„Дева денес Го раѓа Предсуштествениот, и земјата Му нуди пештера на Непристапниот. Ангелите со пастирите Го славословат, а мудреците со ѕвездата патуваат, оти заради нас се роди младо дете – предвечниот Бог“ (кондак на Рождество Христово).
Овоплотувањето на Синот Божји е најголемиот чин на љубовта Божја кон луѓето и светот. Оној Кој вечно се раѓа од Отецот, сега се раѓа во времето од Пресвета Дева Марија, за да го спаси човековиот род од смртта и трулежноста. Затоа и ние толку многу се радуваме на овој празник и му пееме на Бога: „Слава на Бога во висините, а на земјата мир, меѓу луѓето добра волја“.
На 07.01.2012 година го прославивме големиот празник на Рождеството Христово – Божик. Пречекувањето на Богомладенецот започна на Бадник, во навечерието на празникот, во храмот „Св. Петар и Павле“ во Кичево,
со празнична вечерна богослужба на која чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Дебарско-кичевски г. Тимотеј, во сослужение на протоереј-ставрофор Ѓорѓи Лапоски, протоереите Војне Ристески, Стевчо Тошевски, Игор Никовски, свештеник Ристо Камбуроски и ѓакон Николче Ѓурѓиноски. По вечерната богослужба беа осветени и поделени бадниковите гранчиња, а Митрополитот Тимотеј се обрати кон многубројните верници со пригодна беседа, која подолу во целост ви ја пренесуваме.
Божикните торжества продолжија утредента со празнична архиерејска Литургија во храмот „Св. вмч. Ѓорѓи“ во Охрид. На Литургијата чиноначалствуваше Митрополитот Тимотеј, во сослужение на архимандрит Нектариј, протоереј Димче Ѓорѓиески, свештеник Горан Ставрески и ѓаконите Николче Ѓурѓиноски и Владо Недески. На Литургијата присуствуваа голем број на верници, кои подготвени со пост, молитва и исповед, пристапија и се причестија со Светите дарови, а протоерејот Димче Ѓорѓиески го прочита и Божикното послание од Архиепископот Охридски и Македонски г.г. Стефан и членовите на САС на МПЦ-ОА.
На сите верници на нашата света Македонска православна црква им го честитаме Рождеството Христово со радосниот поздрав: Христос се роди!
Во името на Отецот и Синот и Св.Дух!
Драги браќа и сестри!
Вечерва сме собрани во предвечерието на големиот Господов празник, Рождеството на нашиот Спасител Господ Исус Христос. Овој настан, според народната традиција, се нарекува уште и Бадник. Доаѓањето на Синот Божји, поточно Неговото раѓање од Пречистата Света Дева Марија, е почеток на остварување на промислата Божја за спасение на човечкиот род од гревот и смртта. Промислата Божја го создава човечкиот род, за тој вечно да Го прославува Бога и да биде во Неговата непосредна близина, насладувајќи се во благодетите и благодатта што Бог им ја дал на нашите прародители во рајската градина. Но, откако нашите прародители погрешиле и вкусиле од забранетото дрво, биле истерани од Рајот како последица на нивната непослушност и добиле сознание за срам, а како плата за гревот добиле смрт.
Оттогаш поминале многу векови, а човечкиот род се намножувал, но и сè повеќе отстапувал од Бога, од Неговите закони и прописи, кои низ израелската историја го покажувале патот за доближување до Бога и поправање на нивниот живот. Затоа Бог испраќал пророци, учители, Мојсеја, цареви, луѓе кои укажувале на вистинскиот пат по кој треба да се оди ако се сака да се исполни волјата Божја. Но, народот повеќе сакал овоземни нешта, отколку покорување и почитување на Едниот и Вистинскиот Бог.
Кога кулминацијата на гревот ќе биде постигната, Семилостивиот Бог ќе се смилува на човечкиот род и ќе го испрати Својот Син, Господ Исус Христос, за да земе човечко тело и да се роди од Света Дева Марија, за да го спаси родот човечки. Токму вечерва се собираме во нашите свети храмови да го пресретнеме овој величествен настан на раѓањето на Господа Христа во Витлеемската пештера, во јаслите на добитокот. Затоа светата Црква пее: Христос се раѓа - да Го славиме; Христос се раѓа - да Го величаме; Христос се раѓа - да Го следиме; Христос се раѓа - да Го почитуваме; Христос се раѓа за да нè помири; Христос се раѓа за да нè просвети; Христос се раѓа за да нè облагодари; Христос се раѓа за да нè спаси.
Колкаво големо добро дело Бог покажува преку Неговата снисходливост! Каква голема милост и каква неискажана љубов! Затоа и нашата света Црква нè повикува на духовна радост. Христос, Кој Го симболизираме преку дабовото дрво, кое, пак, е симбол на цврстина, на јачина, на непоколебливост, исто како и нашиот Спасител, невидливо нè утешува и благодатно нè укрепува преку целиот наш живот и нè пази од сите искушенија и маки кои нè стигнуваат заради нашето отстапување од Бога, од вистината и правдата.
Исус Христос слезе од небото за да ни каже дека Тој е патот и вистината. Тој се роди за да ни го покаже патот на спасението. Исус Христос е на земјата за да нè увери дека оној кој верува во Него ќе има живот вечен (Јован 6,47).
Исус Христос нè учи дека љубовта е посилна од омразата. Кротоста е поголема од гневот. Смирението е повозвишено од гордоста. Трезвениот ум е попосакуван од нерасудноста. Прошката е поутешителна од зловолието.
Кога повеќе го замрачуваме Божјиот образ во нас? Дали кога завидуваме е спокојно нашето срце? Дали сме мирни и мирољубиви кога се гневиме? Да не осудуваме, за да нè бидеме судени заедно со светот (1Кор. 11,32).
Драги браќа и сестри!
Кај нас е сочуван двоен обичај, кој сам по себе нема ништо лошо, а тоа е дабовото гранче или бадникот, за кој кажавме дека е симбол на вера цврста и непоколеблива. А другиот обичај е од поново време, а доаѓа од Запад, а тоа е зелената елка, која, пак, го симболизира вечно младиот и актуелниот Богомладенец Христа Бога. Иако второво е повеќе застапено во нашите домови, особено кај младите, потребно е да се знае значението и на двата обичаи.
Да се обратиме со искрена молитва кон Богомладенецот, Новородениот да ни дарува ново срце и нов дух, па заедно со ангелите да ја пееме прекрасната песна: „Слава на Бога во висините, а на земјата мир, меѓу луѓето добра волја“. Честит Бадник и уште порадосен и повесел Божик! Амин!
Митрополит Тимотеј
Бадник
06.01.2012 година, храм „Св. Петар и Павле“ Кичево