„Кога Те виде дека сакаш да се крстиш во водите Јордански, Христе, великиот Претеча весело викаше: Ти дојде и се јави, Светлино непристапна“ (седален на Утрена на Собор на светиот славен проророк, Претеча и Крстител Јован).
На 20.01.2022 година, денот кога го прославуваме празникот Собор на светиот славен пророк, Претеча и Крстител Јован, во храмот „Св. вмч. Ѓорѓи“ во Охрид, беше отслужена света архиерејска Литургија, на којашто чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Плаошко-струшки и Дебарско-кичевски и Администратор Австралиско-сиднејски г. Тимотеј, во сослужение на архимандритот Нектариј, протоерејот-ставрофорите Никола Христоски и Сашо Богданоски, свештеникот Горан Ставрески, протоѓаконот Николче Ѓурѓиноски и ѓаконот Марко Спасовски. По завршувањето на Литургијата, Митрополитот Тимотеј се обрати кон верниот народ со пригодна беседа, којашто интегрално ви ја пренесуваме.
Митрополит Тимотеј
Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух.
Драги браќа и сестри!
Денеска го прославуваме празникот Собор на свети Јован Крстител. Овој Божји проповедник се јавува како прв сведок кој го видел Бога во тело. Каква чест и колкав дар и милост му е дадена од Бога! Тоа ни го покажува и денешното свето Евангелие. Прв човек кој во Исуса Христа Го видел Бога е св. Јован Крстител. Тој е првиот кој во видливиот Човек Го видел Невидливиот Бог. Но, не е само тоа, туку тој видел сѐ што донесува Господ во светот. Видел сѐ што Бог во тело Му дарува на светот, доаѓајќи од небото и постанувајќи Човек, од најмал до најголем дар. А, дарот што свети Јован го примил од Господа е видението на целокупниот подвиг на Господа Исуса Христа, од колевката до гробот, од гробот до Воскресението, од Воскресението до Вознесението, и од Вознесението до слегувањето на Духот Свети, како и сѐ што правел Господ за човечкиот род. Тој ја видел целата Црква Божја, ја видел во Христа Кој телесно стоел пред него, ги видел сите векови идни и сѐ што донесува Црквата Христова, сите благи вести, сите чуда и сите радости.
Свети Јован Крстител сето тоа го видел како утеха, бидејќи зад него стоел целокупниот човечки род, потопен во морето на гревовите и смртта и него никој не можел да го утеши во овој свет. Немало човечка утеха за него, за оној кому Бог му ја дал таа страшна и тешка должност, да го претстави севкупниот човечки род пред Господа Исуса Христа. Господи, еве ти гледаш кои сме и какви сме, гревовни и робови на гревот и смртта, а Ти си Јагнето Божјо, Кое ги зема гревовите на светот врз Себе (Јн. 1, 29). Во тој Невидлив Бог, а видлив Човек - Исус од Назарет, Претечата по дарот Божји го видел целиот Христов подвиг на Крстот и сета Негова сила. Пред доаѓањето на Претечата и на Господа Исуса Христа целокупниот човечки род бил совладан од гревот и затворен во темницата на смртта наречена ад. Никој не можел да се издигне над смртта. Сите старозаветни праведници биле послаби од смртта и од гревот и од ѓаволот. Господ Исус Христос, како Бог во тело, ги зема врз Себе гревовите на светот, ги распнува на Крстот и со Своето Божество ги уништува. Со Своето Воскресение ги победува гревот и смртта и на телото човечко и на духот на луѓето им дарува спасение во светот. Тоа го согледал свети Јован Крстител и затоа му рекол на народот: „Еве го Јагнето Божјо, Кое ги зема гревовите на светот" (Јн. 1, 29).
Од каде му била таа сила на св. Јован Претеча да согледа што ќе направи Господ? Самиот Господ одговара во денешното Евангелие во кое се вели: „Јас не Го познавав, но Оној, што ме прати да крштевам со вода, Тој ми рече: 'Врз Кого ќе видиш дека слегува Духот и дека останува над Него, Тој е Оној што ќе крштева со Дух Свети'. И јас видов и посведочив дека Тој е Син Божји" (Јн. 1, 33-34). Претечата сведочи дека Он е Син Божји. Светиот Јован не само што видел дека е Син Божји, но во Него Го препознал и Спасителот и спасението за луѓето.
Ете, Невидливиот Бог постанал Човек, за да го спаси човечкиот род од неправдите, гревот, смртта и ѓаволот. Господ е дојден тука помеѓу нас за да ни даде Царство небесно и да нѐ воведе во него – тоа е сведоштво на светиот Јован Крстител и Претеча. Затоа, тој е прв човек на земјава, кој сведочи за Господа Исуса Христа и кој согледал во Господа Бога и Спасител на светот. Поради тоа тој бил пустиножител и живеел испоснички, и затоа ништо не видел од светот и целосно бил предаден на Бога, и целиот бил исполнет со Бога. Затоа, да му се поклониме на свети Јован Крстител како на голем подвижник, којшто се удостоил да Го крсти Господа Исуса Христа и да биде прв Негов апостол и прв Негов сведок. Да се помолиме на свети Јован да се моли за нас, за и ние да се исполниме со вера во Христа Господа, и нашите грешки и гревови да ги исповедаме, та преку тоа да ги принесеме и предадеме на Господа, Јагнето Божјо и Он да ги земе врз Себе, а нас да нѐ спаси од секаков наш грев. По молитвите на светиот Јован Крстител и Претеча, нека биде така. Амин!
20.01.2022 год.
Собор на свети Јован Крстител
Храм „Св. вмч. Ѓорѓи" Охрид