„Богородице Дево, која Го роди Спасителот, ти ја уништи првата клетва Евина, зашто по благоволение на Отецот стана Мајка, носејќи Го во прегратките воплотеното Слово Божјо. Оваа тајна не трпи испитување: само совера сите ние ја славиме, викајќи со тебе и говорејќи: Неискажлив Господи, слава Ти“ (хвалитна стихира на Утрена на Собор на Пресвета Богородица).
На 08.01.2022 година, денот кога го празнуваме празникот Собор на Пресвета Богородица, во храмот „Пресвета Богородица - Челница“ во Охрид, беше отслужена света архиерејска Литургија, на којашто чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Плаошко-струшки и Дебарско-кичевски и Администратор Австралиско-сиднејски г. Тимотеј, во сослужение на архимандритот Нектариј, свештениците Димче Азески, Ѓорѓи Блажевски и Љупчо Бакрачески, протоѓаконот Николче Ѓурѓиноски и ѓаконот Марко Спасовски. По завршувањето на Литургијата беше извршен чинот на Мал водосвет и беше прекршен празничниот колач, а Митрополитот Тимотеј се обрати кон верниците со пригодна беседа, којашто интегрално ви ја пренесуваме.
Митрополит Тимотеј
Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!
Христос се роди!
Драги браќа и сестри,
Во овие свештени и празнични денови на Рождеството Христово е природно да размислуваме за овој настан. Ние се обидуваме да си ја претставиме таа слика на Рождеството Христово, местото каде што се случил настанот, историјата итн. За тоа ни помага и храмот Божји во Витлеем, каде непрестајно заради нашето спасение се воплотува Христос Бог.
Божествената благодат денеска нè води во Витлеем, во местото кое е посебно кога станува збор за присуството Божјо. Молитвата и размислувањето за Синот Божји предизвикуваат во нас посебно чувство. Пред сѐ чувство на изненадување. Бог и Господ доаѓа на земјата да постане сличен на нас во сѐ, освен во гревот. Се поставува прашањето: Како Тој доаѓа? Доаѓа преку Дева Марија како Човек. Како Младенец се положува во јасли, бидејќи не се нашло друго месото за Него. Покрај изненадувањето, кај нас се раѓа и чувство на посебна радост за милоста Божја кон нас верните луѓе и за делото на нашето спасение. Колку е големо снисходењето Божјо кон човечкиот род! Бог доаѓа во светот како човек, живее со луѓето и нѐ учи со наш јазик. Тој ни дава разбирање на вистинската вера, љубов и правда, прави дела на милосрдие и помага на сите. Тоа не се случило само пред две илјади години, туку се случува и сега. Зарем и денеска не живее со нас Господ? Тој е особено присутен во Црквата и во светите тајни Христови. Тој и денеска нè поучува за верата, љубовта и правдата преку светото Евангелие, преку светата Црква и преку свештенослужителите. Тој и денеска прави дела на милосрдие и помош. Колку се бројни таквите примери околу нас! Огромен е бројот на божествените дарови кои ние сме навикнати да ги добиваме и поради тоа не ги вреднуваме доволно.
При размислувањето за Рождеството Христово се јавува уште едно чувство. Тоа е чувството на срам и покајание. Тоа е така затоа што тогаш избраниот народ не сакал да Го прими Христа Спасителот. Денеска, пак, народи кои важат за христијански, ги погазуваат основните завети на Христа, кои се однесуваат на љубовта кон Бога и луѓето. Ги погазуваат со своите гревови и беззаконија и не внимаваат на божествениот повик, не трудејќи се да се поправат. Кај нас се појавува чувство на сожалување за нашите лоши дела, кои на Христа Му причинуваат болка и страдање. И самото сознание дека Господ дошол не за праведните туку за грешните, ни дава надеж за наше спасение.
Ние не можеме денеска да не размислуваме и за онаа која Го роди во светот Христа Бога. Денеска светата Црква востановила празник во чест на Богородица, која послужила на великата тајна на Божјото воплотување. Денешниот ден светата Црква го нарекува Собор на Богородица, односно ден на молитвени собранија во чест на Божјата Мајка.
Неспорно е дека е најголема чест и слава да се биде Мајка на Христа Спасителот. Но, не само тоа. Денеска си спомнуваме и на маките на Мајката која не можела да најде место за да го смести Несместливиот. Затоа Христос се родил во пештера во која лежел добитокот. По тоа следело гонење со кое Ирод сакал да го убие Младенецот. Затоа семејството избегало во Египет. По враќањето следувале нови маки и грижи за Мајката. Сега Синот се изгубил во Ерусалим, а потоа излегол на проповед, правел чуда, а немал каде глава да приклони. Таа слушала клевети за својот Син. Него сакале да Го фатат и да Го убијат. Еден од блиските ученици го предал, а другите се разбегале. Мајката отишла по Синот и на Голгота. Таа присуствувала на неговите смртни страдања и крстна смрт. Колку маки и горчини и колкава мајчинска љубов на Мајката кон Синот и кон оние кои Тој доаѓа за да ги спаси! Токму затоа денеска се прославува Богородица. Ние истовремено го почитуваме и нејзиниот крстен пат, нејзиното смирение и трпение. На денот на Собор на Пресвета Богородица, ние ја прославуваме Преблагослвената и Пречиста Мајка, но истовремено си спомнуваме и за сите мајки – за нивната љубов, страдања и горчини за своите деца.
На денот на Соборот на Пресвета Богородица да се сетиме на секоја мајка и да си спомнеме за нивното особено внимание и љубов. Ова е ден на молитва кон Пречистата и ден на сите живи и покојни мајки. Пречистата да биде покров за секоја мајка. Со такви чувства да се исполнат срцата на секој христијанин на денот на Рождеството Христово и денот на Мајката Божја. Да ни даде Господ по молитвите на Божјата Мајка уште поголеми сили за да Го почувствуваме во себе Господа и Спасителот. Да добиеме уште поголема радост и сила за да ги победиме сите животни маки и страдања и храбро да го носиме животниот крст. Да Го славиме и прославуваме преблагословеното име на Отецот и Синот и Светиот Дух, сега и во сета вечност. Амин!
Собор на Пресвета Богородица,
Храм „Пресвета Богородица - Челница" Охрид
08.01.2022 г.