„Василие премудри, кој стоиш пред Света Троица, моли се за нас кои ти пееме и твојот спомен го почитуваме, во денот на судот да добиеме благодат, милост и очистување од гревовите, та со усти и срце да Го прославуваме единствениот Човекољубец“ (седален на Утрена на св. Василиј Велики).
На 14.01.2022 година, денот кога го прославуваме празникот на Обрезание по тело на Господ наш Исус Христос, како и споменот на светиот Василиј Велики, во манастирот „Св. Климент и Панетелејмон“ на Плаошник во Охрид, беше отслужена света архиерејска Литургија, на којашто чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Плаошко-струшки и Дебарско-кичевски и Администратор Австралиско-сиднејски г. Тимотеј, во сослужение на архимандритот Нектариј, протоерејот-ставрофор Никола Христоски, еромонахот Никодим и протоѓаконот Николче Ѓурѓиноски. По завршувањето на Литургијата, беше прекршен празничниот колач со паричка, а Митрополитот Тимотеј се обрати кон верниците со пригодна беседа, којашто интегрално ви ја пренесуваме.
Митрополит Тимотеј
Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!
Драги браќа и сестри,
Еве влегуваме во православна нова година. Природно, се поставува прашањето: што е тоа време? Тоа е една огромна река што е создадена со небото и сонцето и ѕвездите и земјата и луѓето на неа и секое друго создание. Сега сето тоа е втиснато во бујната река на времето. Каква е таа река и каде нѐ води? Каде одиме носени од буицата на таа голема и неодолива река, која ние ја нарекуваме време?
Времето е вовед во вечноста. Затоа времето е неискажливо важно за нас, важно како и вечноста во овој свет. Затоа секој ден и секоја ноќ и секој миг од нашиот живот е важен. Он нас зависи нашата вечност. Времето е вовед во вечноста. Тоа е Евангелското сфаќање на времето и Христовото сфаќање на времето. Времето ни е дадено за со него да спечалиме вечност. Таква е смислата на времето. Во Новиот Завет, кога свети апостол Павле сака да ја реши тајната на времето, пишува: „Ползувајте го времето, зашто дните се лукави. Затоа немојте да бидете нерасудливи, туку распознајте што е волјата Божја" (Ефес. 15, 17). Тоа значи дека времето ни е дадено за со него да купуваме вечност. Но, се поставува прашањето: со што треба да го исполниме времето што ни е дадено? Со тоа што е вечно, а вечно во овој свет е само она што е Христово и тоа што се наоѓа во Неговата света Црква и во светото Евангелие. Црквата во овој свет не е ништо друго, туку Божја работилница во која времето се преработува во вечност. Божјата работилница нѐ учи на мудрост – како секој ден да го претвориме во вечност и секој момент да го исполниме со тоа што е вечно, од почетокот на денешниот ден па сѐ до страшниот суд.
Секој ден е ден на спасение. Тоа не се однесува само на денот, туку и на секој миг, кој ни е даден за спасение. Да се сетиме на разбојникот на крстот. Во мигот се покајал и гледаме дека тој момент за него постанал не ден или година туку вечност. За Христовите луѓе „еден ден е како илјада години, и илјада години како еден ден" (2 Петр. 3, 8). Исто така, да се потсетиме што се случило со Закхеј. Во денот кога Господ влегол во неговиот дом, во душата на Закхеј се случила голема преобразба поради средбата со Господа. Што станал тој ден за него? Тогаш тој одлучил да појде по Христа, да го даде целиот свој живот и да добие живот вечен. Така бива и со секој човек во овој свет. Што се бара од нас? Секој ден да го претвораме во вечност. Тоа е нашето покајание и борба со нашите гревови. Да го уништиме гревот во нас и кога во тоа ќе успееме со помошта Божја – тогаш спечалуваме вечност. Тогаш ќе можеме да кажеме: Еве го денот на нашето спасение што го создаде Господ!
Заради нас луѓето Господ постана човек. Тој како човек и пријател на човечкиот род, му ги подари сите небеса и небесни сили и сите небесни богатства. Сите дарови Божји во овој живот треба да ги претвориме во вечност. Не смее да велиме: Не можеме да го направиме тоа, зашто е претешко. Во овој свет е лесно да се биде Христов човек, зашто Господ ја создал светата Црква, преку која ни се дадени сите средства за вечност.
Еве, денеска нашата света Црква го прославува и свети Василиј Велики архиепископ на Кесарија Кападокиска. Овој свет архиереј е вистински пример за тоа како ова време од земниот живот се претвора во вечност. Да погледнеме во неговиот подвижнички живот и ќе видиме дека тој секој ден и секој миг го претворал во вечност. Тој живеел во Црквата Христова и со нејзини сили го претворал своето време во вечност. Со што се исполнувал денот на свети Василиј Велики? Секој ден тој го исполнувал со молитва, пост, љубов, кротост, благост и со сите останати добродетели. Таквиот ден како буен поток води во вечност. Затоа постои времето во овој свет – за со него да стекнеме вечност, исполнувајќи ги заповедите на Господа Исуса Христа и живеејќи согласно со Светото Писмо.
Нека свети Василиј нѐ води со силна вера во Господа, со Евангелската љубов, со постојана молитва, со строг пост и милосрдие, братољубие и богољубие. Да се исполнуваме со сите христијански добродетели и да го посветиме времето во овој живот за да спечалиме вечен живот. Тогаш заедно со Божјите угодници ќе Го славиме Господа Исуса Христа, Кому нека е чест и слава, сега и во сета вечност. Амин!
Обрезание Господово и свети Василиј Велики,
ман. „Св. Климент и Пантелејмон" Плаошник, Охрид
14.01.2022 г.