„Смирението го издигна цариникот кој жалеше поради своите гревови, и Го молеше Творецот да го очисти, а горделивоста го унижи кутриот фарисеј кој се фалеше: затоа доброто да го бараме, а од злото да бегаме“ (седален на Утрена во Неделата на цариникот и фарисејот).
На 13.02.2022 година, во Неделата на цариникот и фарисејот, и на празникот на светите бесребреници Кир и Јован, во храмот „Св. Никола Геракомија“ во Охрид, беше отслужена света архиерејска Литургија, на којашто чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Плоашко-струшки и Дебарско-кичевски и Администратор Австралиско-сиднејски г. Тимотеј, во сослужение на архимандритот Нектариј, протоерејот-ставрофор Никола Христоски, еромонахот Никодим, свештеникот Васил Михајлоски, протоѓаконот Николче Ѓурѓиноски и ѓаконите Марко Спасовски и Оливер Димитров. Оваа Литургија ќе остане засекогаш запаметена за ѓаконот Оливер, којшто од раката на Митрополитот Тимотеј беше ракоположен во свештенички чин. Од името на Епархијата му го честитаме чинот на отец Оливер, а Господ Бог да го води по патот на Неговите заповеди и да му дава мудрост и љубов во водењето на стадото што ќе му биде доверено. По завршувањето на Литургијата, Митрополитот Тимотеј се обрати кон верниците со пригодна беседа, којашто интегрално ви ја пренесуваме.
Митрополит Тимотеј
Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух.
Драги браќа и сестри!
Почнувајќи од оваа недела, ние се подготвуваме за да влеземе во Велигденскиот пост. Тоа е време кога заедно со Господа Христа го поминуваме целиот пат на служењето на Спасителот, искачувајќи се до Голгота и до Неговото славно Воскресение. За нас овој пат е испрашување на совеста, пат на покајание и пат на издигнување на нашата душа. На тој пат, без Господа и без Неговата благодат што ни ја дава на сите нас, ние сме ништо. Светите отци велеле: не гордеј се човеку, бидејќи си прав и пепел! Не издигнувај се над облаците, туку знај дека си прав и пепел, од земја си земен и во земја ќе се вратиш!
Промислата Божја дејствува кон секој човек, а Он е секогаш Благ и Спасителен за нашите души и срца. Црковниот писател Тертулијан во своите списи вели дека секоја душа по својата природа е христијанска. Огрубената и извалкана од гревови душа не е способна за добри дела и отстапува од патот Господов. Срцето кое е исполнето со љубов и милосрдие кон ближниот секогаш ќе биде кротко и трпеливо и уште тука на земјата ќе се здобие со Царство небесно. За време на нашиот живот, во земната ризница ние собираме Божествена благодат, којашто е милост за Царството небесно и сѐ неопходно за животот во идниот век. Господ повеќе пати нѐ поучува: не собирајте богатства на земјата, каде што ги јаде молецот и 'рѓата, и каде што крадците ги поткопуваат и крадат; но, собирајте си богатства на небото, каде што ниту молец, ниту 'рѓа ги јаде, и каде што крадци ниту ги поткопуваат, ни крадат. Зошто, каде е богатството ваше, таму ќе биде и срцето ваше. (Мт. 6, 19-21). Кон што ќе се приврземе тука на земјата, тоа и си приготвуваме за вечноста.
Денеска ние се наоѓаме во храмот, во првата подготвителната недела за светата Четириесетница, која нѐ повикува кон покајание, кон согледување на состојбата на нашите души. Доколку постот не е украсен со плодовите на покајанието, посниот подвиг ќе биде празен. Дури може да ни донесе и штета, давајќи ни самоволие и самоувереност. Во денешното Евангелие ја слушнавме параболата за цариникот и фарисејот. Оваа парабола за нас христијаните е од огромно значење. Со сета јаснотија ни го покажува патот кон кој треба да се стремиме, а што да избегнуваме чекорејќи по него, та нашето покајание да биде благопријатно за нашиот морален живот.
Двајцата влегле да се помолат во храмот, едниот фарисеј кој се фалел дека е праведен, пости, дава десеток и исполнува сѐ што наредил законот и не е грешен и нечесен како овој цариник. Цариникот, пак, застанал скрушено и понизно, со очите кон земјата молејќи се: ... Боже, биди милостив спрема мене грешниот (Лк. 18, 13). Преку оваа парабола светата Црква нѐ поучува каква треба да биде нашата молитва. Неспорно е дека фарисејот постел, давал десеток, но тој повеќе се фалел пред Бога од што се молел. Покрај тоа, си зел за право и да суди, не сум како овој цариник грешен. Од каде знаел дека овој негов брат е грешен повеќе од него? Кој му дал за право да суди, кога тоа не е негова работа? Фарисејот можеби го исполнувал буквално словото Божјо, но не ја разбрал суштината на законот и пророците. Тој го разбирал својот живот како жртва и заслуга пред Бога. Таков поглед имале скоро сите фарисеи, како во Стариот, така и во Новиот завет. Но, каде им се добрите дела и милосрдието? Господ Исус Христос повеќе пати ги укорувал и ги враќал на прав пат, велејќи: милост сакам, а не жртва (Мт. 9, 13). Фарисеите се занимавале и со изучување на законот, но, само во буквална смисла на зборот, не разбирајќи ја суштината. Тие ги оставале без внимание заповедите Божји и тие не допирале до нивните срца. Со неисполнување на законот Божји во суштина, тие не постигнувале смирение кое го приведува човекот кон вистинско познавање Божјо, туку кон непотребно и постојано горделиво мислење. Затоа фарисејот не исповедал ништо, како да немал грев, а се гледал себеси како совршен и достоинствен. Тоа е причината поради која цело време се фалел пред Бога дека не е како другиот.
Цариникот, пак, стоел понизно на молитва. Евангелието не спомнува за никаков грев, ниту праведност, туку само ја истакнува природата на молитвата, која се состои во покајанието. Тој во молитвата барал неговите гревови со смирение од Бога да биде простени. Ова е цврсто потврдување дека сите луѓе сме грешни без исклучок и сите пред Бога имаме потреба за спасение преку нашето покајание, молејќи се за простување и милост од Бога. Семилостивиот Бог со Неговото неизречено милосрдие ги простува сите гревови, мали и големи, ако човекот за нив искрено се кае и бара прошка.
Затоа фарисејот излегол од храмот неоправдан, а цариникот оправдан, односно гревовите му биле простени. И ние да се помолиме кротко и смирено, налик цариникот, не заборавајќи дека ние недостојните сѐ што имаме денес, ни е дадено според Неговата голема љубов, според Неговото трпение и смирение. Господ Исус Христос, издигнувајќи се на Крстот, беше погребан и со Своето Воскресение ги разруши адските вериги и, ослободувајќи нѐ, од робови на гревот нѐ направи Негови пријатели. Бог нѐ направи Негови возљубени чеда. Само Чедољубивиот Отец подготвува за своите деца големи и богати добрини - Царство небесно за сите оние кои Го љубат. Амин!
13.02.2022 год.
Недела на митарот и фарисејот
Храм „Св. Никола Геракомија“ Охрид