„На светите им приличи секаква слава и секаква похвала, зашто тие пред мечеви вратовите ги приклонија, заради Тебе, Кој си ги преклонил небесата и си слегол. Својата крв ја пролеаја, заради Тебе, Кој се понижи и облик на слуга прими. Дури до смрт се смирија, сиромаштијата Твоја подражавајќи ја. По нивните молитви и по мноштвото Твои штедрости, Боже, помилуј нѐ“ (стихира на Господи повикав... на Вечерна во среда од првата седмица на Великиот пост).

 

На 09.03.2022 година, во Среда од Првата седмица на Великиот пост, во храмот „Успение на Пресвета Богородица“ - Каменско во Охрид, беше отслужена света архиерејска Литургија на претходноосветени дарови, на којашто чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Плаошко-струшки и Дебарско-кичевски и Администратор Австралиско-сиднејски г. Тимотеј, во сослужение на архимандритот Нектариј, протоерејот-ставрофор Никола Христоски, свештениците Димче Азески и Васил Михајлоски, протоѓаконот Николче Ѓурѓиноски и ѓаконот Марко Спасовски. По завршувањето на Литургијата, Митрополитот Тимотеј се обрати кон верниците со пригодна беседа, која во целост ви ја пренесуваме.

 

Митрополит Тимотеј


Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!
Драги браќа и сестри!


Наоѓајќи се во почетокот на Велигденскиот пост, треба да знаеме дека ова е период во кој треба да се бориме со нашите гревови. За да пребродиме или да победиме било кој грев, потребно е нашето срце да го вратиме кон Бога, односно да го согледаме нашиот грев. Должни сме да се молиме со разум и да размислуваме за совладување на неопходните услови за правилен духовен живот онакви какви што ни ги предлага Црквата. Во нашиот живот неопходно е да воведеме самоограничување и самоанализа. Исто така, потребно е внимателно да се однесуваме и кон нашето опкружување. Не треба да допуштиме луѓе со развратен живот да бидат околу нас зашто тие можат лесно да ни го наметнат гревовниот живот. Не помалку е важно грижливо да се однесуваме кон времето. Потребно е да се избегнува празнословието зашто тоа ги троши нашите духовни сили, исто како што неработливоста ги ослабува нашите телесни сили.


Сите овие мерки заедно создаваат услови за решително дејство за надминување на гревовите. Какви се тие дејствија што го победуваат гревот? Одговорот е многу едноставен: Гревот влегол во човековата природа преку непослушноста кон Бога и нарушување на Божјиот закон. Тоа значело занемарување на промислата Божја за светот и луѓето. Значи спротивставувањето на гревот е дејството што е обратно на она што со себе го повлекува гревот. За да се постигне тоа и да се совлада гревот, потребно е во животот да се исполнува Божјата волја. Потребно е да се прими замислата Божја за светот и за луѓето. Потребно е да се научи да се слуша гласот Божји и да се исполнува тоа што ни е кажано.


Дали ние го слушаме гласот Божји? Гласот Божји постојано зборува во нашите срца. Тој ни се јавува преку совеста. Навистина совеста е така голем духовен инструмент што со леснотија може да биде повреден, па и разрушен од самиот човек. Но, независно од состојбата на нашата совест, ние сме способни да го слушнеме Божјиот глас. Господ ни се обраќа со Својата слава која е запечатена во страниците на книгата на животот – Библијата.


Навистина многу луѓе ги слушале словата на Светото писмо и со своите очи гледале, а со ушите слушале. Но, истовремено ниту виделе ниту слушнале. Како што се вели во Евангелието „гледаат и не видуваат; слушаат и не можат да чујат, ниту пак, да разберат" (Мт. 13, 13). Така е бидејќи не ги исполнуваат заповедите Божји. Тие во себе не го распознаваат гласот Божји. Таквите луѓе иако веруваат дека тоа е славата Божја, сепак остануваат неспособни во своето срце да го примат словото Божјо и да одговорат со усилба и вера. Се поставува прашањето: Зошто се случува тоа? Затоа што малкумина вистински го слушаат и применуваат словото Божјо. Потребно е тоа да дојде до нас за и Самиот Бог да се смести во нашето срце. Усвојувањето на словото Божјо не е само рационално чувство. Тоа не припаѓа само на сферата на нашиот разум, туку и во областа на нашето човечко срце. За вистински да се слушне гласот Божји и да се даде одговор на Божјиот повик, потребно е да се каже „да" на својот Создател. Потребно е да се исполнува Неговата волја и на тој начин Самиот Бог ќе се допре до срцата на луѓето. Тоа Божјо допирање се случува во Црквата – во општењето со верата, каде владее и дејствува Божјата благодат. Затоа Црквата вели дека без неа нема спасение, или кому Црквата не му е мајка, нему Бог не му е татко.


Доколку го слушаме словото Божјо, како што ги слушаме зборовите на луѓето, или го читаме словото Божјо како што ги читаме другите книги, ние никогаш нема да одговориме на Божјиот повик. Но, ако го слушаме словото Божјо и се среќаваме со Бога во светите тајни на Црквата кои се исполнети со благодатта Божја, со таа благодат ќе бидеме способни да одговориме на Неговиот повик и да ја исполнуваме Неговата волја. Ние се исполнуваме со Божјата благодат преку светите тајни. Ако во Црквата словото Божјо би се проповедало само од амвон, тогаш навистина само малкумина би собрале храброст да одговорат со сето срце и со целокупниот живот. Таа проповед би била тешко прифатлива за луѓето. Но науката и проповедта Христова се состои и од светите тајни преку кои се добива благодатта. Преку таа благодат ние стекнуваме способност да ги совладуваме нашите гревови. Преку неа добиваме помош за да го исполниме Божјиот закон. Ова е многу важно, зашто без тој дар, независно што размислуваме, никогаш нема да бидеме способни во нашиот живот да се спасиме само со нашите сили. Во нас нема такви сили што можат да нè спасат. Но ние се надеваме на помошта од Бога Кој не гледајќи на нашата слабост и гревовност ни помага. Тој ни помага да се вратиме на патот кон спасението. Да измолиме благодат Божја која ќе нѐ води во царството Божјо. Амин!


Прва среда од Великиот пост
Храм „Пресвета Богородица Каменско" Охрид
09.03.2022 год.

 

prvasredvp2022 1prvasredvp2022 2prvasredvp2022 3prvasredvp2022 4prvasredvp2022 5prvasredvp2022 6prvasredvp2022 7prvasredvp2022 8prvasredvp2022 9prvasredvp2022 10prvasredvp2022 11prvasredvp2022 12prvasredvp2022 13prvasredvp2022 14prvasredvp2022 15prvasredvp2022 16

Fotogalerija

galerija

Izdava{tvo

izdavastvo

Crkoven kalendar

Декември 2015
Пон Вто Сре Чет Пет Саб Нед
30 1 2 3 4 5 6
7 8 9 10 11 12 13
14 15 16 17 18 19 20
21 22 23 24 25 26 27
28 29 30 31 1 2 3