„Раширени небеса, разумно веселете се; и земјо, радувај се, зашто Христос, откако излезе од Божествената утроба како уметник, од Мајка Дева се принесува на Отецот како дете, зашто славно се прослави“ (песна од канонот на Утрена на празникот Сретение на Господ Бог и Спасителот наш Исус Христос).
На 15.02.2022 година, денот кога го прославува Господовиот празник на Сретението на Господа наш Исуса Христа, во параклисот посветен на преподобните Пречистански маченици, во манастирот „Пресвета Богородица“ - Пречиста во Кичево, беше отслужена света архиерејска Литургија, на којашто чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Плаошко-струшки и Дебарско-кичевски и Администратор Австралиско-сиднејски г. Тимотеј, во сослужение на протоерејот-ставрофор Никола Христоски, еромонахот Макариј, свештеникот Александар Матески и протоѓаконот Николче Ѓурѓиноски. По завршувањето на Литургијата, Митрополитот Тимотеј се обрати кон верниците со пригодна беседа, којашто ви ја пренесуваме во целост.
Митрополит Тимотеј
Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!
Драги браќа и сестри!
Денешниот празник се нарекува Сретение Господово. Со појасни зборови, тоа е средба на праведниот Симеон со Господа Исуса Христа во Ерусалимскиот храм. Оваа средба е невообичаена, бидејќи е средба на еден човек, но не со друг обичен човек туку со Господа. Ние денеска имаме средба, на еден човек кој, и покрај човечковото маловерие и духовна слабост, не Го одминува Господа туку, напротив, се труди подолго да го задржи во своите раце. Таквата средба е исполнета со голема радост и среќа.
Да се запрашаме, каква полза ќе има човекот ако при случајна средба ја сретне мудроста без таа да остави траги или одраз на неговата душа? Или каква полза ќе има ако сретне доброта и љубов, одминувајќи покрај нивната убавина? Каква среќа ќе има ако ја сретне вистинската радост и не ја запре и не ја запраша за нејзината земја и нејзиниот натамошен пат, а особено доколку не тргне со неа и таа не му постане негова придружничка?
Среќна е средбата со Господа, средбата со мудроста, со добротата, со љубовта и со радоста. Таква била средбата на праведниот Симеон со Исуса во Ерусалимскиот храм. Според Стариот завет, Младенецот Исус бил однесен во Ерусалимскиот храм, за да се принесе благодарствена жртва. Таму бил пречекан од праведниот Симеон, кој долги години ја очекувал утехата Израилева и Духот Божји бил врз него. Му било претскажано од Светиот Дух дека нема да почине сѐ додека не Го види Исуса Христа. Тој доаѓа по вдахновение на Светиот Дух во храмот и Го зема на своите старечки раце, прегрнувајќи Го, Го благословил Бога со зборовите: сега го отпушташ својот раб владико... зошто очите мои го видоа спасението Твое (Лк. 2, 26-32). Потоа се обраќа и кон Неговата мајка со зборовите: ете Овој е поставен за паѓање и издигнување на мнозина... а, и тебе самата меч ќе ти ја прободе душата... (Лк. 2, 34-35).
Извлекувајќи неколку поуки од денешното Евангелие, да се запрашаме најпрво како да Го примиме Христа? Како праведниот Симеон! Тој очекувал да Го види, но и ние треба да копнееме да Го видиме Христа. Тој Го прегрнал, со што ја искажал својата силна вера и неограничена љубов, бидејќи само оној кој се милува, бива прегрнуван и притиснуван до своето срце. На тој начин и ние да Го сакаме и да веруваме во Спасителот. Тој ја искажал својата непоколеблива надеж, сведочејќи дека светлината изгрева преку Исуса за сите народи и Го прославил Бога што го испратил Спасителот на луѓето. Така и ние треба постојано да Го фалиме Господа Бога. Кога душата ни е жедна, срцето ни копнее за нешто. Без сомневање таа желба е многу посакувана и возвишена, налик утехата на праведниот Симеон. Така, постануваме среќни. За верните христијани тоа е Бог. Таков е и Неговиот Син, Спасителот Исус Христос. Слично на псалмопеачот да исповедаме Боже, Ти си мојот Бог, Тебе те барам; за Тебе жеднее душата моја. За тебе копнее телото мое, како земја пуста, неплодна и безводна (Пс. 62, 1). Ние треба силно да Го сакаме Исуса за да дојде при нас, за да Го пресретнеме и да Го примиме. Друг не може да ни помогне и да нѐ спаси. Он е Спасителот на сите луѓе.
Исус е Светлината на светот, не само за нас кои веруваме во Него и се трудиме преку верата во Него да се спасиме. Тој е Светлина за сите! Сонцето ги грее подеднакво и грешните и праведните. Лачите на Христовата светлина, се квасец кој ја заквасува мислата и совеста на сите луѓе и тие продолжуваат да бидат тоа до денес. Ние, христијаните, преку доаѓањето на Исуса Христа, веруваме дека Тој е Светлина што ја огрејува земјата и дава обилни плодови и можности за нови височини во духовните издигнувања. Може ли за нас да има нешто поважно од спасението и светлината која ни ја донесува Христос? Ние се спасуваме преку неа, имајќи можност да постанеме синови на Светлината (Јн. 12, 35). Затоа треба да сме жедни за средбата со Него, да Го примиме со потполна предаденост и да Го прегрнеме како праведниот Симеон, до нашите срца, возљубувајќи Го со сето срце и мисла. По примерот на праведниот Симеон, да се обратиме и ние кон Небесниот Отец со благодарност и пофалба, затоа што нѐ благословува со таква милост и љубов. Тоа се поуките од денешното Евангелие и значењето на денешниот празник Сретение Господово. Да бидеме чесни и да имаме таква голема и спасителна средба, за да биде светлина во нашите души, во нашите домови и во нашето однесување кон сите луѓе. Да ни биде светол и целиот наш живот, да имаме мир Божји во нашите души, како што имал праведниот Симеон. Амин!
15. 02. 2022 год.
Параклис „Пречистански маченици"
Ман. „Пр. Богородица – Пречиста"
Кичево