„Времето посно светло да го почнеме и на духовни подвизи себе да се подложиме; душата да ја очистиме, телото да го очистиме; да постиме од секоја страст како од храна и со добродетели духот да го насладуваме; со љубов во нив усовршувајќи се, да се удостоиме сите да го видиме сечесното страдање на Христа Бога и светата Пасха, духовно радувајќи се“ (стихира на Господи повикав... на Вечерна на Прочка).

 

На 06.03.2022 година, во вечерните часови, во храмот „Успение на Пресвета Богородица“ - Каменско во Охрид, беше отслужена Вечерна богослужба, на која чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Плаошко-струшки и Дебарско-кичевски и Администратор Австралиско-сиднејски г. Тимотеј, во сослужение на архимандритот Нектариј, протоерејот-ставрофор Никола Христоски, свештениците Димче Азески и Горан Ставрески, протоѓаконот Николче Ѓурѓиноски и ѓаконот Марко Спасовски. По завршувањето на Вечерната, Митрополитот Тимотеј се обрати кон верниот народ со пригодна беседа, којашто интегрално ви ја пренесуваме. На овој свет ден, од сите верни чеда просиме прошка за сѐ што сме згрешиле, и им посакуваме лесни и богоугодни пости. На многаја лета!

 

Митрополит Тимотеј


Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!
Драги браќа и сестри!


Светата православна Црква како грижлива духовна мајка се грижи за своите чеда и за нивното спасение. Така, подготвувајќи ги за празникот над празниците – светото Христово воскресение, утврдила подготвителни седмици за влез во Велигденскиот пост. Денеска, пак, на оваа впечатлива вечерна нѐ потсетува и опоменува за важноста на нашиот живот како христијани. Нѐ учи како треба да се подготвиме за време на четириесетдневниот пост за достојно да го дочекаме светлото Христово воскресение.


Во Светото писмо, односно во молитвата „Оче наш", Господ Христос нѐ поучува да им ги простиме гревовите на нашите должници, ако сакаме и нам да ни прости нашиот Отец небесен. Со овие зборови и утринава започна светото Евангелие. Ова се истакнува затоа што пристапуваме кон духовен пост, кој по своето значење е многу поважен и посуштествен отколку телесниот пост, кој започнува од утре. Со тоа не сакаме да кажеме дека телесниот пост е неважен и дека можеме да постиме само духовно. Но, треба да знаеме дека духот има предност пред телото, па така и нашиот духовен пост е поважен од телесниот. Важно е да ги разбереме и исполниме зборовите на свети апостол Павле кој вели: „Затоа прославете Го Бога во своите тела и души кои се Божји" (1 Кор. 6, 20). Тоа значи дека треба да Го прославиме Бога со целокупното наше битие, што подразбира да Го славиме и со душа и со тело. Постот не е ништо друго, туку скриен однос кон она што не се гледа – славењето на Бога со целокупното човечко битие.


Кој сака да пости и со пост да се подготви за примање на најголемата света тајна, односно светата причест, во која вистински и реално се соединуваме со живиот и вистински Бог, уште денеска треба да ја очисти својата душа од грев. Тоа се постигнува со постот и простувањето. Најважно е да им простиме на сите, онака како што правел Господ. Тој им простил дури и на Своите непријатели. Така и ние, треба секому да простиме сѐ и да не допуштиме во нашите срца да влезе било каква богохулна мисла или лоша желба. Омразата како адско наследство да ја отстраниме целосно од нашите срца. Така тие ќе се исполнат со божествената љубов.


Кога така ќе почнеме да ја подготвуваме нашата душа, тогаш може уште утре да започне со светиот пост пропишан од Црквата. Постот е воздржување од јадење на мрсна и изобилна храна и од жестоки и силни пијалаци. Тоа има за цел да се скротат телесните страсти. Така, потполно чисти и со душа и со тело да пристапиме кон светата чаша и преку причеста да се соединиме со живиот Бог.


Денешното време, особено кај помладите, личи на времето пред распадот на Римската империја кога важела девизата: карпе дием – грабни го времето. Тоа значи да се живее без многу размислување за било какви вистински и суштествени вредности. За нас како христијани, пак, највредна е верата. Таа треба да нè води и раководи во животот. Треба да живееме според неа и да се покажеме како вистински чеда на светата Црква. Девизата на старите Римјани е земна – земи сѐ што ти дава животот: јадење, пиење, веселби, распуштености и не размислувај за никаков иден свет. Ако сакаме да бидеме вистински православни христијани, треба да се клониме од оваа девиза и да ја прифатиме Евангелската порака. Така верата ќе ни биде главниот мотив, зашто и во Евангелието се вели: „Каде што е богатството ваше, таму ќе биде и срцето ваше" (Мт. 6, 21). Затоа претстојниот период од четириесет дена да го исползуваме за вистинско покајание, а верата да ни биде Христов завет. Да се сакаме како луѓе, зашто човекот е најголемото богатство на земјата. Да ги сакаме луѓето независно од нивните мани и добродетели, зашто во Евангелието се вели дека оној што има повеќе мани има поголема потреба од нашето внимание отколку оној кој има добродетели. Затоа Христос вели дека лекар им е потребен не на здравите туку на болните (Мк. 2, 17). Еден од првите знаци дека ги сакаме луѓето е простувањето. На тоа нѐ повикува и вечернава богослужба. Затоа ние кои се наоѓаме во овој свет храм да го направиме она што зависи од нас, според советот на апостолот Павле: „Ако е можно, доколку тоа зависи од вас, бидете во мир со сите луѓе. И Бог на мирот ќе биде со сите вас" (Рим. 12, 18 и 15, 33). Лесни и благословени пости. Амин!


Прочка
Храм „Пресвета Богородица Каменско" Охрид
06.03.2022 год.

 

procka2022 1procka2022 2procka2022 3procka2022 4procka2022 5procka2022 6procka2022 7procka2022 8procka2022 9procka2022 10procka2022 11procka2022 12procka2022 13procka2022 14procka2022 15 

Fotogalerija

galerija

Izdava{tvo

izdavastvo

Crkoven kalendar

Декември 2015
Пон Вто Сре Чет Пет Саб Нед
30 1 2 3 4 5 6
7 8 9 10 11 12 13
14 15 16 17 18 19 20
21 22 23 24 25 26 27
28 29 30 31 1 2 3