„Христе, разумно Сонце на правдата, Ти си засветлил од Дева, и ѕвезда Те покажа сместен во пештера, Тебе - Несместливиот. Мудреците си ги упатил да Ти се поклонат; со нив и ние Те величаме, Животодавче, слава Ти“ (тропар од Вечерната на Рождество Христово).

 

На 06.01.2022 година, во навечерието на празникот Рождество Христово - Божик, во храмот „Св. Петар и Павле“ во Кичево, беше отслужена Вечерна богослужба, на којашто чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Плаошко-струшки и Дебарско-кичевски и Администратор Австралиско-сиднејски г. Тимотеј, во сослужение на протоерејот-ставрофор Никола Христоски, протоерејот Стевчо Тошевски, свештениците Ристо Камбуроски, Александар Матески и Александар Крстаноски и протоѓаконот Николче Ѓурѓиноски. По завршувањето на Вечерната богослужба, беше осветено бадниковото дрвце, а Митрополитот Тимоте се обрати кон верниот народ со пригодна беседа, којашто во целост ви ја пренесуваме.

 

Митрополит Тимотеј


Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!
Драги браќа и сестри,


Уште во самиот почеток на Библијата се наговестува доаѓањето на Месијата Кој ќе го избави човечкиот род од гревот. По првородниот грев на нашите прародители Адам и Ева, Господ ги истерал од Едемската градина и поставил ангели чувари за тие да не можат повторно да влезат во градината. Но, исто така, уште во Третата Мојсеева книга се наговестува доаѓањето на Спасителот. Тоа, всушност, е првото ветување за избавувањето на родот човечки. Уште појасно тоа го кажува светиот пророк Исаија, кој вели: „Зашто дете ни се роди – Син ни се даде; власта е на рамењата Негови, и ќе Го наречат: Чуден Советник, Бог силен, Отец вечен, Кнез на мирот" (Иса. 9, 6).


Во старите времиња, владетелот бил симбол на триумфот на редот и поредокот над нередот и хаосот, правдата над тиранијата, на слободата, мирот и на народната власт врз сè што е спротивно на тоа. Во тој дух и небесниот благовесник ѝ јавил на Богородица за Спасителот, дека: „Он ќе биде голем и ќе се нарече Син на Севишниот; и ќе Му Го даде Господ Бог престолот на Неговиот татко Давид и ќе царува над домот Јаковов секогаш и царството Негово нема да има крај" (Лк. 1, 32-33).


Затоа долго време централната мисла во Стариот Завет било доаѓањето на Месијата Кој ќе владее како совршен Владетел. Тој ќе биде претставник на правдата, поредокот и мирот меѓу луѓето. Во многу случаи таква била месијанската идеја на целиот стар свет. Затоа и источните мудреци кога дошле да Му се поклонат на Христа, прашале: „Каде е новородениот Цар Јудејски? Ја видовме Неговата ѕвезда на Исток, па дојдовме да Му се поклониме" (Мт. 2, 2).


Совршениот владетел бил идеал во стариот свет, како што и денеска луѓето чезнеат за личности кои ќе можат да донесат мир и праведност, сигурност и правда. Бараат народни водачи кои се во состојба да ги заштитат луѓето и заедниците од злочини, тиранија и геноциди. Но, за жал, постои голема провалија помеѓу овој идеал и реалноста. Ако фрлиме еден бегол поглед само во минатата година, и ако пресметаме колку невини луѓе пострадаа како жртви на терор и силеџиство и тиранија од секаков вид, сѐ ќе ни стане јасно. А да не зборуваме за нехуманоста на богатите кон сиромашните. Тоа особено се покажа со убиствениот вирус Ковид 19. Бројките се запрепастувачки и енормни.


Свети апостол Павле во своето Послание до Римјаните запишал од Бога вдахновени зборови: „Царството Божјо не е јадење и пиење, туку правда и мир и радост во Светиот Дух" (Рим. 14, 17). Ова царство е остварено со раѓањето на Исуса Христа кое денеска го славиме. Создателот и Цар на небесата Го испрати Својот Единороден Син во светот за да основа царство на праведност, мир и радост. Бог постана човек во лицето на Новороденчето од Витлеем. Небесното величие се покажало во човечката слабост. Создателот и Седржителот на светот постанал дрводелец во малото место, кое во тоа време било поробено од туѓинци, односно од Римската власт. Неговата царска власт растела полека, за Неговото царство да израсне во душите на луѓето како царство на правда, радост и мир. Тоа царство е блиску до секој човек. Потребно е само луѓето да го прифатат. Спасителот Господ Исус Христос стои пред вратите на душите на секој човек и чука. Потребно е само да Му се отворат вратите, но претходно и да се изменат лошите навики, да се приготви патот Господов и да се израмнат патеките Негови. Да ја послушаме пораката на свети Јован Крстител, кој вели: „Покајте се, зашто се приближи царството небесно" (Мт. 3, 2).


Денес го прославуваме Бадник, односно навечерието на раѓањето на нашиот Спасител Господ Исус Христос – небесниот Цар, Кој е единствен вистински Цар и на небото и на земјата. Тој е единствен толку силен и кроток и е во состојба да го оствари царството на мирот, добрата волја и љубовта во луѓето и помеѓу луѓето. Потребно е само луѓето да ги отворат своите срца и души и во себе да го доживеат Неговото раѓање. Нека и во нас се роди Христовата љубов, милосрдие и добра волја. Со овие желби ви го честитаме овој празник со поздрав: Мир Божји, Христос се роди! Честит Бадник!

Бадник,
Храм „Св. Петар и Павле" Кичево
06.01.2022 г.

 

badnik2022 1badnik2022 2badnik2022 3badnik2022 4badnik2022 5badnik2022 6badnik2022 7badnik2022 8badnik2022 9badnik2022 10badnik2022 11badnik2022 12 

Fotogalerija

galerija

Izdava{tvo

izdavastvo

Crkoven kalendar

Декември 2015
Пон Вто Сре Чет Пет Саб Нед
30 1 2 3 4 5 6
7 8 9 10 11 12 13
14 15 16 17 18 19 20
21 22 23 24 25 26 27
28 29 30 31 1 2 3