„Ти, Кој слезе на земјата да го спсиш светот, со доброволното Твое сиромаштво, поради големата Твоја милост, мене осиромашениот сега од секое добро дело, како милостив, спаси ме“ (песна од канонот на Утрена во Неделата на блудниот син).

 

На 20.02.2022 година, во Неделата на блудниот син и на празникот на светиот Партениј Лампсакиски, во манастирот „Св. Јован Крстител“ - Бигорски, беше отслужена света архиерејска Литургија, на којашто чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Плаошко-струшки и Дебарско-кичевски и Администратор Австралиско-сиднејски г. Тимотеј, во сослужение на Неговото Преосвештенство Епископот Антаниски г. Партениј, архимандритот Доситеј, протоерејот-ставрофор Никола Христоски, еромонасите Макариј, Еразмо, Ефросиниј, Кирил и Анатолиј, свештениците Миле Ангелоски и Павел Крцоски, протоѓаконот Николче Ѓурѓиноски и ероѓаконите Порфириј и Силуан. По завршувањето на Литургијата, беше осветено коливото, а Митрополитот Тимотеј се обрати кон многубројниот верен народ со пригодна беседа, којашто подолу во целост ви ја пренесуваме. Повод за овој наш собир во Бигорскиот манастир беше и именденот на Епископот Партениј, игумен на манастирот, а во оваа прилика му го честитаме од името на нашиот Митрополит, свештенството, монаштвото и сите верни чеда на нашата Епархија. Епископот Партениј, во знак на благодарност и молитвеното застапништво на Митрополитот Тимотеј во изминатите 27 години, го дарува Митрополитот со прекрасен пасхален енколпион. На самиот крај, од името на монасите во Бигорската обител, архимандритот Доситеј му подари прекрасна митра на Епископот Партениј, а подароци му дадоа и повеќе верници. Во продолжение ви ја пренесуваме бесдата на Митрополитот Тимотеј.

 

Митрополит Тимотеј

Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!
Драги браќа и сестри!


Од денешното Евангелско четиво научивме колку Бог им се радува на грешниците кои се каат. Исто така, видовме колку ги сака праведниците и колку ги милува грешниците, кон кои ја пројавува Својата милост и им помага да се откажат од своите гревови со покајание. Зашто во Светото писмо се вели: Јас не ја сакам смртта на грешникот, туку грешникот да се одврати од својот пат и да остане жив (Ез. 33, 11). Господ, исто така, вели: свртете се кон Мене и Јас ќе погледнам на вас. На праведниците им советува да не ги намалуваат усилбите во добродетелта, велејќи дека ако еден грев направат, ќе ги изгубат сите добри дела и ќе умрат во грев (Ез. 18, 24). Затоа Бог им определил на праведниците усрдно да се трудат, а на грешниците искрено покајание за прошка на нивните гревови. Тоа јасно ќе го разбереме од денешното Евангелие за блудниот син. Името на оваа парабола не ѝ го дал Авторот, Господ Исус Христос, туку луѓето кои ја слушале, читале, толкувале и прераскажувале. Неа најдобро ја забележал св. ап. и ев. Лука (15, 11-32).


Еден родител имал два сина, едниот послушен, а другиот непослушен, кој го зел својот дел од имотот и го упропастил блудно во далечна земја. Кој е оној меѓу нас кој не би се нашол во овие два лика, опишани во денешното Евангелие, дали во помладиот или во постариот син? Младиот неспорно е расипник, блудник, кој далеку од родителскиот дом е во туѓа земја. Расипнички и блудно управувал со сѐ што имал добиено од својот татко. Кога останал без ништо, го изгубил и ликот човечки, па се хранел со храната од животните, и пак бил гладен. Но, кога си дошол на себе, се покајал за сѐ што сторил и се вратил кај својот татко. Нему му било простено сѐ, бидејќи таткото бил многу милостив, а љубовта му била неограничена. Тој го прима со радост, го облекува во нова облека, му става прстен на раката и му го враќа човечкото достоинство, правејќи голема веселба во домот, бидејќи синот бил изгубен и се нашол, мртовец бил и оживеал.


Постариот син е секогаш во прегратките на таткото. Ја чува татковата оставина, голем работник, но, истовремено, и тврдокорно завидлив и горд. Не може да опрости на никого, па дури ни на својот покајан брат.


Но, можеме да кажеме дека оваа вистинска парабола на Спасителот е земена од реалниот живот и таа има една друга, подлабока смисла. Затоа се нарекува прав бисер помеѓу параболите на Спасителот, а некои дури и ја нарекуваат евангелие во Евангелие.


Според ова второто, подлабоката и сеопшта смисла на оваа парабола е следната. Човекот кој имал два сина Го симболизира Самиот Бог, жив и вечен, додека синовите - грешното човештво. Постариот син го симболизира Израелскиот народ, кој во морето на многубоштво останал верен на Бога и ја сочувал верата преку патријарсите, пророците на законот Негов. Помладиот син го претставува, пак, многубожечкиот свет, кој заминал од татковскиот двор и залудно го потрошил својот дел од имотот на таткото, живеејќи распуштено, без вера во Единиот Бог и без никакви морални скрупули, уништувајќи го своето човечко достоинство. Покајанието на помладиот син го симболизира доаѓањето на нашиот Спасител, Господ Исус Христос, во историјата на човечкиот род, во моментите кога човештвото и многубожечкиот народ живее блудно како и помладиот син. Израелскиот, пак, народ е како стариот син. Младиот со покајание и прошка доаѓа при себе и во домот на татко си, додека постариот е постојано со родителот и во својата земја.


Овде татковскиот дом ја означува светата Црква, основана од Христа со Неговата света Крв. Нашиот Спасител раководи со таа Црква како со некој брод, кој плови по разбрануваното море, а се спасуваат сите бродоломци. Денеска целото човештво личи на разбранувано море, по кое пловат различни бродоломци. Блазе им на тие кои навреме ќе го согледаат бродот на своето спасение! Бродот е отворен за сите покајани души, кои после странствувањето по разни земји и страни ќе си дојдат при себе, ќе се покајат и ќе влезат во радоста на својот Отец Небесен.


Да ја упатиме нашата молитва денес кон нашиот Спасител, Господ Исус Христос, та Он, со Неговата небесна благодат која се чува единствено во Неговата света Црква, да нѐ просветли и осветли, и да нѐ направи да дојдеме сите при себе. Така, како Негови деца да се облечеме во најубави алишта, со прстен на рака и со нови обувки да станеме учесници во вечната веселба и вечната радост во Неговото вечно небесно Царство.


Ја користам оваа прилика на епископот Партениј, игуменот на оваа свештена обител, да му го честитам именденот, а по повод празникот на св. Партениј Лампсакиски. Да му посакаме здравје и спасение, духовно издигнување, а за полза на братството и сестринството и на нашиот благочестив народ. Нека послужи за афирмација на МПЦ-ОА, за просперитет на оваа свештена обител и за спасение на неговата душа. Исполаети деспота. Амин!

 

Недела на блудниот син
20.02.2022 год.
Ман. „Св. Јован Крстител" - Бигорски

 

svpartenijliturgija-2022-07svpartenijliturgija-2022-08svpartenijliturgija-2022-09svpartenijliturgija-2022-10svpartenijliturgija-2022-11svpartenijliturgija-2022-12svpartenijliturgija-2022-13svpartenijliturgija-2022-15svpartenijliturgija-2022-16svpartenijliturgija-2022-17svpartenijliturgija-2022-18svpartenijliturgija-2022-19svpartenijliturgija-2022-20svpartenijliturgija-2022-21svpartenijliturgija-2022-22svpartenijliturgija-2022-23svpartenijliturgija-2022-25svpartenijliturgija-2022-26svpartenijliturgija-2022-27svpartenijliturgija-2022-28svpartenijliturgija-2022-29svpartenijliturgija-2022-30svpartenijliturgija-2022-31svpartenijliturgija-2022-32svpartenijliturgija-2022-33svpartenijliturgija-2022-34svpartenijliturgija-2022-35svpartenijliturgija-2022-37svpartenijliturgija-2022-38svpartenijliturgija-2022-39svpartenijliturgija-2022-40svpartenijliturgija-2022-44svpartenijliturgija-2022-46svpartenijliturgija-2022-47svpartenijliturgija-2022-48svpartenijliturgija-2022-49svpartenijliturgija-2022-50svpartenijliturgija-2022-51svpartenijliturgija-2022-53svpartenijliturgija-2022-54svpartenijliturgija-2022-55svpartenijliturgija-2022-55 1svpartenijliturgija-2022-58svpartenijliturgija-2022-59svpartenijliturgija-2022-61svpartenijliturgija-2022-62svpartenijliturgija-2022-64svpartenijliturgija-2022-65svpartenijliturgija-2022-66svpartenijliturgija-2022-67svpartenijliturgija-2022-70svpartenijliturgija-2022-77svpartenijliturgija-2022-78svpartenijliturgija-2022-79svpartenijliturgija-2022-81svpartenijliturgija-2022-82svpartenijliturgija-2022-84svpartenijliturgija-2022-85svpartenijliturgija-2022-86svpartenijliturgija-2022-87svpartenijliturgija-2022-98svpartenijliturgija-2022-100svpartenijliturgija-2022-101

Fotogalerija

galerija

Izdava{tvo

izdavastvo

Crkoven kalendar

Декември 2015
Пон Вто Сре Чет Пет Саб Нед
30 1 2 3 4 5 6
7 8 9 10 11 12 13
14 15 16 17 18 19 20
21 22 23 24 25 26 27
28 29 30 31 1 2 3