„Разгорен од ревноста за љубовта Христова и откако ја фрли облеката за борба, исполнет со вера и со Божествениот Дух, првомаченикот ја потврди за сите богомудрата проповед на рибарите“ (песна од канонот на Утрена на светиот апостол, првомаченик и архиѓакон Стефан).
На 09.01.2022 година, денот кога го прославуваме споменот на светиот апостол, првомаченик и архиѓакон Стефан, во храмот „Св. вмч. Ѓорѓи“ во Струга, беше отслужена света архиерејска Литургија, на којашто чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Плаошко-струшки и Дебарско-кичевски и Администратор Австралиско-сиднејски г. Тимотеј, во сослужение на архимандритот Нектариј, протоерејот Васко Голабоски, свештениците Александар Димоски и Христијан Костоски, протоѓаконот Николче Ѓурѓиноски и ѓаконот Марко Спасовски. По завршувањето на Литургијата, Митрополитот Тимотеј се обрати кон многубројниот верен народ со пригодна беседа, која подолу во целост ви ја пренесуваме. На самиот крај, Митрополитот Тимотеј во организација на струшката црква им додели Божикни пакетчиња на дечињата кои беа присутни.
Митрополит Тимотеј
Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!
Христос се роди!
Драги браќа и сестри,
Ние денеска, според традицијата, го прославуваме третиот ден Божик. Господ на земјата се роди како човек. Не како ангел или архангел, туку како човек. Со тоа човекот се издигна над сите суштества и со тоа Бог го прослави човекот како што никој никогаш не го прославил. Бог постана човек (2 Јн. 1, 14). Ете тоа е тајната на христијанството и на Христовата Црква. „Бог се јави во тело" (1 Тим. 3, 16). Оној Кој целиот е совршен се јави во човечка природа која страдаше од гревот. Зошто Бог постанал човек? Затоа што човекот целосно се потопил во гревот и целосно постанал смрт. Било потребно човекот да се спаси од гревот и смртта, а со тоа да се спаси и од гнилежноста и распадливоста. Затоа и Бог се роди како човек. Токму сега е роденденот на Бога во плот. Оваа земја која не знаела за бесмртност и со сето свое суштество Го бркала Бога од земјата, постанала колевка на Бога. Тој се родил од пресвета Дева Марија – Богородица.
Денеска, на Божик, се извршува голема тајна. Денешниот празник ни покажува зошто е создаден човекот и заради кого. Тоа се гледа од тоа што Бог може да постане човек. Значи човекот е создаден во почетокот, за да може во себе да Го смести Бога и целосно да се исполни со Бога. Денеска е роденден на Богочовекот. Всушност денеска е роденден на сѐ што е свето, сѐ што е големо и возвишено во човечкиот род. Денес е роденден на бесмртноста. Денес е роденден на непреодноста човечка. Денеска е роденден на сите големи свети луѓе. Он слегол во светот и постанал човек за да ги привлече луѓето кон Себе. Он доаѓа кај луѓето во овој свет, исполнет со сите нивни падови и гревови и нечистотии, со цел да ги издигне повисоко кон Себе.
Денеска нашата света Црква, исто така, го прославува и првомаченикот свети архиѓакон Стефан. Него би го немало ако Господ не се родел како човек, и не само него, туку ниту еден светец. Кој е Оној што му дал сила на овој млад човек кога го затрупувале со камења, а тој го молел Господа Бога за своите убијци: „Господи не земај им го ова за грев" (Дела 7, 60)? Такво чудо од љубов и молитва до тогаш не се случило на земјава. Ете, тоа големо чудо се случило преку свети архиѓакон Стефан. Да си поставиме прашање: Кој тоа го прави во него? Господ Исус Христос – Бог Кој постанал човек и Кој со сета своја сила е присутен во првомаченикот Стефан. Свети Стефан не се плашел од смртта. Кога го засипувале со камења и го мачеле, тој ги гледал небесата отворени и Синот човечки – Господ Исус Христос како седи од десната страна на Бога Отецот во човечко тело (Дела 7, 55). Колкава радост!
Небесата е отворена за земјата. Сите небесни радости се дадени на радоста човечка. Свети архиѓакон Стефан тоа го гледа и го чувствува. Небесата се отворени и за него нема страв од смртта, ниту од убијците, ниту од било какви страдања во овој свет. Така свети архиѓакон и првомаченик Стефан, всушност, на сите нас ни ја открива тајната на Христовите маченици – како тие можеле да ги истрпат страшните маки без плачење, јадосување и солзи. Секое мачење за секој маченик содржело посебни страдања и ужаси. Но, јунаците Христови не се плашеле и ги поднесувале сите маки, бидејќи над себе го гледале отвореното небо. Над сите нив бил Господ Исус Христос, Кој ги чекал во небесното царство. Така тие брзале преку сите страдања и маки за да дојдат до Него – до Господа Кој постана човек. Тој и нам ќе ни даде божествени сили, кои совладуваат сѐ што е смртно во човекот и околу човекот.
И денешниот свет маченик архиѓакон Стефан, кој на смртта се радувал повеќе отколку ние на некоја радост, нека не води и раководи на патот кој води кон Богочовекот Христос. Преку Оној Кој постана Богочовек заради нас луѓето, да победиме сѐ што е смртно. Да го победиме во нас секој грев и секоја духовна смрт. Така, уште овде на земјата ќе заживееме со Евангелието на Господа Исуса Христа во божествениот живот, кој продолжува и во идниот свет. И ние, заедно со Божјите угодници и со свети архиѓакон Стефан да Го прославуваме Господа во сите векови. Амин!
Свети Стефан,
Храм „Св. Георгиј Победоносец" Струга
09.01.2022 г.