири. Додека некои православни земји имаат недостаток на монаси, во нашата Црква, слава Му на Бога, тие стануваат сè побројни. И да се надеваме дека така и ќе продолжи. Па, монаштвото било и останува да биде силата на Црквата. Затоа треба да се трудиме да го сведочиме Православието на тој начин што радоста на монашкиот позив ќе биде правилно претставувана пред секого. Присуството на манастирите и на монашкиот живот, и начинот на кој монасите живееле и се труделе во молитва, пост, ракоделие и добродетел, дало огромен печат во битот на нашиот народ. Оттаму, секогаш, имајќи го на ум неизмерливото дело на нашите монаси низ историјата, да продолжиме да ги подражаваме нивните дела и подвизи, но особено молитвено да им благодариме на сите за вредностите и убавините што ни ги оставиле, за да можеме ние денес да речеме дека сакралното ни е највредното богатство.


Ако успееме да го правиме тоа, тогаш ќе се осигураме и ние дека сме дале свој прилог за – во некои идни времиња, кога сите ние ќе бидеме одамна претставени во Господа, и кога некои нови поколенија ќе прават нови прикази на манастирите во оваа и во останатите наши епархии – сите тие да бидат исполнети со најубавата музика на светот – монашкото псалмопеење.


При оваа прилика и од ова свето место, на авторите, уредниците и на сите што дале свој влог во подготвувањето на монографијата, треба да им честитаме за содржајните, издржани и поткрепени со аргументи трудови, во кои успеале да ги претстават манастирите со нивните истории и со потребните податоци, и да ги истакнат местото и улогата што им припаѓа во нашата црковна и национална историја.


Вие, Високопреосвештен владико, дај Боже, да одбележите уште годишнини, имајќи години исполнети со нови дела, со нови и возобновени градби, за да можат да продолжат да пишуваат и да опишуваат и за следни Ваши постигнувања, како и за целокупниот напредок во оваа епархија. А така нека биде, да посакаме, и во целата наша Црква! Амин!

Fotogalerija

galerija

Izdava{tvo

izdavastvo

Crkoven kalendar

Јули 2015
Пон Вто Сре Чет Пет Саб Нед
29 30 1 2 3 4 5
6 7 8 9 10 11 12
13 14 15 16 17 18 19
20 21 22 23 24 25 26
27 28 29 30 31 1 2