„Подражател на апостолите, правило на архиереите, убавина на преподобните, сострадалец на страдалците, без крв си се овенчал како маченик, преподобен Науме, искушуван со тешки неволји, носејќи го божественото име на Христа, и смело проповедајќи ја секогаш тајната на Троица. Нејзе не престанувај да ѝ се молиш за оние кои тебе те прославуваат“ (седален на Утрена на преп. Наум Охридски Чудотворец).
Споменот на преподобниот Наум Охридскиот Чудотворец и оваа година беше свечено прославен во деновите кога верниот православен народ го очекува раѓањето на Спасителот. Имено, прославата на овој наш просветител и постојан молитвеник пред Бога започна на 04.01.2022 година, во манастирот кој преподобниот самиот го изгради на Охридското Езеро, со Празнична вечерна богослужба, на којашто чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Плаошко-струшки и Дебарско-кичевски и Администратор Австралиско-сиднејски г. Тимотеј, во сослужение на архимандритот Нектариј, игумен на Светинаумовиот манастир, протоерејот-ставрофор Никола Хриостоски, свештениците Димче Азески и Љупчо Бакрачески, протоѓаконот Николче Ѓурѓиноски и ѓаконот Марко Спасовски. По завршувањето на Вечерната богослужба, Митрополитот Тимотеј се обрати кон верните со пригодно слово, во кое ја истакна заповедта на светиот апостол Павле за следење на нашите наставници и проповедници на словото, а како пример за тоа е преподобниот Наум, кого и ние треба да го следиме во неговите свети подвизи.
Празнувањето на преподобниот Наум продолжи утредента, на 05.01.2022 година, кога беше отслужена света архиерејска Литургија, на којашто чиноначалствуваше Митрополитот Тимотеј, со сослужение на архимандритот Нектариј, протоерејот-ставрофор Никола Христоски, свештениците Атанас Казанџиски, Димче Азески и Љупчо Бакрачески, протоѓаконот Николче Ѓурѓиноски и ѓаконот Марко Спасовски. По завршувањето на Литургијата, беше извршен чинот на Мал водосвет и беше прекршен празничниот колач, а Митрополитот Тимотеј се обрати кон многубројниот верен народ со пригодна беседа, којашто во целост ви ја пренесуваме.
Митрополит Тимотеј
Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух.
„Сите кои во Христа се крстивте, во Христа се облековте" (Гал. 3, 27).
Драги браќа и сестри,
Овие зборови упатени од апостолот Павле до христијаните не зборуваат за надворешните знаци на христијанскиот повик, туку за длабочините на неговата ризница. Ништо кај апостолот Павле не е без длабочина. Ништо кај него не се исцрпува со надворешното опишување на духовните вредности. Следствено на тоа, и кога зборува за оние што во Христа се крстиле и во Христа се облекле, го има предвид внатрешното преобразување на човекот. Тие што влегле во Црквата Божја преку светата тајна крштение, се облекле во неизвалканата облека на христијанскиот повик. Таа облека изразува длабока внатрешна преобразба. Неопходно е да ја пазат неизвалкана таа бела облека, избелена со светата крв на Исуса Христа. Тоа означува да ја запазат својата душа преку длабокото одразување на Христовиот образ во неа. Оној што поверувал, го соблекол од себе стариот човек и не само надворешно, туку и внатрешно се распнал за да поверува во Исуса Христа.
Смислата на облекувањето во Христа е возвишена. Таа го обзема целокупниот живот на човекот и ги разјаснува сите негови потреби, страдања, радости и целиот процес на неговото преображение. И срцето на облечениот во Христа во светот се отвора за светлината која доаѓа од Исуса Христа, затоа што тоа тежнее кон љубовта. Такво е преобразеното ново срце. Сите дела на човекот облечен во Христа се зачнуваат во светлиот дух, озарен од мислата која го возвишува нагоре кон Бога. Тоа се случува со силата на љубовта, која сѐ претвора на добро.
Оние кои во Христа се крстени и во Христа се облекле направиле една целокупна проценка на својот живот. Направена е проценка и на самата нивна религиозност, зашто во Исуса Христа верата се доживува како внатрешен живот и како внатрешна сила. Верата не е надворешен облик, не е покажување и не е обредност. Затоа и Самиот Господ Исус Христос зборува со совршена јасност (Мт. 6, 1-18). Тоа е длабоко внатрешно бранување на духот, бранување на неизмерен, длабок океан, кој не само што ги заплискува бреговите на човековиот живот туку неизмерно ја облива душата, го оросува животот и го капе срцето преку љубовта.
Проценката е извршена и на сите останати вредности и на трудот преку кој се создаваат вредностите или добрата и животот се издигнува сѐ повисоко. И најдлабоките чувства се рашируваат и се издигнуваат додека човекот не постигне вистинско доброљубие. Тоа се претвора во љубов кон сите луѓе, бидејќи за облечените во Христа веќе не постои ни Јудеец ни Елин, ни роб ни слободен, ни машки пол, ни женски, зашто во Христа сите се едно (Гал. 3, 28). Во Христа е извршена целосна проценка на личноста. Од тука доаѓа и преображението на сѐ што прави човекот и што има цена за него.
Животот има потреба од постојан поттик, кој го определува неговиот развиток. За човек со духовно и религиозно уверување во својот живот, моралниот поттик е постојано насочен кон откривањето на нови хоризонти. Моралниот поттик е насочен кон животната вистина. Поради тоа, хоризонтите на религиозниот човек се и земни, зашто уште на земјата се остварува животната вистина. Вистински верник е граѓанин на земјата и покрај тоа што има длабоко убедување дека тој не е само од овој свет.
Потокот тече од планината надолу кон рамнината, зашто таа има потреба од него. И светиите со духот живеат високо, но се спуштаат надолу кон рамнината, зашто таа има потреба од нив. Колку повисоко човекот се издигнува духовно и постигнува врвови на светоста, толку поблизок станува на луѓето во рамнината. Така е, зашто тој носи дух кој е потребен за живот на сите луѓе. Светиот човек пие од изворот на живата вера, а потоа и самиот станува извор на животворните струи, кои по природен пат се стремат кон рамнината, за да ја освежат и оплодат. Најголем пример за тоа дал Божјиот Син, Кој слезе од небото за да живее со луѓето. Самиот Тој беше извор на животот. Луѓето имаат потреба од живите води на тој извор. Преку Него тие се освежуваат и спасуваат.
Највисоко е ценета душата. Затоа стремежот на христијаните е кон нејзино преобразување според Исуса Христа. Затоа светиите, ценејќи ја својата душа, презреле сѐ во овој свет и се прилепиле кон Христа и во Него се облекле. Тие за текот на целиот свој живот ја сочувале неизвалкана крштелната облека. И ние, кои денеска го славиме преподобниот и богоносен свети Наум Охридски, да се обратиме со искрена молитва за тој да ни помогне. И ние да не ја извалкаме крштелната облека, туку постојано да се преобразуваме според зборовите на апостолот Павле: „Сите кои во Христа се крстивте, во Христа се облековте" (Гал. 3, 27). Амин!
Свети Наум Охридски
Манастир „Свети Наум Охридски"
05.01.2022 г.