„Откако се удостои со благодатта на свештенството, славен Харалампие, светло си ја украсил Црквата со божественото страдање, што храбро си го примил заради Христа радувајќи се, чесен светилнику на вселената, кој, како непобедлив, ги озаруваш нејзиите краишта“ (кондак на Утрена на св. мч. Харалампиј).

 

На 23.02.2022 година, денот кога го празнуваме споменот на светиот маченик Харалампиј, во храмот „Успение на Пресвета Богородица“ - Каменско во Охрид, беше отслужена света архиерејска Литургија, на којашто чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Плаошко-струшки и Дебарско-кичевски и Администратор Австралиско-сиднејски г. Тимотеј, во сослужение на протоерејот-ставрофор Никола Христоски, свештениците Димче Азески, Ѓорѓи Блажевски и Оливер Димитров, еромонахот Никодим, протоѓаконот Николче Ѓурѓиноски и ѓаконот Марко Спасовски. На денешниот ден на маченикот, Митрополитот Тимотеј го ракоположи во ѓаконски чин дипломираниот богослов Драган Шуминоски. Од името на Митрополитот, свештенството, монаштвото и сите верни чеда на нашата Епархија, му го честитаме чинот на Драган, со молитви кон Севишниот Он да го упатува по стапките на Неговите заповеди. По завршувањето на Литургијата, беше благословен медот, а Митрополитот Тимотеј се обрати кон верниците си пригодна беседа, којашто интегрално ви ја пренесуваме.

 

Митрополит Тимотеј


Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!
Драги браќа и сестри,


Нашиот Спасител Господ Исус Христос во денешното Евангелие ни вели: „Ако светот ве мрази, знајте дека Мене уште пред вас Ме замрази... ако Мене Ме гонеа, и вас ќе ве гонат" (Јн. 15, 18 и 20). Исус беше гонет, зашто Тој не беше од овој свет. Ако беше од овој свет, ќе проповедаше такви зборови, кои ќе им се допаѓаа на луѓето од овој свет. Тој ќе им зборуваше на начин што во нивните души ќе немаше никакви противречности. Ќе ги оставеше во спокојството на нивните морални погледи. Но, тоа попрво било духовна заспаност и заостанатост. Дали со тоа ќе им помогнеше? Секако дека не!


Исус Христос беше гонет, зашто беше од друг свет. Тој беше од горниот, духовниот и совршениот свет. Затоа и во Евангелието се вели: „Вие сте од долу, а Јас сум од горе, вие сте од овој свет, а Јас не сум од овој свет" (Јн. 8, 23). Тој проповедаше за да ги привлече луѓето од долниот свет. Така и тие би можеле да станат луѓе од горниот свет. Но, за многумина беше многу тешко да станат луѓе од горниот свет. Тешко беше за многуте синови на овој свет од земјава да се привлечат со едно слово кое доаѓа од Човек што е од горниот свет. Тој ја возвестувал мудроста од горниот свет. Затоа на земјата повеќето луѓе претпочитаат да живеат со разум и стремежи родени на земјата и врзани за неа. Исус Христос го разбранувал духот на луѓето. Тој постави нови и повозвишени идеали пред нив. Тој им откри еден друг и поинаков свет кон кој се стреми човечкиот дух. За тој свет треба секој да чезнее. Но, ова учење го вознемири целиот воспоставен ред на животот. Тоа го поремети спокојството на живот на духовен, морален и општествен план.


Господ Исус Христос беше непопустлив кога со Своето слово го укори долниот свет кој не сака да се издигне нагоре. Тој беше бескомпромисен кога со Своето учење заблеска со нови идеи кои се тревога за душите на луѓето и за сѐ што е живо на земјата. Луѓето требаше да се откажат од сето она на што беа навикнале и да преминат на новиот пат. Овој пат е насочен кон животот и светлината што доаѓаат од Бога. Затоа Христос на земјата донесе меч (Мт. 10, 34). Оние кои се навикнати на овој земен и обичен живот, не можат да ја почувствуваат силата на Христовата проповед. За нив таа е меч кој навлегува длабоко во духовното битие на човекот. Овој меч кој го носи Христовото Евангелие истовремено ги разделува луѓето. Така, синовите ќе станат против родителите и родителите против децата. Блиските ќе станат против, себе едни против други, заради Христовата вистина (Мт. 10, 21-35).


И оган донесе Исус. Тој оган е новата вера. Таа е огнот на ново убедување и во него ќе изгорат сите предрасуди на луѓето. Во тој момент ќе се очистат срцата на луѓето и ќе засветат со пламен кој доаѓа од Светиот Дух. Тие ќе заблескаат како чисто злато. Дали може без оган да се случи нешто големо во светот? Додека не пламне силата на верата, таа нема да роди ништо големо. Нема да роди ништо што ќе ги привлече душите на луѓето. Додека не пламне огнот во срцата и не ја разгори силата на љубовта, ниту една идеа не може да се оствари. Најмалку, пак, можат да се остварат големите начела на Христовото учење. Но, Исус дојде и со Своето учење го накваси човечкиот дух. Тогаш се случи она за што Самиот зборуваше: „Малку квас го потквасува целото тесто" (Мт. 13, 33). Учењето и духот на Исуса беа таков квас кој го потквасува животот и судбината на луѓето. Затоа Исус беше гонет – заради овој нов живот. Сите што поверуваа во Него беа гонети. „Како Мене што Ме гонеа и вас ќе ве гонат". Христијаните беа гонети, но не се соблазнија, зашто знаеја како светот постапи со нивниот Учител.


Голем е бројот на маченици и светители кои Бог ги издигна во Својата света Црква. Таков беше и светиот свештеномаченик Харалампиј чиј спомен денес го празнуваме. Овој Божји угодник бил епископ во време кога Црквата Христова била безмилосно гонета од Римските императори. Свети Харалампиј живеел во третиот век и својот живот го завршил на крајот од векот. И покрај тоа што било забрането да се проповеда христијанството, тој смело и без страв го правел тоа. Правел и бројни чуда со кои ја посведочувал својата проповед. Тоа го правел во името на Бога. Затоа бил погубен. Но, овој Божји угодник бил особено проникнат со Божјата благодат. Затоа, наместо да ги колне мачителите, тој следејќи го Евангелскиот пример ги љубел оние што го мачеле. Затоа со кренати раце кон небото се молел: „Ти Господи, знаеш дека луѓето се од тело и крв. Прости им ги гревовите и излеј ја Твојата благодат на луѓето". Со овие зборови го завршил својот живот на возраст од 113 години. Да се обратиме кон свети Харалампиј, за тој да биде наш молитвеник пред Бога. Така ќе ја засилиме нашата вера и ќе го примиме словото Божјо. Да живееме согласно со Божјите заповеди и да стекнеме вечен живот, сега и во сета вечност. Амин!


Свети Харалампиј
Храм „Пресвета Богородица Каменско" Охрид
23.02.2022 г. 

 

svharalampij2022 1svharalampij2022 2svharalampij2022 3svharalampij2022 4svharalampij2022 5svharalampij2022 6svharalampij2022 7svharalampij2022 8svharalampij2022 9svharalampij2022 10svharalampij2022 11svharalampij2022 12svharalampij2022 13svharalampij2022 14svharalampij2022 15svharalampij2022 16svharalampij2022 17svharalampij2022 18svharalampij2022 19svharalampij2022 20svharalampij2022 21

Fotogalerija

galerija

Izdava{tvo

izdavastvo

Crkoven kalendar

Декември 2015
Пон Вто Сре Чет Пет Саб Нед
30 1 2 3 4 5 6
7 8 9 10 11 12 13
14 15 16 17 18 19 20
21 22 23 24 25 26 27
28 29 30 31 1 2 3