„Свештеноначалници најголеми на верата, и храбри борци на Црквата Христова, сочувајте ги сите кои што пеат: Спаси ги, Штедар, тие кои со вера Те почитуваат“ (кондак на утрена на празникот на светите Атанасиј и Кирил Александриски).

 

На 31.01.2022 година, денот кога ги прославуваме светите отци и борци за вистинската вера, светиот Атанасиј Велики и светиот Кирил Александриски, во манастирот „Св. Атанасиј Велики“, метох на манастирот „Св. Наум Охридски“ во Охрид, беше отслужена света архиерејска Литургија, на којашто чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Плаошко-струшки и Дебарско-кичевски и Администратор Австралиско-сиднејски г. Тимотеј, во сослужение на архимандритот Нектариј, игумен на манастирот, протоерејот-ставрофор Никола Христоски, протоѓаконот Николче Ѓурѓиноски и ѓаконот Марко Спасовски. По завршувањето на Литургијата, беше прекршен празничниот колач, а Митрополитот Тимотеј се обрати кон верниците со пригодна беседа, којашто интегрално ви ја пренесуваме.

 

Митрополит Тимотеј

Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух.
Драги браќа и сестри!

Човекот е создаден од Божјите раце со големи сили и можности. Запознавањето на светот и преобразувањето на животот и природата е сообразено со општочовечката полза. Многуте потенцијали му даваат самиот по себе да се издигнува и духовно да расте сѐ повеќе. Сепак потенцијалите на човекот во сите области на животот имаат одредена граница, па никој од нас не може да прави сѐ што ќе посака, мислејќи дека е семоќно суштество. Особено сме ограничени во можноста самите да се издигнуваме морално и духовно. Од Светото писмо знаеме дека човекот е создаден од Божјите раце многу совршен во морален и духовен однос - малку помал од ангелите, но со слава и чест овенчан (Пс. 8, 5). Но, спроти тоа свое совршенство, човекот е со ограничени сили самиот да се издигнува до небесните духовни височини, бидејќи отстапил од Божјата волја.


Човекот е повикан да биде син на Светлината. Самиот Господ Исус Христос за искрените верници кои веруваат во Него вели дека се светлина на светот (Мт. 5, 14). Така ги нарекува, затоа што се светли души и носат светлина за луѓето. И покрај тоа, човекот е гревовен и во него постои сенка како одраз на гревовноста. Сенки има и во живиот човек, но, и во животите на светиите, бидејќи и тие се луѓе. Човек – тоа е слобода, а каде што има слобода се јавуваат и сенки. Сепак, колку повеќе човекот е поблиску до Христа, озарен од Неговата светлина, толку сенките се побледи. Затоа христијанинот се стреми да биде поблиску до Христа, за и лицето да му биде посветло.


Главно прашање е дали човекот со својот стремеж, може да успее на патот кон совршенството? Каква е можноста да се успее во тоа? Таа е голема, но кога човекот сака да се издигне. Прв услов за да може, е и да сака, а со тоа што сака, може многу да направи. Ако некој сака да си помогне тој ќе најде начин и можност за тоа. Ако сака себеси да се издигне духовно – ќе успее, но, ако не сака, што може да се направи против неговата волја? Еквивалентен пример за ова е да отидеме кај некој пријател за да побараме некоја услуга и притоа веруваме дека ќе ни помогне, но ако тој не сака, тој ќе најде илјада причини за да не одбие.


Во Евангелието љубовта е истакната како голема добродетел, која ги надминува сите неможности. Особено св. ап. Павле во своето Послание до Коринтјаните ја опишува силата на љубовта. Но, постои друга сила која е исто голема како и љубовта - тоа е верата. Господ Исус Христос за верата вели: ако веруваш сѐ е можно (Мк. 9, 23). Што е возможно? Сѐ, притоа немајќи потешкотии кои не можат да се надминат, односно можностите на верата, но вистинската и длабока вера се истакнува со извонредна големина. Затоа Господ Исус Христос ја споредува верата со ситното синапово зрно, велејќи ако имате вера како синапово зрно и ѝ речете на оваа планина, премести се, таа ќе се премести (Мт. 17, 20). Со нашата вера ние не можеме да поместуваме планини, но во нашата ограниченост можеме да преместуваме морални и духовни планини. Со мала вера може да се направат големи дела. Верата првично може да нѐ издигне морално и духовно, да не поттикне на добри дела во светот и во полза на ближните - луѓето.


Силната и непоколеблива вера во животот ги водела и Божјите угодници кон возвишен и благочестив свет живот. Така и св. Атанасиј Александриски кој живеел во четвртиот век, чијшто спомен денес го празнуваме, се раководел од силната вера. Учествувал на првиот вселенски собор во 325г. во Никеја, како ѓакон во придружба на Александар, Патријархот Александриски, и станал главен говорник и мислител на овој собор, на којшто ќе се дефинира догмата за Господа Исуса Христа, а е искажана во првите осум члена во Символот на верата и која до денеска се изговара во нашата света Црква. Свети Атанасиј, поради силната вера и чувањето на догмата, претрпел многу страдања и прогонување од својата епископска катедра Поголемиот дел од своето епископствување го поминал во заточение и прогонство, но верата и добродетелниот живот ги запазил поради неговата ревност, а светата православна Црква го наградила со епитетот – Велики. Овој епитет го добиле само неколку мудри и свети глави во целата Црква.


И ние, кои денеска се наоѓаме во овој свет манастир, посветен на св. Атанасиј Велики, да се помолиме Бог да ни помогне преку силна и непоколеблива вера да придобиеме се повеќе можности, да ѝ служиме на светата православна Црква и да се здобиеме со милост Божја за нашите души, сега и во сета вечност. Амин!

31.01.2022 год.
Св. Атанасиј Велики
ман. „Св. Атанасиј Велики“, ман. „Св. Наум Охридски" Охрид

 

svatanaszim2022 1svatanaszim2022 2svatanaszim2022 3svatanaszim2022 4svatanaszim2022 5svatanaszim2022 6svatanaszim2022 7svatanaszim2022 8svatanaszim2022 9svatanaszim2022 10svatanaszim2022 11svatanaszim2022 12svatanaszim2022 13svatanaszim2022 14svatanaszim2022 15svatanaszim2022 16

Fotogalerija

galerija

Izdava{tvo

izdavastvo

Crkoven kalendar

Декември 2015
Пон Вто Сре Чет Пет Саб Нед
30 1 2 3 4 5 6
7 8 9 10 11 12 13
14 15 16 17 18 19 20
21 22 23 24 25 26 27
28 29 30 31 1 2 3